четврток, декември 26, 2024
домаЖивотСценаМЕГАИНТЕРВЈУ СО САШКО НИКОЛОВСКИ: Албумот "Not for Сале", ЗЏМ- Биг Бенд,...

МЕГАИНТЕРВЈУ СО САШКО НИКОЛОВСКИ: Албумот “Not for Сале”, ЗЏМ- Биг Бенд, Реј Чарлс, се мојата музичка легитимација!

Македонската издавачка дискографија од неодамна е збогатена со уште едно вредно издание, албумот “Not for Сале”, на нашиот еминентен музичар кој досега го знаевме како инструменталист, а отсега веќе и како автор на весела џез музика која освежува, анимира и навистина создава еден пријатен амбиент.
Тоа нѝ беше директен повод за средба, а темите за разговор цело време нѝ се испреплетуваа, за некои нешта добивав впечаток како да зборуваме за некоја друга димензија, а не така одамна, иако сето тоа се случувало овде кај нас. И со нас.
*Честитки! На истекот на минатата година нѐ изненадивте со едно ЦД, јавно претставено во декември, ден по концертот на Рамбо Амадеус и Биг бендот- ЗЏМ од Скопје, во кој сте дел.
-Така е!
*Еве ќе почнеме прво од идејата. Да претпоставам дека материјалот е работен во време на карантинот кога од квалитетните музичари експлодира многу музика, која потоа ја преточија во албуми, или можеби се лажам.
-Пааа… Не е така баш. Две песни од албумот се постари од тој период, од која едната е 15-тина години и повеќе. Се работи за песната “Bellissima”, направена во латино стил, и е посветена на Оскар Салас, еден музичар од светски ков кој што последните години од својот живот живееше во Македонија. Ние соработуваме со него на полето на латино музиката, заедно со мојот пријател Дамир Имери. Оскар дојде од некаде, го донесе Тони Китановски, пред едно 15 години и тука најде своја средина, во која што работеше со нас, мал број на музичари кои се занимававме со џезот и остваривме неколку свирки, каде што свиреше со “Тумбао салса бенд”, со разни други комбо состави, а разбирливо и со Китановски. Имавме една убава соработка, тој беше тапанар и конгаш и го владееше оној изворен стил на кубанско свирење, мамбо и таканатаму. Беше еден интересен лик од кого научивме многу, а и тој научи и наши некои традиционални нешта, му се допадна и затоа тој впрочем остана тука. Во една ситуација нѐ собра и нѝ вели “Ајде да направите по една- две песни, ќе ги отсвириме на џез фестивалот во Штип со Тони Китановски”, кој тогаш беше таму, бидејќи се отвори Универзитетот, каде Тони беше декан. Таа песна е всушност од тоа време и затоа му е посветена на Оскар.
*Таа е првата композиција на која сте автор?
– Имам и други од минатото меѓутоа не се ставени на албумот. Но добро, таа е да речеме од постар датум. “Потоа” носи наслов една друга тема, која што е направена во време корона, и неа би ја нарекол коронска. Ја изведовме на стриминг концертот во МКЦ со “Гоце Стевковски септет”, некаде во април- мај 2020 година,кога ќе се сетам беше морбидно без публика, прв пат се соочивме со една таква ситуација, што е неинспиративно. Меѓутоа, ете, тогаш направивме по една две песни, наменски за тој настан, јас, и некои други џезери. Потоа овие две песни со “Меџикал оркестар” и Џијан Емин се преоркестрирани и за еден состав, каде што има гудачки корпус од пет дувачи, вибрафон свиреше Антоние Весковски, имаше и гитара, контрабас, тапани, и нејсе, во однос на таа потреба за Охридско лето ги преоркестриравме песните и ги изведовме. Другите албумски песни се направени во август и септември минатата година.
*Веројатно некој Ве иницирал или сам сте си рекле- ” Ах, сега ми е време за албум”.
– Идејата за албумот е од поодамна, сакав сите мои музички идеи и да ги соберам на едно место, и ги сублимирам во еден таков комбо бенд- оркестар со тројца дувачи… Видете, што е поривот? Јас сум долги години учесник во многу ЦД изданија, и пред да се осврнам подетално на албумот да кажам дека имам свирено безброј концерти, 36 години сум во Опера и балет, 20 и повеќе години бев член на Биг бендот на МРТВ, во 2016 година со Гоце Стевковски сме во иницијативниот одбор во создавање на Здружение на џез музичари, кое што еве сѐ уште опстојува и има направено одлични концерти во изминативе шест години. Да го спомнам Курт Елинг, да го спомнам Рамбо Амадеус, па тромбонистот со Греми награди Луис Бонила, четири настапи со еден од најголемите познавачи на биг бенд проблематиката, Зиги Фајгл. Со Фајгл го отворивме Здружението, во 2016 година, на тема “Битлси” во МОБ… Тоа беше прв концерт, го направивме сефтето. Потоа со него направивме уште три: “Редиохед”, концерт со Дон Менза (легендарен саксофонист), Френк Запа… Имавме и настапи на Охридско лето, Скопско лето, Денови на Македонска музика, настап на џез фестивалот во Загреб со Курт Елинг и таканатаму. Инаку, да дополнам дека Фајл е еден од најголемите познавачи на биг бенд тематиката и џезот воопшто. Тој е професор на Универзитетот во Грац, каде што ѝм беше ментор на нашите млади колеги Гордан Спасовски, Трајче Велков, Кирил Кузманов, Иван Иванов… Се образоваа во Грац и се вратија тука.
*Затоа ние сега имаме една млада џез гарда која многу засили, на некој невидлив начин.
-На многу видлив ха, ха.
*Не знаев од каде доаѓа силата, сега сфаќам.
-Да, една убава маса, една нова енергија без којашто имаше големи шанси да згасне џезот. Како што се згасна и Биг бендот на МРТВ кој впрочем заглави во некои непотребни институционални опструкции. Не знам зошто МРТВ дозволи… А беше еден од стожерите на таа куќа, каде што имаше Народен оркестар, Оркестарот на чалгаџиите, Биг бендот кој се проширува и станува ревиски, фестивалски и станува стожерот на културните музички случувања.
*Како така? Зошто толку лесно го дадовте? Како да немаше буквално никаква реакција, се доби впечаток како да не ве засега. Повеќе бевме растревожени ние од оваа страна отколку вие од таа, или така ми се чини?
-Не, привидно е така. Затоа што, имаше многу борба во однос на опстојување на тој Биг бенд МРТВ. Имаше голем број реакции од интелектуалната фела, меѓутоа како се движевме ние во развој на нашата држава од осамостојувањето наваму, така се напуштаа стандардите кои во тогашна Југославија беа здраво поставени и каде имаше систем на вредности кои што се почитуваа…
*Еснафски.
-Се знаеше што се прави и како се прави, и кој е системот на вредности. По осамостојување државава имаше и објективни проблеми, нормално, но и субјективни. Човечкиот фактор е многу битен.
*Човечкиот одлучува за сѐ. Другото се решава заеднички.
– Да, така е. И во еден момент преовладеа чудна логика, чудни ветрови задуваа таму и ги згаснаа оркестрите и сега немаат оркестри. Сега има само Спортска и Информативна редакција, а МРТВ беше гигант, таму имаше Филмска, Музичка редакција, Музичка продукција, тоа е тоа богатство.
*Музичка и тоа поделена на Забавна, Народна, Класична, емисии за млади таленти, фестивали, програма со сите салтанати.
-Сѐ, сѐ, сѐ. Но ајде да не зборуваме повеќе за тоа…
*Поврзано со ова ми се наметна едно прашање, гледам дека се раѓа идеја да се институционализира Вашето џез здружение. Иако сега, на пример, јас од мој агол, размислувајќи ги нештата, сметам дека доколку тоа би се направило, можеби ќе згасне оној жар што го имате Вие, оној ентузијазам за нешто многу да се направи. Кога си во рамките на институција веќе влегуваш во некои шеми и во некои ограниченоста, кои те кочат, но Вие сигурно имате некои поинакви видувања, поинакви аргументи. Што е најпаметно?
-Искуството кажува дека институцијата може да се “улени”, да те пикне во шема, точно. И да те маргинализира во однос на идејни решенија, на програмски решенија и таканатаму. Чекај, ајде утре имаме проба, ај задутре, ај следниот месец. Ништо. Така згасна и целата работа со Биг бендот на МРТВ. Без идеја би рекол. Но, овој оркестар, на ЗЏМ бил на ветрометина од 2016 до ден денеска. Сѐ што е направено е направено на база на ентузијазам, љубов и работа. И ништо друго. Нормално ние ги газиме овие патеки, условите на ова општество и тоа што сме го направиле мислам дека сме го направиле повеќе отколку што се стандардите на оваа држава.
*Тоа сакав да потенцирам.
-Ете тоа е што нас нѐ држи сѐ уште и тоа ткиво од неколкумина кои го држат сето ова, Гоце Стевковски, Џијан Емин, Кирил Кузманов, Трајче Велков, Гордан Спасовски, јас, и таканатаму, тие се луѓе кои се трудат ова да опстои, и да се развива, а не да стои. Е сега, кога би се институционилизирало, кога ЗЏМ Биг бенд би станало институција, се разбира мора да одговори на програмските потреби. И ние што сме внатре, ова јадро што го споменав, сигурно нема да седиме со скрстени раце. Ќе работиме на програмата. Значи, концерти од секаков тип. Најважната задача би била изведување на авторска музика, настапи на фестивали, домашни и меѓународни. Може да се влезе во мотивација на младите аранжери, како што тоа го направивме сега со последниот концерт на Рамбо, кога ангажиравме неколку аранжери од помладата генерација… Потоа естрадата во оној дел кој може да понуди програма која што ќе биде изведувачка, фестивалска, евергрини, стари нови, на пример пејачи од ковот на Владо Јаневски, Елена Ристеска и помладиве, со што ќе можеме да направиме една програма со еден до два концерти, годишно.
*Годишно?!
-Големи концерти, овој оркестар не е од оние што ќе настапува секој недела, не е тоа поентата. Треба да се негуваат трајни вредности. Тоа подразбира еднаш годишно.
*Да. Трајни вредности. Но мене сега ми дојде идеја, ваков каков што е подготвен Вашиот џез оркестар, бидејќи јас од концертот на Рамбо уште се “заледувам”, уште морници ме лазат од секаков аспект, секој елемент беше склопен во една многу јака приказна, многу врзана приказна, и сега зошто да не со таа подготвеност па и секој месец? Освен млади инструменталисти треба се креираат и исполнители, не само да настапат на шоу “вауууу, има добар глас”, и заборави го, туку да се изградат изведувачи кои ќе траат. Преку концерт тоа најмногу се постигнува.
-Видете, за подготовки на еден фестивал на пример “Макфест”, кога оркестарот на МРТВ свирел, требело два, три месеци, тоа се 30-тина песни, да се проба, да се сними, да се извежба. Ова е комплексен оркестар кој што бара да се негуваат тие високи станарди. Мора да има време на подготовка. Реализација на десет концерти е страшно многу. Ние пред две години изведовме фантастична оригинална авторска музика на Илија Пејовски, школуван на Беркли, еден од нашите најголеми мајстори.
*Многу лесно Ви оди, секој жанр можете и да го спакувате во една многу убава џез варијанта. Навистина сте импресивни џезери.
-Да, можеме.
*Точно, беше тоа еден период кога се разводни работата и џезот не беше етаблиран како што треба, меѓутоа сега со разни свирки, разни концерти, особено со концертот на Рамбо пошироко се виде дека навистина имаме јака џез фела.
– Тоа беше спој на еден рокенрол лик со фантастични интелектуални потенцијали од сферата на текстуалното, филозофското, одлично споено со музичката подлога. Човекот има фантастични познавања од музиката, има музичко образование, знае што е музика, многу добро знае феноменално да спакува текст. Е сега ние тука во соработка со него направивме спој на џез оркестар кој има огромен потенцијал во изведувачка и естетска смисла, и неговата музика. Идејата беше на Џијан Емин и на Гоце Стевковски, тргнавме во реализација, му пуштивме неколку пилот верзии на наши аранжмани тој беше импресиониран, и од таа негова целосна импресионираност особено од концертот, тој изрази желба да дојде во Скопје и да живее одреден период.
*Ха, ха, ха, да нѝ го донесете, јас многу го сакам, ќе го нагостам кај мене, ќе си правиме музика и ќе си свириме.
-Ха, ха… И не само тоа, се прават обиди, тој концерт што беше во Скопје да се отсвири и во Сараево, Љубљана, Белград, Загреб…
*Одлично, тоа мислам повторно ќе го спои Балканот особено онаа интелектуална класа која секаде е повлечена, гледа што се прави и вели “Не сме ние дел од оваа реалност”, а како генерација сме биле дел од една фантастична музичка реалност, зборувам во поранешна Југославија, кога уживавме врвен рокенрол, њувејв, андерграунд… Но еве ќе го поврзам повторно со Рамбо кого сите го обожаваме, нели. Вашиот албум беше промовиран ден по концертот, дали беше тоа можеби наменски и врзано за и тој да е присутен?
-Тогаш беше новинарската прес конференција, а џез промоцијата беше на 14 декември кога комплетниот материјал од албумот го отсвиревме во живо на сцената во Филхармонија кафе. А прес конференција мораше да се направи на 9 декември, ден по концертот, Рамбо беше на пресот и пиевме кафе, дојде само еден новинар, имаше проблем со најава за бомби по училиштата и беше фрка по Скопје. Двајца, тројца новинари ми се јавија со извинување што не можеа да дојдат.
*Се враќаме на материјалот. Сте седнале и сте го направиле август септември 2022. Според ова што ми го кажувате значи Вие сте автор на кого човек сега да му рече “Направете ми композиција” лесно ќе ја направите, сигурно веќе ви е во глава.
-Да, секако. По толку години сериозно професионално со музика, и толку многу музика поминато низ глава, слушната музика, отсвирена музика… Практично знаете како тоа е тоа? Како наполнето буре и треба само да го пуштите чепот да истече. Тоа е еден од постулатите, а вториот како што велеше мојот ментор Илија Пејовски, кај кого имам завршено два семинари за џез аранжирање- “Музиката е негде создадена и негде егзистира, вели. Само треба да ја симнеш. Да ја поддадеш раката и да ја симнеш”. Тоа е тој филозофскиот дел, а овој другиот е практичен. Со години собираш, собираш, собираш, вреќата е полна, и доаѓа време кога треба да извадиш нешто.
*А зошто сте чекале досега, немало погоден момент?
-Мојот пат е таков. Јас станав оркестарски музичар уште кога студирав на факултет. Во трета година на Академија имаше потреба од тромбонист во Опера и балет, се јавив на аудиција, веднаш ме примија и ме вработија, и од 1986 година сум таму. Во меѓувреме се случи Биг бенд, па дури и некои комбо бендови со кои свирев клупски свирки. Паралелно свирев клавијатури, бидејќи 90-тите години беа години на моја борба за егзистенција. Значи, немаше време за креирање, за авторски обиди и затоа што тогаш беше многу поинакво време. Во деведесеттите години не можеше да се сними албум туку така.
*Низа околности. Немавме ни таква слобода тогаш… МРТВ беше единствено место на снимање. Се знаеше кој е автор и не можеш ни така да ѝм влеташ …
-Не можеше така да ѝм влеташ, а можеби и можеше, меѓутоа требаше да се посветиш на тоа, само тој филм да го тераш. Имаше луѓе кои во тоа време си беа само автори, меѓутоа си имале други околности, имале други афинитети. А јас сум тромбонист и морав да го развивам мојот инструмент. И го фаќаш оној пат кој го одиш. Учествував во разни проекти, на пример тоа време свирев на албумот на Гоце Мицановски, каде свири и Оливер Дуев, свири и Гоце Димитровски. Тој беше врвен мајстор.
*Се сеќавам на него, ми беше пријател. Малкумина бевте џезери тогаш.
– Беше наизглед ладен, незаинтересиран, меѓутоа риба во хороскоп и јас сум риба, знам како му тече мислата. Беше “страшен” свирач, аранжер, композитор и сега ќе Ви кажам една кратка приказна, Гоце беше заслужен затоа што нѝ случи концертот на Реј Чарлс во 1996 година во Скопје. Тој беше практично директната причината. Битолчанец кој дојде од Белград, во кризните моменти, во војната со Босна од Србија решава да дојде во Скопје. Нормално, местото му беше во бендот, неверојатен изведувач, учевме сите од него, се радувавме што дојде. И, во 1995 година Оливер Белопета доаѓа во клубот “Штрк”, спроти Италијанска амбасада… А ние по проба ќе отидеме таму на кафе јас Дамир Имери, Љупчо Мирковски и Гоце Димитровски. Доаѓа Белопета и му вели – “Маестро Гоце да ве прашам нешто. Што мислите дали можеме ние да поддржиме концерт и да го следиме Реј Чарлс? Тој прави пет концерти во Западен Балкан имаме ли ние сила или не да го поканиме во Скопје?”. Гоце му вели “Како немаме? Имаме”. Белопета го гледа со недоверба: “Ама јас слушнав од други дека ние…”. А Гоце се смее и му одговара: “Нема проблем јас ќе го направам оркестарот”. Практично беше земен Биг бендот на МРТВ, гудачката секција од Филхармонија, а Реј Чарлс си донесе тапанар, басист, клавијатурист и диригент. И тој пее. И што се случува? Епилогот беше дека тој беше најдобар од сите пет концерти. Белопета го праша менаџерот како поминавте како сте задоволни, му рекол- Па ова беше најдобриот концерт!
*Па ние имаме некој џез плафон од кој фактички сега не смее да се оди надолу. Треба само да се остане таму,и да се надмине.
-Тоа се тие би рекол историски флешови што нас нѝ се случувале.
*Значи Вие свиревте со Реј Чарлс?
– Јас имам фотографии. Јас, Дамир Имери, Љупчо Мирковски, Зоран Крагуевски, Ристо Колев и многу други …
*Многу ми е битно, од средбата со Реј Чарлс, да издвоите некои моменти.
-Сега ќе ви кажам. Од кога дознавме дека ќе бидеме придружен оркестар на Реј Чарлс, оркестарот презема некакви активности во смисла на билдање на кондиција. Нотен материјал не постоеше, ниту пак стигна за да можеме ние да се подготвиме. Системот на работа на кој тие работаат е крајно професионален,и што се случи? Дента претпладне имавме генерална проба кај 10-11 часот во Универзална сала. Тогаш нѝ ги ставија нотите од по 11 листи. Го ставаат материјалот на пулт и бројат, немаше време ни простор за прашања, лекции, било што. Втора проба без Реј Чарлс. Свириме музика него го нема, нема клавир, нема вокал, завршуваме, ги затворат нотите, ги земаат ѝм велиме: “Дајте нѝ уште малку да ги погледаме, да ги поработиме, бидејќи не се едноставни”, тие велат “Шанси нема. Се гледаме вечер”. Луѓето ги собраа нотите и велат “Вечер се гледаме во 20 часот”. Вечерта ги наместија пултовите пред настап, го донесоа господинот великан. Немавме никакви контакти, не смееше. Не смееше ни фотографија да се направи, рекоа “Ако фотографирате ќе си одиме веднаш!”. Но, Зоран Росоманов наш голем бизнисмен, вљубеник во музика, успеа со специјален апарат, меѓу луѓето, да направи три папараци фотографии без да знаат.
*Уф. Реј Чарлс фактички немал комуникација со бендот, бил како свет за себе. Тоа не може да те мотивира за да го дадеш максимумот од себе. А тоа што велите сте направиле најдобар концерт, се должи само на вашиот ентузијазам.
-Тоа сепак беше на високо ниво.
*Тука нема дилема. Не се вложил во воспоставување контакт со оркестарот, ми е зборот.
-Мислам дека се вложи на свој начин.
*Вие само џез музика креирате?
-Во однос на авторството… Видете, ми се вртат разно разни идеи, не мора да е џез ионака и ова што е внатре на ова ЦД е, ајде да речеме во најголем процент џез, но има и фанк.
*Вашиот албум е жив. Кога го земавте албумот во раце бевте задоволен од тоа како излезе?
-Да. Тоа е комплетно мое авторско издание, композиции и аранжмани – Up store, Bluesaic, Fool, “Потоа”, Springs, Bellissima, Chapters, Editio. Има и латино и мамбо. Има 8 инструменти, а 9 луѓе се учесници со тоа што Кирил Туфекџиевски ми гостува на Bellissima и на Chapters, с мојата сопруга Марија Сион Николовска, таа свири на Up store и на Fool. Другите инструменталисти се доста познати, музичари со големо искуство- Дамир Имери, Гоце Стевковски, Дарко Мучев, Зоран Костадиновски, Кирил Кузманов, Трајче Велков, Џијан Емин. Се искреира еден звук и се доби шмек повеќе отколку што јас можев да го замислам. Фантастични музичари учествуваат и ефектот е одличен.
*И дизајнот е многу интересен Вашиот син го изработи.
-Синот Кристин Сион Николовски заедно со Софија Христова, од интернет зедоа фотографии на слободно користење и ја направија обвивката. Поддржувач е Министерство за култура, ЗЏМ и Филхармонија кафе, “Алшар” е студиото каде што е снимано во Карпош 4 во поранешната зграда на МРТВ- Макотекс, кај Ивица Јанкуловски Штрафче.

*Кој Ви е планот ќе одите некаде, ќе го изведете, ќе правите концерт?
-Би требало, да. Чекам да ми се јават организатори. Беа поканети на промоцијата,а не дојдоа од џез фестивалот во Скопје и во Прилеп, меѓутоа имам намера да ги посетам и да ѝм подарам цеде, па ако се заинтересирани ќе ѝм свириме.
*Убаво рековте на почеток за младите. Многу придонесуваат. А вие пак имате една несебична нитка која ја зацврсти таа џез сцена,со тоа што ѝм подавате рака и ѝм посакувате топло добредојде…
-Нивното знаење, нивното присуство овде на овие простори е поттик да можам и јас како ветеран да влезам во едно вакво сценарио на создавање на музика. Да не беа тие не знам дали ќе се обидев. Тие се двигател.
*Тие се потокот што жубори.
-Не е фарса да се каже дека на младите останува светот. Ние се лепиме на нив, на нивната енергија и може нешто да се направи со нашето искуство и нивното знаење и нивната сила.
*Ќе снимате спот?
-Можеби за една од песните, или ќе направам нова. Кај Ивица Јанкуловски има продукција која се вика “Бакарна соба”,снимаат со една кружна камера која цело време ротира и снима. Може да се случи таков спот, но сакам да е во пролет, сакам Сонце.
*Во кој тираж е објавен албумот и каде може да се набави?
-Тиражот е 500, има во Југотон по 500 денари сега засега е на Spotify. Имам намера и во Аудиокултура да го однесам.
*Во секој случај дава печат на Вашата кариера што досега ја имате како музичар и како автор и Вие слободно сега со “Not for Сале” може да се претставувате како со своја легитимација. Верувам брзо ќе заживее, ќе организирате концерти, свирки сѐ што треба. Зборувавме што зборувавме, би сакала Тоше Проески да ни е шлагворд .
-Со Тоше имам настапувано на клавијатури последните две години од неговиот живот. Со него имав посебно искуство. Со самото запознавање искуството беше посебно. Да не зборувам музички. Музички беше генијалец. Со вонредни способности. Со голема љубов, со посветеност и познавање. Љубов кон музиката, љубов кон луѓето, така што, кога тој пееше луѓето се лепеа на него затоа што ја препознаваа таа голема харизма, таа голема аура и љубов кон нив. Тоа не можеш да го скриеш ниту да го изглумиш. Тоа можеш да го изглумиш само во Холивуд, а не во нашите реални животи.
*Имаше една многу интересна и чудна поврзаност меѓу Тоше и бендот. Ве одбрал откако Ве видел на свирка и многу се чувствуваше силен и сигурен со Вас.
-Еве ќе ви кажам нешто што другите не го знаат, прв пат ќе биде спомнато. Во летото 2007 година кога бевме на турнеја во Сиднеј таму дојдоа двајцата менаџери од Лондон за да го потпишат договорот, за негова концертна активност паралелно со албумот The hardest thing. Имаше бајаги странички во кој дел од тие обврски беше да настапи со англиски бенд. На договорањето ние од бендот не присуствувавме, а по кажувањата на Лилјана, ѝм вели “Јас со друг бенд нема да настапам”. Ние го убедуваме “Тошка остави нѐ нас, ние сме тука не бегаме никаде, Балканот е наш, белиот свет терај го сам”. А во Лондон долгогодишна традиција е музиката, има преку 2.500 студија регистрирани, голема индустрија, не можеш лесно да поставуваш услови. Но, ние го убедувавме, тој не прифаќаше.”И вие ќе дојдете”. По последниот големи концерт на Градски стадион тој одмораше десет дена во Крушево, потоа практично тој отиде во Загреб порано, а ние требаше да одиме по два дена, да имаме концерт во Љубљана, турнеа за Карловачко пиво и веднаш потоа за Лондон. Во меѓувреме да ги извежбаме тие две три песни од албумот Hardest thing, да ги отсвириме и да почнеме турнеја, каде што беше вклучена и Бијонсе… А светскиот гитарист што неодамна почина Џеф Бек му отсвири на соло на песната “Aria”, што ја пееја со Џана Нанини. Џана таа година претходно, дојде и во Белград арената заедно ја испеаја на неговиот голем концерт, на 14 февруари… Истата година кога потоа се случи сѐ друго познато…

Валентина Ѓоргиевска Парго

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ