сабота, јули 27, 2024
домаЖивотМЕГАИНТЕРВЈУ СО ЖИВКО ПОПОВСКИ ЦВЕТИН, УМЕТНИК И ХУМАНИСТ: Мајка ми Цветанка и...

МЕГАИНТЕРВЈУ СО ЖИВКО ПОПОВСКИ ЦВЕТИН, УМЕТНИК И ХУМАНИСТ: Мајка ми Цветанка и Мајка Тереза ја нацртаа мојата цветна патека на мирот!

Валентина Ѓоргиевска Парго

Вашата импресивна уметничка мисија, иако почнала пред тоа, еве официјално да речеме од писмото и насоките кои сте ги добиле од Мајка Тереза. Можете ли да се потсетите на тој епски момент, како се случи да се допишувате со најпознатата хумана жена на светот?

На Мајка Тереза, во почетокот на 1984 год. и испратив писмо и слика, работена со маслена техника на дрвце пресечено од гранка од едно многугодишно дрво кај ,,Беко“. Можеби тоа старо дрво го посадила или поливала Мајка Тереза (Гонџа Бојаџиу) како девојка која живеела во Скопје и препознавајќи го тој подарок од нејзиниот роден град, скопјанката Мајка Тереза ми возврати со писмо од 21.04.1984 год. во кое ми пишува: „Драги Живко, Ти благодарам за твоето љубезно писмо и прекрасната слика. Имаме наши сестри во Скопје и ако појдеш до нив, сигурна сум дека тие ќе ти покажат како да учествуваш во нашата мисија на љубовта. Нивната адреса е: „Димитрија Туцовиќ“ 33, Скопје, можеби блиску до тебе. Бедните се секаде околу нас; осамените, несаканите. Биди љубезен и прави им добрина на оние блиску до тебе. И чувај ја радоста на сакањето на Исуса во своето срце бидејќи Тој е верен. Господ нека те благослови. Мајка Тереза!“ Во 2009 година во организација на здружението „Скопјанката Мајка Тереза“ беше организиран настан – По патиштата на Мајка Тереза од Скопје преку Приштина, Ниш, Белград, Загреб, Ново Место, Трст, Венеција, Фиренца, Пиза, Рим, Ватикан, јас подарив свои 99 слики од мироносните цвеќиња, а во средината на сликата аплицирано писмото од Мајка Тереза, при што 99-то му беше подарено на папата Бенедикт XVI во Ватикан.

Годинава, на  14 октомври со уметнички перформанс го одбележавте 100 роденден на Вашата мајка, Цветанка, за која од вашите изјави, знаеме дека е Вашиот лајт мтоив за тоа што го творите сиве децении.

-Со таа прослава во мојот роден крај, еве да речеме  јас веројатно почнувам повторно некоја нова фаза. Тоа е едно планинско село познато по прекрасните шуми, ливади и  кај што тече најубавата ракија, и најубавите цветови, за да се делат низ светот. Годинава го прославив на 14 октомври во рамките на одбележувањето на градот на културата во Демир Хисар. Учесници беа   Здружението „Гороцвет“, Литературниот клуб „Изгрев“, кои одржаа приредба во дворот на мојата куќа наречена „Цвеќе на мирот“ и  ги рецитираа своите песни,  со еден нагласок на Мајката. Тој настан јас го посветив на 100 годишнината од раѓањето на мојата мајка Цветанка, како благодарност што ме родила и ми дала толкава љубов да ги сликам цвеќињата и да ги подарувам низ цел свет, како што таа ја подаруваше својата љубов, својата добрина кон  семејството, кон роднините, кон соседите. Таа имаше една толку убава и благородна душа,со никого не сакаше да направи кавга, туку секогаш да премолчува, да биде добра мајка, добра пријателка. 

Вашите дела се истакнати насекаде, на бројни манифестации Струшки вечери на поезијата, на Скопско лето, Охридско лето, Фолк фест Валандово, на самостојни и групни изложби…Но, пред да се осврнеме на дел од бројните настани кои се случувале во изминативе децении,  на почетокот да ни раскажевте како се случи номинацијата за престижната Нобелова награда за мир, во 2009 година?

-Неочекувано и за мене. При посета на секретарот за Меѓународна соработка во МНТ,  Нелко Нелковски, кој беше запознаен со мојата дејност и мисијата на мирот со цвеќето, во  разговори ме праша дали би прифатил да ме номинираат за Нобелова награда за мир, затоа што, како што рече тој јас со мојата  активност сум направил многу  и сум  амбасадор на мирот. По неколку дена размислување, сепак размислува , наеднаш некако се подуплашив, како тоа јас да бидам кандидат на најпрестижна награда за мир, се согласив. Ни на крај памет не ми падна дека може да бидам меѓу првите. Потоа со Нелко  ја почнавме процедурата за пријавување, тој свика и прес конференција, направивме една интересна  изложба во Градскиот парк. Пративме писма до министерства, до Влада, до Собрание, до пратеници и до други невадини организации, академици амбасадори здруженија и од секаде добивавме поддршка. Дури имавме поддршка  и од Србија, а и од Корнелијо Самаруга, кој пред тоа беше претседател на Меѓународниот комитет на  Црвениот крст. Едноставно како поддршка имавме над 400 поединци и институции. И од 205 кандидати колку што беа таа година, во првата селекција на овие кои типуваа кој ќе биде добитникот, јас се најдов меѓу првите 30, поточно на трето односно четврто место. Таа, 2009 година победи претседателот на САД, Барак Обама, а по него следуваа Никола Сакрози, Пит Сегер, па јас, а по мене беше Бил Клинтон, Хелмунт Кол,  Тони Блер, Владимир Путин и Џорџ Буш. Но, бидејќи таа година ја доби Обама, за што имаше и доста критики во јавноста, како и за Саркози, јас се чувствував некако како морален победник, кој ете од Македонија успеа да котира доста високо на таа листа. Најавата беше – Живко Поповски – Цветин хуманист, миротворец и мисионер со „Цвеќе на мирот“, предложен од Македонската влада.

Еден рекорд кој останува запаметен е Вашиот обид да влезете во Гинисовата книга.

Сликата што ја подготвував за Гинис во 2015 година беше со повод – 1001 година од ослепувањето на самоиловите војници. Не влезе во Гинис затоа што некоја група од 30 уметници направила слика долга 6 километри, но јас можеби мојата слика требаше да ја пријавам во категорија како рекорд на еден човек кој  насликал 1001 метро. Сликата „Цветна патека на мирот“ е на две ролни, тешки 45 кг и широки 20 сантиментри. Ја работевме на Машинскиот факултет, во Лабораторјата за мотори со внатрешно согорување. Четири месеци ја работев на две нивоа, по 8 метра дневно сликав, ја почнав на 5 април на Цветници, а ја завршив на 5 август на роденденот на мајка ми .

Да се вратиме на контактите со светски познатите личности. Имате добиено бројни писма, освен она мошне значајното од Мајка Тереза.

-Во текот на мојата дејност имам добиено писма од Мајка Тереза, и од бројни претседатели и значајни светски личности: Вили Брандт, Ла Пасионарија, Џорџ Буш, Михаил Горбачов, Бутрос Б. Гали, Кофи Анан, Перес Де Куељар, Индира Ганди, Сулејман Демирел, Кенет Каунда и други. Имам добиено писма и од Сандро Пертини. Едно од писмата што му го испратив на Перес Де Куељар беше да направам изложба на ирачко – иранската граница, меѓу „двете завојувани страни“ и тоа некаде по 1988 година. Во 1988 година мировните сили на Обединетите нации беа распределени таму на границата. Тогашен југословенски генерал беше командант на мировсните сили и јас имајќи го тоа во вид сакав да направам изложба „Цвеќе на мирот на границата на мирот“ меѓу Ирак и Иран.

Вашата плодна кариера се најавува и почнува во осумдесеттите.

-На 19 декември 1986 година особено ми беше многу значајна средбата со Блаже Конески кога тој го славеше својот 65 роденден, во ОУ „Браќата Кирил и Методиј“ во Скопје. Јас тогаш му подарив една слика на Блаже Конески и го замолив да ми напише и посвети една песна во ракопис. И му сугерирав да биде забележана со датумот 24 мај, денот на Свети Кирил и Методиј. Тој се согласи, песната ми ја препиша од збирката „Везилка“ за да ми се заблагодари со нагласка „дека нема цвеќе кое што не е убаво“. Ми ја напиша песната „Ружа“, навистина една од неговите најубави песни која што јас често ја рецитирам. Таа песна ме мотивира да одам на Струшките вечери на поезијата, да подарувам цеќиња на мирот и да добивам песни од поети учесници од сите меридијани  и на сите јазици. И така од 1986 година наваму одам редовно на Струшките вечери,  единствено не бев во 2007 кога ја доби палестинскиот Дервиш Махмут, тогаш бев надвор од Македонија.

Колку песни се имаат досега собрано?

Досега во овие 30-тина години имам подарено некаде околу 3000 слики со цветни мотиви, а имам добиено околу 700 песни од поетите. Петре М. Андреевски ми ја посвети песната „Кај ја научи таа магија, пријателу“, многу интересна песна. Но, за Струшките вечери заслуга има и Славко Јаневски,  од него прво добив „виза“, на почетокот, 1986 година. Тој како да ја прочита мојата намера и ми даде „виза“, со зборовите- „Човек што им подарил илјада ружи на луѓето поетите со право му возвраќаат ракопис!“. Тоа мене ми е виза за да јас ја продолжам таа размена на уметноста за уметност, цвеќе за песна во ракопис. А многу ме врзува еден случај со поетот Генади Ајги во 1989 година. Академиците Анте Поповски и Гане Тодоровски за овој руски поет ми кажаа дека тој е еден од најголемите руски живи поети и ми сугерираа да му подарам слика, некоја поубава. Јас се согласив веднаш, зошто нивниот збор навистина тежи. И тие се договорија со него да се сретнеме со фоајето на хотел Дрим во Струга. Таа средба навистина беше незаборавна затоа што кога се поздравив со Генади Ајги, така срдечно се поздравивме и гушнавме како да сме биле пријатели со години. Инаку, за него велат дека бил испратен во Сибир триесетина години во затвор. По час и половина од разделбата Генади Ајги пишува една песна, посветена за мене. Вели “Денот му заблагодарува на Живко А. Поповски“. Една многу јака песна, многу јак текст. Јас бев воодушевен. По некоја година се случува тој да добие Златен венец, а моја практика е на сите освојувачи на Златен венец да им подарам слика, без оглед дали добиле пред тоа или не. За таа песна, која  во 1991 ја имав објавено и во стихозбирка, јас го замолив композиторот  Димче Николески да напише и музика. Кога дојде повторно Генади Ајги, сега веќе како добитник на Златен венец на СВП – 1993 година, неговата песна што ми ја посвети беше објавена во книгата „Цвеќе на мирот“, 1991 година, со препев на македонски јазик. По завршување на прес конференцијата, тогаш му ја подарив книгата, музичката нумера и нова моја слика – цвеќе, при што мојот пријател  Ајги беше многу воодушевен.

На кои домашни и странски манифестации  имаше изложено ваши дела?

Во 1986 година имав изложби во  Шведска, Гетеборг, Хелсинбург, Малме, Стокхолм и Скара за нашите тогашни југословенски клубови.. Исто така, во 1986 година преку Пионерскиот дом  Карпош учествував на изложба посветена на 40 години на УНИЦЕФ – и таа изложба беше во органзиација на Пионерскиот дом, кој имаше воспоставено таква соработка со таков дом во Лубин, Полска, а потоа тие слики 40 симболично се подарени за 40 години на УНИЦЕФ ги подарија на децата на Центарот за здравјето во Варшава. Во таа година 1986,  Црвениот крст на Македонија имаше воспоставено соработка со Германскиот црвен крст, и една наша група заедно со новинарот Стојан Тренчевски со нив, беше отворена изложбата во Бамберг. Тоа беа 40 слики – минијатури и истата вечер беше продадена, а целиот износ на средства од 2.000 германски марки беа подарени за германскиот Црвен крст, за нега на стари лица. Во 1986 имаше и една турнеја на Културно уметничко друштво „Гоце Делчев“ во Канада и во САД, во која  беше вклучен и Симеон Беличанец, и на сите нивни настапи имаше и моја изложба, во  Торонто, Сиракјуз, Бафало, Невада и други градови, меѓу иселениците во дијаспората. Во Полска имав изложби во 1989 година со Пионерскиот дом Карпош каде што и јас бев присутен. Посебно значајна ми е Универзијадата во 1987 година во Сараево, на која подарив 30 слики за најуспешните спортисти. Мојата изложба беше во Хотел „Интернационал“ при што добив златен медал како донатор и писмо на благодарност од претседателот на Организациониот одбор во Хрватска, Видое Жарковиќ. Таму подарив слика и на  5 милијардитиот жител што се родил на Планетава. Значајна изложба е 1995 година во Сан Ремо, Италија кога имаше една Светска конференција за Хуманитарно право, организирана од Меѓународниот комитет на Црвениот крст и на Меѓународната Федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Јас во тој период бев и Претседател на Црвениот крст на Македонија, имав двојна улога со мое излагање на Конференцијата, а потоа имав изложба „Цвеќе, мир, хуманост“. Изложбата ми ја отвори директорот на Обединетите нации во Женева, Владимир Петровски, кој ме покани да направам изложба во Женева….

Просто одушевувачки е колку светски и антологиски моменти се посипани со Вашите цвеќиња.

Има навистина многу, 1989 година е незаборавна и поради деветтиот Самит на неврзаните , каде изложив девет слики во Сава центар,Белград, и подарив 101 слика, за сите земји членки на неврзаното движење, и за Генералниот секретар на ОН Перес де Куељар. Изложбата ми ја посетија повеќе делегации, меѓу кои и Кенет Каунда со делегацијата од Замбија, кој рече: “Борбата за мир не е едноставна, во неа треба сите ние да учествуваме и ние политичарите, и вие уметниците на свој начин. Борбата за мир е движечка сила, поттик, љубов“. Исто така оваа изложба ми ја посети Претседателот на Авганистан, кој меѓу другото рече: „Јас најмногу ги сакам планинските цвеќиња, зошто нивните корења ги придржуваат карпите, јас сакам ти да бидеш цвет. Но, да знаеш  се`  што е убаво живее кратко, а јас тогаш реков една реплика: „Јас затоа ги пресликувам цвеќињата за да живеат вечно“. Оваа изложба ја посети премиерот на Малта, на Малезија, многу амбасадори, новинари и луѓе кои  беа присусни на Самитот, со тоа што по завршување на  Самитот јас добив многу писма на благодарност,  а многу бев изненаден од подарокот што го добив од Садам Хусеи. По 5-6 месеци, тој барајќи ме, трагајќи по мене, ми испрати преку ирачката амбасада во Белград еден персиски килим „Вавилонски бик со харфа“, нивниот симбол. Ми беше поставен на ѕид се додека Ирак не го нападна Кувајт на 2 август 1990 година. Потоа го симнав на под кога видов дека Ирак го напаѓа Кувајт, во знак на простест. Посебно би сакал да издвојам една изложба – карван „Цвеќе на мирот“ во организација на Македонско – српското здружение „Шар планина“, која патуваше  од Зрењанин, каде што учествував во Ликовната колонија, преку Јабука , Белград, Крушевац, Чичевац, Варварин, Трстеник, Брус, Александровац, Врање. Имам и неколку карактеристични изложби и ликовни работници кои ги реализирав во воз. Тоа беше во возот пред 5-6 години на релација Скопје – Белград, во организација на Хуманитарно здружение на Железничарите на Србија, тоа беше „Цвеќе на мирот и хуманоста за соседите“, така се викаше настанот, каде што во еден вагон сликав цвеќиња ги подарував на патниците и на желензичките станици, дури во  Ниш на железничката станица насликав едно цвеќе, а во Белрад на една заедничка вечера со претставници на Железницата и со наши поети и претставници од нашата дијаспора организирани  Здружението „Шар планина“ имавме вечера, каде што покрај поезија, јас имав Ликовна работилница.

Интересни се  вашите настани-изложби во воз.

-Во 2009 година на релација Скопје Битола подарував слики на сите железнички станици, во Велес со песната  „Тутуноберачите“ на Кочо Рацин, во Прилеп со песната,,Ружа“ на Блаже Конески“ и во Битола пораката за мир на градот Битола- градот на конзулите. Потоа имавме вакви сенаси со воз на патот Скопје Гевгелија, на 21 септември заедно со Основното училиште „Живко Брајковски“ од Бутел и со истото училиште на патот Скопје – Гостивар и Скопје – Тетово пак со воз, со една порака за мир, пријателство. И летово со Димитар Илиевски братска средба од Скопје до Битола што ги имавме смултанки во шах со патниците на Широк сокак во Битола, каде зеде учество и Борче Илиевски со битолчани.

Вие велите како некој да ви ги подава цвеќињата в раце и вие ги пренесувате како отелотворена форма, односно од идеја на хартија. Зошто токму цвеќиња, како дојдовте на таа идеја?

-Поетот Ефтим Клетников еднаш рече: “тебе  некој ти ги подава цвеќињата, а  тоа некој се знае кој“. И навистина некоја чудна магија би рекол што се случува меѓу мене боите, шпаклата и белиот лист. А допирот со цвеќињата веројатно има врска со Мајка ми, која можеби ме родила на некоја ливада. Мајка ми се вика Цветанка, јас секогаш тоа го поврзувам со цвеќињата, таа везеше толку убави везови, убави цвеќиња на перничиња, и толку таа ги везеше убаво, толку вистинито, толку чисто што ми се чини мирисаа на цвеќиња, и тој мирис на цвеќињата ми остана во сеќавање, како и мирисот во ливадите. Јас како мало дете, често одев да ја напасам мазгата на татко ми и ми се врежаа сликите како мазгата си ги јаде цвеќињата а јас кинам цвеќиња и и давам во уста. Цртањето дојде потоа, најверојатно во детските денови цртав во песокот со камчиња, форми на цвеќе.

Вие ја сакавте уметноста, а завршивте Земјоделски факултет, претпоставувам сакавте да бидете агроном во вашиот роден крај, кој изобилува со природни убавини?

Јас сакав да учам средно уметничко училиште. Откако во моето село Брезово завршив од прво до четвртто оделение, потоа, со оглед дека и татко ми беше сезонски работник во Монополот во Демир Хисар,  до 8 одделение  учев таму, и имав голема привилегија што воспитувач ми беше Коста Хаџи Антоновски од Битола, кој денес го води „Малиот Битолски Монмартр“, манифестација позната во светски рамки. Јас сум најстариот ученик на Коста и често ме гледаше како моите соученици и другарчиња од интернатот доаѓаат кај мене и ми даваат листови со бои и се што треба четки да им сликам нешто да им нацртам за утре да добијат петки, на час по ликовно. И еден ден ми вели: Живко ќе ти дадам една задача на празникот „29 Ноември“, на Денот на Републиката на табла со креди да го нацрташ  грбот на државата. Јас од почеток некако бев збунет, меѓутоа тој ме убедуваше дека нема да биде тешко дека ќе вежбам една недела пред тоа и дека ќе успеам убаво да го нацртам. Се согласив, и покрај големата трема, вежбав и дојде времето за да се појавам на таа манифестација во училиштето „Гоце Делчев“ пред огромна публика, затоа што во тие места таквите настани се доста посетени. И првата точка беше посветена на мене. Јас мал низок се  појавувам на бината и Коста, кој беше голем педагог им вели во публиката да се изгаси струјата во салата. Се изгасна струјата, настана штама, мене ми одговараше мислејќи дека никој не ме гледа, тој ми даде едно столче да се поткачам да ја дофатам таблата. Така се случи Грбот на Југославија да го нацртам за многу кратко време, се симнувам од столчето, одам кон публиката и грмнува еден силен аплауз. Завршува приредбата, јас го гледам цртежот симетрично поставен, со сите  елементи,  па сфатив дека аплаузот е заслужен. Кога завршив осмо оделение, татко ми ме прашува што ќе се запишувам, јас на сиот глас му велам средно уметничко. Но, бидејќи немаше во  Битола, само во Скопје, ми рече дека не може да ме пушти, тој не работи, мајка ми исто така, пет деца за растење, се нема пари. Јас не сакав во Битола, пружав отпор, до таму што  цела година не одев на училиште во знак на протест за уметноста. Таа година сите работи ги обавував в село рамно со татко ми. Сфатив колку е тешко на нива. Следната година бев принуден да се запишам во Битола, живеев кај тетка ми Флора, а татко ми плаќаше, компензираше. Средното земјоделско го завршив одличен, а меѓу првите и Виша земјоделска школа. Бев претседател на  Студентската организација, Секретар на Сојузот на комунистите, примерен ученик и  истакнат студент, после тоа се запишав уште две години на Земјоделскиот факултет во Белград и станав агроном и потоа повторно се вратив на село и до војска, еден период од 7-8 месеци се обидував да се вратам на ументоста. Тогаш почнав да правам мозаици. Велам никогаш не е доцна да се продолжи. Отидов во школата за резервни воени офицери во Билеќа и на тие ѕидни весници да ги поставувам некои мои мозаици и колажи. Иако во школата имаше и академски сликари, јас добив задача да направам една пригодна слика за началникот и Управата на школата за резервни офицери, скица – војник на стража, на стражарска куќичка, па зелената мрежа околу касарната, планини, грбот на Југославија и цвеќињата како свеченост и тоа им се допадна и предадовме тоа што нацртав. Со еден збор секаде каде што сум дошол во допир со некои институции на работно место сум бил забележуван и на некој начин низ уметноста сум правел разни пригодни креации.

Премногу податоци, успеси и дела споделивте со нас. Доаѓаме до прашањето дали возвратно од  Македонија имате добиено некоја значајна награда  на кој начин се финансирате?

-Искрено речено во поглед на финансирањето, јас имам милион активности направено во разни, градски селски средини, меѓу најмладите, во детски градинки, на факултети, за земјоделци, за најдобри работници, за спортисти, за разни манифестации од областа на музиката, од областа на традиција,а, од областа на науката, по домови за стари лица, едноставно во сите пори во сите сфери од животот на луѓето, сакајќи да го истакнам најдоброто на секој од нас, да покажам солидарност, хуманост кон луѓето, кон природата, екологијата, животните, растенијата. Едноставно кон целокупниот Универзум. Сакајќи најдобрите работи да ги извлечам, покажам, споделам и наградам за она што можам, не барајќи за возврат ништо. Меѓутоа во однос на државата знаеме – ако бараш нешто ќе добиеш, но јас ретко кога сум добил нешто. Освен ситни финансии  од спонзори, од луѓе кои што ги познавам. А инаку, досега еве имав издадено една книга „Цвеќе на мирот“ во 1991 година го финансираше Печатницата „Гоце Делчев“ и таа беше носителот на печатењето. А Фондацијата „Никола Кљусев“,односно издавачката куќа „Нампрес“, со поддршка на Министерството за култура се издаде книга „Цвеќе на мирот, есеи и критики…“. „Монографија“ за Брезово 2003 година по повод Илинденската епопеја, каде е опеано моето село, таа беше помогната од Министерство за одбрана. Сите други манифестации што сум ги правел, сум ги правел речиси без никакви средства, дали тоа преку Македонското здружение за култура, обичаи и традиции „Гороцвет“, каде сум јас претседател или како уметник кој сам ги органиизра своите настани од областа на културата, учество на разни манифестации што се случувале низ нашате земја и пошироко, така со најскромни средства сум направил бројни манифестации и изложби. Над 300 изложби во основни училишта, самостојни и ликовни работниции низ училишта, потоа во 15 градови за средношколците сум направил изложби во домовите за култура, во домовите за стари лица во детските градинки. Сум подарил над 55.000 цвеќина во земјата и во странство, едноставно натаму веќе и не регистрирам.

Во неколку зборови-која е вашата цел и мисија.

-Па мисијата ја нареков безвременска,  не знам дали има некој што подарил толку слики за овие 33 години, а и ако и според библијата оваа 33 е библиска година, во оваа бројка досега е содржана и пораката за мир, мојата мисија „Цветна патека на мирот“ долга 33 километри…

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ