Меѓаши е членка на глобалната мрежа на СОС-линии Child Helpline International (CHI), и во својата работа ја користи методолигијата на евиденција на мрежата. Меѓаши учествува во годишните анкети што ги спроведува CHI меѓу своите членки врз чија основа потоа подготвува извештај што може да послужи како аргументирана алатка за застапување на детските права пред владите, како и да ја унапреди работата на линиите, членки на мрежата.
Во резимето на дојавите се вели дека во текот на 2020 година отворени се вкупно 240 случаи (дојави), со кои дополнително се остварени 287 разговори. Дополнителната комуникација е со цел да бидеме во постојана комуникација и тек со настаните. Вкупно 313 деца и млади се опфатени со дојавите а од нив 95 се машки, 92 женски деца, а за 126 деца не е познат полот. Споредбено со минатата година, бројот на дојавите е зголемен повеќе од двапати.
Минатата година административниот (фиксен) број на Детската амбасада Меѓаши беше најчесто користена, поточно примени се 172 дојави преку овој број. Преку е-пошта во овој период примени се 37 дојави, 17 дојави примени се на ФБ-страницата, 2 дојави примени се по пошта и 12 дојави се поднесени со лично присуство во просториите на Меѓаши.
Најголемиот број од децата или 279 живеат во урбана средина, а 23 деца живеат во рурална средина, непознато 11. Бројот на јавувачите од руралните средини, како и во претходните години, останува многу мал во однос на бројот на јавувачите од урбаните средини. Меѓу можните причини за ова може да е неинформираноста на луѓето коишто живеат во руралните средини во врска со правата на децата, начинот и постапката за нивна заштита, како и недоволното промовирање на СОС-линијата во овие средини. Секако, меѓу причините е и фактот дека најголем дел од населението живее во урбана средина.
За 426 деца постои можно прекршувања на едно или повеќе детски. Најчестите прекршувања се однесуваат на категоријата семејни односи (прекршување на правото на детето за видување со едниот родител при бракоразводни постапки и непочитување на решенијата од центрите за социјална работа), а веднаш потоа се пријавите за прекршувањата на правата на детето при насилство (меѓуврсничко насилство (булинг), физичко насилство, ментално/емоционално насилство, занемарување (негрижа), сексуално насилство). На трето место по зачестеност е прекршување на правото на пристапност до институции, социјални, здравствени и други услуги, потоа проблеми поврзани со ментално здравје, училиште и физичко здравје. Кај голем дел од дојавите се пријавуваат повеќе од еден проблем, со што бројот на засегнати деца по категорија на проблем е поголем од бројот на деца кои се опфатени на кои се однесуваат дојавите.
Првите најчести прекршувања на правата на детето според категоријата на проблемот на кој се однесува дојавата.
Најчесто беа преземени интервенции на обезбедување директна помош или поддршка на контакти во кои се засегнати 93 деца. Исто така, дадени се препораки, информации за контакт на соодветни агенции/институции надлежни за спроведување на законот. Најчесто беа упатувани до служби и институции во зависност од проблемот за кој се јавиле.
Во текот на постапувањето и давањето поддршка, тимот на СОС-телефонот често соработуваше со центрите за социјална работа од Скопје, посебно со Интервентион тим при скопскиот Центар, како и центрите од другите градови, Секторот за внатрешни работи, училишта, Здружението на млади правници, Коалицијата за правично судење и други чинители и организации заради давање подобра и поефикасна поддршка на јавувачите.
*****
Активности за промоција на СОС-телефонот за деца и млади
Во периодот на карантинот, беа изготвени и емитувани на неколку национални и локални телевизии две куси промотивни видеа во коишто маскотата на Меѓаши, Бушавко ги запознаваше децата како и зошто се јавува на СОС-телефонот за да добие поддршка, како и во текот на карантинот како го поминува денот. Истото видео подоцна во текот на ноември и декември беше промовирано во рамките на кампањата на Програмата за мировно образование, преку неговото емитување во јавниот градски превоз (во автобусите од неколку најфреквентни линии) во Скопје. Исто така, СОС-телефонот беше промовиран и во рамките на спроведувањето на истражувањето за состојбата на правата на децата на ниво на цела држава, а во текот на ноември преку социјалните мрежи на Меѓаши беа објавени неколку блогови подготвени од младите волонтерки на СОС-телефонот на теми блиски до младите.
Во завршните согледувања се нагласува дека во вонредни услови на пандемија на КОВИД-19, СОС линијата беше достапна во непрекинат тек. И минатата година продолжи трендот на пријавување на прекршување на правата на децата од страна на возрасни лица. Најчесто тоа се родителите. Децата сè уште молчат и се плашат да го пријават насилството. Тие не се чувствуваат сигурни да пријават насилство, особено кога тоа се случува во домот.
Во голем дел од пријавените случаи забележана е злоупотреба на детската личност и кршење на правата на детето од страна на едниот или другиот родител, кои не секогаш при вакви ситуации ги земаат предвид детските мислења, потреби и интереси. Треба да се вложат повеќе напори од сите чинители за зголемување на свеста на родителите дека со нивните постапки создаваат услови за појава на синдром кај детето − отуѓено дете, кој во понатамошниот психички развоен период на детето може да предизвика многу голема и непоправлива штета. Целосниот извештај може да го превземете тука. В.Ѓ.