Првата детскаапбасада „Меѓаши“ одбележува 29 години од основањето. „Молкот оди во прилог на злоупотребите, затоа Меѓаши низ годините постојано го руши тој молк за детските злоупотреби и детските страдања. Првата детска амбасада во светот е основана 29 Април 1992 година во Скопје, како светска асоцијација за заштита на правата на детето. Досега се направени многу промени во општеството во врска со состојбата на децата и несомнено е дека голем дел од тие промени започнуваат со рушењето на молкот поттикнато од Детската амбасада Меѓаши. Како што е познато, од самото основање се залагаме за почитување на детскиот интегритет преку заштита на детските права и интереси,воедно се грижиме за спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето и развивање на волонтерскиот пристап во работата,“ истакнуваат од „Меѓаши“ на годишнината.
-Во 29 годишното работење сме се соочиле со многу кризни моменти, војни, природни непогоди и состојби во општеството каде децата биле жртви, но последнава криза со Ковид 19 донесе за нас како тим многу предизвици. Пандемијата иако започната во другите земји во светот многу порано и иако Македонија имаше време да се спреми и посоодветно да одговори на истата, кога ни се случи бевме изненадени. Првата детска амбасада во светот Меѓаши беше подготвена да реагира, да излезе на терен и да пружи поддршка, но овојпат имавме невидлив непријател, последиците не беа веднаш видливи, незнаевме од каде доаѓа заканата, всушност бевме збунети и незнаевме како да одговориме на ваква криза. Најлесно воочлив проблем беше недостатокот на заштитна опрема за здравствените работници и решивме од таму да започнеме и со тоа да ги заштитиме децата кои веќе имаа здравствен проблем и лежеа на некоја од клиниките. Донирани беа заштитни маски КН95, оверал одела, мантили и специјални одела за директна работа со заболени од КОВИД-19 на повеќе клиники во Македонија – посочуваат оттаму.
Како што велат, следејки ја состојбата со пандемијата и несоодветниот третман особено на најобесправените и социјално загрозени семејства се обиделе да ги ублажат последиците од пандемијата преку обезбедување училишен материјал и пакети хуманитарна помош.
-Потребно беше време за да ги разбереме и воочиме последиците кои произлегуваат или имаат потенцијал да произлезат од долгото трање на пандемијата, да ги надминуваме стравовите, да разбереме како бројните полициски часови, самоизолации, карантини, не одењето на училиште и социјалната дистанца ќе влијаат врз децата. Откако увидовме дека пандемијата ќе трае, пристапивме кон овозможување простор за децата каде ќе може да се изразат креативно и така ја формиравме платформата на Фејсбук и Инстаграм „Заедно дома“ https://www.facebook.com/
Како и секоја претходна година така и изминатава, Детската амбасада Меѓаши активно ги следеше политиките и случувањата на секое поле од интерес за децата и реагираше на сите политики кои не ги земаат предвидт децата и нивните права на соодветен начин. Активно се борат за разбирање на принципите „најдобар интерес на детето“ и „детско учество“, она што во моментов е потребно да го разберат носителите на одлуки.
-Брзите чекори кон осовременување на образованието и крупните грешки во спроведувањето на онлајн наставата без притоа да се посвети доволно време на следење на функционалноста на новиот начин на образование доведе до зголемување на и онака постоечките класни разлики кај децата. Голем број деца останаа долго време без уреди за следење на наставата, додека голем е бројот и на оние кои следат настава на телевизија, медиум кој не нуди никаква интеракција. Додека се зборува за целосна дигитализација на образованието и е-учебници сеуште има деца кои немаат уреди и пристап на интернет. Од таа причина Детската амбасада Меѓаши во соработка со Центар за управување со знаење, Стопанска комора за ИКТ – МАСИТи Асоцијација на советници за развој започна акција за доделување на 55 компјутери за децата кои немаат, додека со Лајка мобајл распределивме 2000 припејд картички со интернет за децата во социјален ризик – истакнуваат тие.
Во рамките на програмата за Мировно образование со цел изнаоѓање различни начини за актуализирање на проблемот со насилството, зголемување на јавната свест и видливоста на проблемот поставeни беа постери на два автобуси од ЈСП а во автобусите беа емитувани и видеа против сите видови врсничко насилство. Исто така беа одржани 52 вебинари на различни теми релевантни за мировното образование.и обуки на кои учествуваа наставници од 12 средни училишта.
Во тек е и кампањата „ПОТТИКНИ МИР” – активности кои ќе ги промовираат вредностите како што се: еднаквоста, одговорноста, дијалогот, ненасилството, емпатијата, социјалната правда, односно ангажирајќи се на овие полиња, секој/а да даде свој придонес кон градењето мир и општествената промена. Во таа насока, оваа кампања се фокусира на човековите вредности и преземање акција, поттикнување промена на локално и индивидуално ниво.
Петгодишните проекти ,,Да ги земеме правата во наши раце!’’ и „Јакнење на капацитетите на децата за превенција од насилство“ во континуитет работат со наставниот и стручниот кадар во шест основни училишта, како и со учениците за подигнување на нивните свест и вештини за правата на децата, детското учество и превенција од сите форми на насилство. Во рамки на овие проекти посебно внимание беше посветено на детското учество, па така група деца беа обучувани за правата на детето, како да ги застапуваат своите права, а беше формиран и Детскиот совет како советодавно тело на Генералното Собрание на Меѓаши во февруари 2020 година. Во текот на 2020 година група ученици од повеќе проекти на Меѓаши беа активно вклучени во истражувањето за состојбата со правата на децата во Македонија, а потоа и во процесот на подготовка на Детскиот алтернативен извештај за состојбата со правата на децата. Овој извештај беше поднесен до Комитетот за правата на детето при ООН во октормври 2020 година и претставува втор извештај напишан од децата што е поднесен и презентиран од самите деца пред членовите на Комитетот во февруари 2021 година (првиот беше поднесен во 2009 година).
„Вo текот на оваа година, продолжуваме со соработката со поголем број деца – ученици во неколку основни училишта кои ќе осмислат, напишат и реализираат проекти во рамки на своите училишта за унапредување на состојбата на нивните права во училишната и пошироката средина“, додаваат од „Меѓаши“.
СОС линијата за деца и млади 070 390 632 и 02 2645 316 отворена во 1993 година, и во текот на сите овие години обезбеди помош/совет на над 20.000 пријавени случаи. Волонтер(к)ите имаат посебно значење во работата на СОС линијата уште од самиот почеток. Целта на СОС телефонот е да овоможи споделување информации и поддршка за некое прекршено право на детето, помош при застапување и лобирање, промовирање на правата на децата и промоција на линијата како медиум за помош на истите. Во текот на разговорите не се даваат готови решенија за проблемите бидејќи не постојат универзални решенија туку се разговара за можни алтернтиви за решавање на проблемот за кој ни се јавиле. Со Стратегија за унапредување на волонтерската работа во Меѓаши успеавме да направиме промоција на СОС телефонот за деца и млади како алатка за детска заштита и два видео спотови за СОС-телефонот. Од 2004 година СОС телефонот за деца и млади е полноправна членка на CHI-Children Helpline International, меѓународна мрежна организација којашто е признаена од Европската Комисија, Генералниот директорат за правда, како стратешки партнер во јакнењето на улогата на детските СОС линии низ Европа. Оваа глобална мрежа е признаена и на светско ниво и има значајна улога во пдообрувањето на остварувањето на правата на децата засновано на реални податоци за коишто и ние допринесуваме со поднесување извештаи за состојбата на правата на децата од Македонија. Меѓаши започна и кампања за промоција на детските права во март 2021. Истата се реализира онлајн на ZOOM платформата и ќе трае до декември 2021, наменета за ученици од трето до петто одделение. Со оваа кампања ќе бидат опфатени сите основни училишта во Македонија. До крајот на 2021 година ќе биде отворена нова веб страница која ќе понуди повеќе комуникациски канали преку кои ќе можат децата и младите да воспостават контакт со нас на начин на кој тие би избрале.
“Децата се посебен народ. Децата не се национални и верски војсководци. Тие се еден народ кој никогаш не извел револуција или контрареволуција, ниту пак повел војна. Децата не се ни класно ни национално прашање: децата се прашање над сите прашања. Тие се народ кој најмногу страда во воените судири и човекови трагедии“, потенцираат од „Меѓаши“ на својот 29-ти јубилеј.