недела, ноември 24, 2024
домаЖивотСоцијална политика"МЕЃАШИ": Според Конвенцијата за правата на детето секое дете, дури и незаведените,...

“МЕЃАШИ”: Според Конвенцијата за правата на детето секое дете, дури и незаведените, има право на здравствена заштита! 

Неодамна македонската јавност ја потресе ненадејната и смрт на  19 – годишниот Тони  Сали од населба Шуто Оризари, а морбидно беше да се дознае  и информацијата дека момчето воопшто не било заведено од самото раѓање. Имено, податоците за неговиот живот велат дека Тони Сали бил еден од оние деца кои немале извод на родените, државјанство, лични документи, лична карта, ни здравствена легитимација. Затоа во новинарските извештаи сега се вели дека не се знае од што починал, прегледан од доктор не бил никогаш, семејството е од оние социјално најранливи и немало пари за приватен преглед. Одел на училиште и бил скроз одличен ученик, единство што поседувал како документ се свидетелствата од прво одделение до четврта година. Според возраста веќе не влегува во категоријата деца и млади, чии права ги застапува Првата детска амбасада во светот “Меѓаши”, но бидејќи станува збор за долготраен, опсежен и комплексен  проблем, кој засега голема група на незаведени деца кај нас, ќе се осврнеме ретроградно со цел да добиеме некои потребни одговори.
*Како организација која подолго време и подетално е запознаена со овој проблем, Ве замолувам да ми одговорите како е можно се уште да се дозволува да постојат незаведени деца од страна на државата и каде е проблемот, која е процедурата за тие да се заведат? 
-Жално и недозволиво е во 21 век се уште да има деца без документи, деца кои немаат извод од матична книга на родените, младинци или повозрасни без лични карти, без никаква документација за нивниот идентитет, за нивното постоење овде и сега…Најголем број од нив се Роми. Се донесуваа закони досега, одредени промени како да се водат одредени обрасци за нив, но се тоа е заглавено некаде во бирократските структури на институциите. Во меѓувреме еден дел од тие луѓе државата ги смести привремено во колективно сместување во контејнери во Визбегово, дел пак во Автокоманда, некажувајќи колку ќе трае тоа привремено.  Голем број од овие семејства не можат да извадат лични карти бидејќи немаат постојана адреса на живеење, односно затоа што институциите не се координирани меѓу себе, односно оние кои што ги издаваат овие документи и другите одговорни институции како на пример Министерството за труд и социјална политика (МТСП).  Се зборува за бројка од околу 800 луѓе без документација, но поупатените во оваа проблематика зборуваат за поголема бројка.  Останува нејасно како е можно за оваа трагедија, не само за смртта на младото момче Тони Сали туку и за сите овие луѓе кои се без документи, од кои најголем број се млади и деца, да нема обвинение за оние кои не овозможиле да се реализира најосновното човеково право, правото на живот, правото кое го уживаат сите останати граѓани и граѓанки на Македонија. Уште погорчлива е оваа тажна вистина кога станува збор за деца! Без документи тие не постојат, скратени име се сите права, здравстена заштита, образование, топол дом., затоа тие се најчесто на улиците. Во последниот Алтернативен извештај на невладините организации за состојбата со правата на децата во Македонија од 2020 година, се вели дека децата не се заведени бидејќи ниту родителот ниту старателот на детето не поседува документ за идентификација и затоа не можат да го регистрираат своето детево февруари 2020 година беше донесен Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени со кој овие лица требаше да се запишат во посебна матична книга на родените, со што ќе им се овозможи пристапот до образование, здравствена и социјална заштита. Сепак, со евидентирање во посебната матична книга, децата не се стекнуваат со државјанство, зашто е неопходен упис во редовната матична книга на родените. Ова што се случи со Тони Сали за жал само  ја покажува нефункционалноста на спроведување на законот во пракса./Ние се обративме преку наставничките до сооучениците на Тони Сали за да понудиме психосоцијална поддршка.
(Повеќе за Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени може да прочитате тука).
*Дали вината за вакви случаи треба да се бара во непостапување на Управата за водење матични книги, Министерство за внатрешни работи, Министерство за правда или Министерство за труд и социјална политика?
-Одговорноста е на сите надлежни институции, а треба да се работи и на подигнување на свеста на родителите како и на нивно помагање во решавање на овие прашања. Сите надлежни државни органи кои имаа допир со барањето наТони Сали, а беа против неговиот упис во Книгата на родени, треба да сносат одговорност. Тони Сали цели десетгодини се борел со државата да добие матичен број а Управата за водење матични книги не му издавала извод на родени.
*Повремено се шпекулира со одредени бројки за луѓе – фантоми. Имате ли сознанија околу колку се движи бројката на “деца- фантоми” кај нас?
-Во последниот Алтернативен извештај на невладините организации за состојбата со правата на децата, координиран од “Меѓаши”, а во кој учествуваа над 30 невладини организации кои работата во областа на правата на децат, се наведува следното: „Сè уште постојат деца кои не се регистрирани во матичната книга на родените, од кои повеќето се Роми. Главни пречки за дополнителен упис се непоседувањето лични документи на родителите, високите трошоци за ДНК анализа како доказ за крвно сродство, како и непочитувањето на законските рокови за упис поради што постапките може да траат и неколку години. Во 2018 година беа идентификувани околу 700 неевидентирани лица. Нема податоци колку од нив се деца. Во февруари 2020 година беше донесен Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени со кој е предвидено овие лица да се запишат во посебна матична книга на родени, со што ќе им се овозможи пристап до образование, здравственаи социјална заштита. Сепак, со евидентирањето во посебната матична книга децата не се стекнуваат со државјанство, за што е неопходен упис во редовната матичната книга народените. Подзаконските акти неопходни за спроведувањето на законот не беа донесениво законски определениот рок. Не се донесени ниту плановите за пристап до услугите кои произлегуваат од законот. Останува да се види дали законот ќе придонесе за решавањето на овој долгогодишен проблем.“ (Повеќе може да прочитате тука).
*Што се презема за овие деца,  доколку воопшто се презема нешто, што ние граѓаните не можеме да го видиме, освен да прочитаме за проблемот преку медиумите. Како да им се помогне на тие деца за да можат да извадат државјанство, лична карта, здравствена книшка?
-Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени од февруари 2020 година треба да го реши токму овој проблем. Во последните две години на СОС телефонот за деца и млади не ни се обратиле за ваков вид проблем, но претходно вакви случаи сме имале и скоро секогаш биле Роми. Најчесто ни се обраќале за проблеми со кои се соочуваат при добивање социјална и здравствена заштита – неможност да добијат матичен лекар за своитедеца, неможност да добијат социјална заштита според Законот за детска заштита и слично. Она што “Меѓаши” го прави веќе 20 години е поддршка на овие лица се доделување помош во вид на облека, обувки, храна, материјали за децата како тетратки, боички, и слично,  но исто така и ги упатува и до соодветни организации што имаат фондови и се специфично насочени кон решавање на оваа проблематика.
*Дали сметате дека и медиумите доволно или малку информираат за овој проблем, јасно или не сосема разработено, треба ли поголема видливост?
– Медиумите секако имаат голема улога и можат да придонесат во подигнување на свеста на јавноста, но преку целосно и добро разработено информирање за проблемот. Сметаме дека за овој вид на проблематика најсоодветно би било истражувачкото новинарство кое би дало најрелевантни, валидини податоци  односно бројки и статистика за целата состојба.
*Како да се направи /забрза овие деца да го остварат правото на здравствена заштита, зарем тие деца треба да живеат во целосен ризик и опасност, како и отфрленост од општеството? Немаат ли право на здравствена заштита на било каков начин? 
-Според Конвенцијата за правата на детето секое дете има право на здравствена заштита. Принципот на недискриминација е основен за остварување на сите права, без оглед на какви било разлики меѓу децата. Станува збор за документ кој има дури и поголема важност во една држава, а Македонија е потписничка на Конвенцијата и сите закони што на кој било начин се однесуваат на заштита на децата и нивните права ја земаат предвид Конвенцијата. Тони Сали е примен е во училиште без документ од матично поради почитувањето на правата во Конвенцијата.
*Она што остава уште погорчлив вкус дека Тони Сали не само што не можел да земе државјанство, со негово име нема да  му се издаде ни посмртница. Единствен документ и доказ дека постоел, ќе останат неговите петки од прва до последна, во свидетелствата и  освоените домашни и меѓународни награди од натпревари и свидетелствата. Тони беше Ром, а претежно деца од ромско потекло и социјални случаи се фантом деца, незаведени во системот. Помина “Декада на Ромите” во која се направија безброј проекти за нив, се вложија многу пари, имаме доста невладини организации за заштита на Ромите, имаме невладини организации за заштита на сиромашните, имаме невладини организации за човекови права… Дали имате сознанија од нивна страна  да е преземен навистина конкретен чекор во пробивање и решавање на овој проблем? Во кој дел треба да се поактивни?
-За ова прашање најсоодветно е да се обратите кај Ромските организации.
Друго, ве молиме избегнувајте го изразот ,,фантом“ бидејќи тие деца не се фантоми, тоа се вистински деца, тука се, видливи се, а тоа што општеството и сите ние сме ги направиле невидливи или сме дозволиле да се невидливи, тоа е друг проблем. Одговорност за нив носиме сите кои сме дозволиле индивидуално и колективно да не се решава овој проблем, да не им се помогне на овие деца, тоа е трагедија на едно општество.
*Кој треба да понесе одговорност за ваков пропуст кој открива еден голем пропуст во системот, и ако веќе не може да се обратиме во земјава за обезбедување на овие права, во ера на компјутери и дигитализирана евиденција, знаете ли каде да се обратиме надвор од неа за помош, со цел да не се случи повеќе ваков или сличен случај, особено кај децата?
-Претходно спомнатиот Алтернативен извештај за состојбата со правата на децата на 30 октомври 2020 година беше доставен до Комитетот за правата на детето при ООН кој врши периодичен мониторинг на државите потписнички на Конвенцијата за правата на детето со цел да направи увид каква е состојбата, колку добро институциите и политиките ги гарантираат и овозможуваат почитување на правата на децата и после целосно и сеопфатно консултирање даваат препораки до конкретната држава кои се областите во кои треба државата да посвети дополнително внимание. Препораките од последното известување до Комитетот се очекува да бидат доставени до Македонија на почетокот на 2022 година и ќе видиме кои области Комитетот ќе ги нотира дека треба да се работи дополнително.”Меѓаши” будно го следи овој процес и ќе реагира соодветно. (Повеќе за претходните Препораки на Комитетот за правата на детето при ООН може да прочитате тука.
Валентина Ѓоргиевска Парго

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ