петок, декември 20, 2024
домаКУЛТУРАЛиковна уметностМеѓународна изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа“ ...

Меѓународна изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа“ во Мала станица

Меѓународна изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“ на која ќе заземат учество десетина уметници од европската и балканската уметничка сцена, ќе биде отворена на трети септември во Националната галерија на Република Северна Македонија – Мала станица.

„Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“ е меѓународен изложбен проект кој вклучува уметници од Република Чешка, Словачка и земјите од поранешна Југославија, а е во рамки на „19. АКТО фестивал за современи уметности“.

Македонската јавност ќе има можност да погледне дела од селма баниќ, Ленка Ѓоројевиќ и Матеј Ступица, „Хевит колектив“, Лукаш Хофман, Барбора Клајнамплова, Доротеј Нешовски, Данило Прњат, Павла Сцеранкова, Јижи Скала, „Стонителерс“.

– Се чини дека без разлика колку упорно и ревносно се обидуваме, ние-слободните културни работници, уметници, куратори, културни продуценти-немаме доволно време, но уште поважно, време за работа. Капиталот го има колонизирано концептот за распределба на времето: нема време за креативност и нема време за одмор. Немаме време да работиме, а истовремено нема момент без работа. Под превезот на флексибилност, мобилност, слобода и автономија на избор, делување, правење значајни и политички напори, ние самите се правиме несигурни и нашите специфични и работни услови ја потхрануваат неолибералната машинерија оставајќи нѐ постојано исцрпени, прегорени, прекарни и на некој начин, лишени од време – објаснуваат организаторите.

Изложбата ќе биде отворена до 24 септември, а на затворањето ќе се одржи и промоција на брошурата „Прекарно за почетници“ и на публикацијата „Острови на сродство: Колективен прирачник за инклузивни и одржливи уметнички институции“.

Оваа изложба е една фаза од долгорочната посветена борба за подобрување на работничките права во уметноста и културата во Северна Македонија и е еден вид продолжување на серијалот на „АКТО 19“.

Досега „АКТО 19“ одржа целодневен музички настан „Градот ме тера да пеам“ во Битола во партнерска соработка со платформата „СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ“; серијата на мурали низ Македонија, односно на Националната установа Центар за култура „Кочо Рацин“ во Кичево,  на објектот на Националната установа Центар за Култура (НУЦК) „Марко Цепенков“ во Прилеп и два мурали на зградите на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов во Скопје; и меѓународната изложба и јавна програма „Куќата што се распаѓа“ во Музеј на Македонија во рамките на проектот „Не сакаме да бидеме ѕвезди (туку дел од соѕвездијата)“.

До крајот на годината во рамки на фестивалот „АКТО 19“ предвидени се уште неколку настани.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ