Пишува: Филип Спировски
Миење на раце и дезинфекција не се доволни да не извлечат од кризава. Менталната хигиена мора да се вклучи инаку нема да се спасиме од плукање на огледалото во лифтот како најизопачен облик на контаминирање.
Лифтот во зградата во која живеам беше вон функција 6 месеци. Го оспособивме и 4 – 5 месеци функционира беспрекорно. Тука нема ништо интересно ако не се појавеше плуканицата на огледалото од лифтот која катадневно и ревносно ја обновува ликот од комшии. Се уште не знаеме кој е ама со појавата на корона очекувам да се самопријави или самоизолира. Инаку не предвидувам среќна иднина на жителите од нашиот влез!
Кога сме кај плукањето плукаат сите: ама кога претендент за дипломат и висок опозициски функционер бара олеснување и помош на транспортниот сектор тука плуканицата смрди. Не можам да разберам кога врвот на опозицијата е заинтересиран за сектор на кој му е*аа мамата додека владееја, во време на пандемија и во време на вонредна состојба. Каква црна помош на транспортот посебно патничкиот кога 5 те проценти на ддв во домашниот и ослободување од ддв во меѓународниот превоз овозможија криминал, затајување и злоупотреба колку сакаш, но тоа го знаат само инволвираните. И сега наеднаш кога се во лер тие истите кои пазарните вредности ги разбраа како делување на нелојална конкуренција и долги години наместо инвестирање, одржливост и технологија (дигитални тахографи), правеа фактурирање и двојни тахографски ленти за затајување на километража и брзина, бараат помош – субвенции, како земјоделците.
За да разбере читателот ќе објаснам дека раскантаните автобуси, повеќето полнолетни, овозможуваат лиценца за превоз и со тоа еднакво да наплаќаат со 20 пати поскапите и понови автобуси на туристичките агенции кои мораа да ги поделат фирмите и да направат, поточно, да формираат нови транспортни фирми и да работат преку нив зашто туризмот во државава е башка приказна. Така, фирма за превоз која вработува 2-3 возачи работи порентабилно од туристичката агенција која работи со минимум 4 високообразовани вработени, а не може да извади за плата.
Во околности на пандемија ресурсите се на располагање на државата. Фала богу државата премина во други раце од оние на Груевски, Тодоров, Миле, Диме, Спире…, (за кои имам неверојатно силно чувство дека сонуваа за вонредна состојба од било кој вид), ама инерцијата на инфицираните медиумски работници од таа власт ги бутка да тарашкаат низ пепелта во обид да најдат нешто од типот криминална набавка. Е, ама сега има мерки и за лажните вести па да видиме до кај ќе газат ивоните и латасите.
Доколку продолжи овој тренд на позитивна, сеопфанта, и посветена работа на институциите предводени од кризниот штаб, со преполовените вработени може веднаш да се направат избори со еден список и со актуелнава Влада на чело. Има големи шанси да добие двотретинско мнозинство од прва. Тие што работат од дома нека си останат и нека земаат плати. Наставниците може да продолжат со интернет активности за едукација на децата. Само тие си знаат дали ќе се снајдат со онлајн 24/7 прашања од родителите. А децата нема да останат неписмени. Дури мислам дека полесно ќе се определат кој пат ќе го фатат.
Конструктивна опозиција треба оти не чини да ни биде многу убаво, може да се заборавиме и да не изненади непотизмот и клиентелизмот. Од друа страна, во пандемискиве услови, ете шанса за судството да си дојде во вистински колосек, да здивне од пресијата на јавноста и да стави ред во своите редови и да не внесе во нормала, т.е. да заличиме на правна држава.
Ако коронава е дното тогаш нека го допреме и да почнеме да мрдаме нагоре. И така познати сме по опоравување после несреќи – од земјотресот, преку понекој погреб, и 27 април…