Како што пренесуваат босанските медиуми поранешниот висок службеник на босанските Срби и осуден воен злосторник Момчило Крајишник (75) почина денеска во болница во Бања Лука како последица на коронавирусот. Според информацијата проследена од клиничкиот центар во Бања Лука, Крајишник се лекуваше таму од 30 август, кога беше примен поради воспаление на белите дробови и оттогаш беше на респиратор.
Колку за потсетување Крајишник беше осуден од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија на 20 години затвор во 2009 година, прогласувајќи го за одговорен за воени злосторства во Босна и Херцеговина. Од затвор беше ослободен во 2013 година по издржување две третини од казната и оттогаш живееше во Палама, но остана политички активен промовирајќи ги истите политики за кои беше осуден. Крајишник беше познат како најблизок соработник на воениот водач на босанските Срби, Радован Караџиќ. По првите повеќепартиски избори во БиХ во 1990 година, тој беше избран за претседател на Собранието на тогашната Социјалистичка Република БиХ.
А.Н.