Мона Лиза добива нов простор во Лувр, а музејот ги зголемува цените на билетите

0
24

Францускиот претседател Емануел Макрон го претстави својот проект за „нова ренесанса“ во изложбениот простор каде што се наоѓа светски познатата слика „Мона Лиза“. Во рамките на оваа иницијатива најавено е и оформување на втор влез во музејот Лувр, за што ќе биде распишан меѓународен конкурс, со цел да се намали притисокот на посетителите кои секојдневно минуваат низ познатата стаклена пирамида.

Оваа најава беше врвот на говорот на Макрон, кој зборуваше пред славниот портрет на Леонардо да Винчи, претставувајќи ја својата визија за трансформација на најпосетуваниот музеј во светот.

Една од најголемите промени што ќе се реализира до 2031 година ќе биде преместувањето на „Мона Лиза“ во нов изложбен простор, каде што нејзиното разгледување ќе биде дополнително наплатувано.

Покрај ова, од минатиот месец се воведени нови тарифи за влез, при што посетителите надвор од Европската Унија ќе плаќаат повеќе за влез во музејот.

Макрон со ова одговори на предупредувањата на директорката на Лувр, Лоренс де Кар, која истакна дека музејот се соочува со сериозни проблеми со пренатрупаност и застарена инфраструктура.

Во писмо до владата, кое беше објавено на почетокот на овој месец, таа нагласи дека пирамидата, која од 1989 година служи како главен влез во музејот, веќе не може да се носи со сегашниот број посетители, кој надминува девет милиони годишно.

Де Кар исто така истакна дека „начинот на кој е изложена „Мона Лиза“ мора повторно да се разгледа“.

Околу три четвртини од 30.000 посетители дневно ја гледаат славната слика, но тоа искуство веќе се претворило во тест за издржливост – гужвите се огромни, а секој посетител има во просек само 50 секунди за да ја погледне сликата и да направи фотографија.

„Публиката нема време да ја разбере уметноста на Леонардо да Винчи, што го доведува во прашање целиот концепт на нашата јавна мисија“, напиша директорката на музејот.

Големи архитектонски промени и обновување на Лувр

Како дел од новиот проект, источното крило на Лувр – каде што моментално се наоѓа класична колонада, малку користен плоштад и декоративен ров – ќе биде редизајнирано.

Новиот влез ќе води кон подземен изложбен простор под Cour Carré, кој потоа ќе биде поврзан со областа под пирамидата.

Макрон најави дека ова ќе биде најголемата промена во музејот во последните 40 години, откако во 1980-тите претседателот Франсоа Митеран го реализираше проектот „Големиот Лувр“.

Според францускиот претседател, новата фасада ќе биде дел од урбанистички проект за претворање на околината на музејот во зелена зона со дрвореди, што ќе му помогне на Лувр да се интегрира во градот и да биде повторно „музеј на Парижаните“.

Воедно, преместувањето на „Мона Лиза“ ќе им овозможи на посетителите подобро да ја доживеат сликата, а во исто време ќе ги направи попристапни и останатите ремек-дела во Salle des États, кои, според Макрон, често се занемаруваат поради преголемата концентрација на туристи околу „Мона Лиза“.

Во следните години ќе се преземат големи обнови во Лувр, вклучувајќи модернизација на инфраструктурата, нови тоалети, ресторан и простории за одмор.

Вкупната цена за овие промени се проценува на неколку стотици милиони евра.

Макрон истакна дека проектот нема да биде финансиран од даночните обврзници, туку ќе се обезбеди преку приходи од билети, донации и спонзорски договори, како оној со Лувр Абу Даби, пренесува BBC.

А.Н.