Градот со својата архитектура е навистина разгледница за очите и за душата. За потписникот на овие редови најголем впечаток остави стариот дел на градот и Олимпиското село во кое е сместен и Биодомот, како и патеката на Формула 1.
Поканата да заминам на десетоденевн престој во Монтреал дојде сосема неочекувано. Како гром од ведро небо! Дотолку повеќе што во тој период живеев во Франција и виза за најубавиот град на Северна Америка требаше да вадам токму во Париз. А, со македонски пасош! Но, љубезноста на Канаѓаните ја почуствував уште во нивната амбасада, каде што вработените лично се заангажираа за мојата авионска карта. Значи сe по пропис!
По слетувањето на аеродромот и кадилакот кој што не пречека за да не одведе до хотел, беше уште едно пријатно доживување. Хотелот – стандардно американски, нешто поголем од станот во којшто дотогаш живеев. А, од 18 –от кат на кој што бев сместена цел Монтреал се пружа пред мене. Најубав е погледот ноќе, кога целиот град е осветлен и кога чиниш сe ти е пред себе.
Средбата со Монтреал, особено со неговите жители е нешто посебно. Приказните за срцето на Северна Америка и неговите жители дојдени буквално од целиот свет, му даваат посебен шмек на градот. Колку нации, толку култури. Францускиот и англискиот јазик се двата јазика кои се слушаат наизменично, но овде на улица може да се слушне и некој од бившо – југословенските јазици. А, сите негови жители носат нешто посебно од својата традиција.
Градот со својата архитектура е навистина разгледница за очите и за душата. За потписникот на овие редови најголем впечаток остави стариот дел на градот и Олимпиското село во кое е сместен и Биодомот, како и патеката на Формула 1.
Монтреал со над три милиона жители е пример како треба и како може да се постави сообраќајната инфраструктура. Гужва никаде и никогаш! А, олимпиското село – приказна себе и сведоштво за едно време. Спортската сала и сиите објекти сe уште се во својот сјај, бидејќи случајните туристи обавезно го ставаат овој дел од градот како една од обавезните дестинации. Како составен дел на тоа е и Биодомот, во кој на рака ви е целиот биодиверзитет.
Сепак, доколку сте повеќе љубител на урбаната средина и шопингот, Монтреал е вистинското место. А, шетајќи ќе го разгледате и градот. И, неговата архитектура. Незамисливо е да се појде во Монтреал, а притоа да не се види Маунт ројал паркот, прекрасна и величествена црква “Нотр-дам” која американскиот архитект Џејмс О”Донел ја дизајнирал во 1829, очигледно по примерот на познатата црква “Нотр-дам” во Париз. Тука е капелата “Морнарска црква” во која има дрвен модел на брод што морнарите и го дадоа на црквата во знак на благодарност како заштита при долгите пловења. Во стариот град можат да се видат спомениците на лорд Хорацио Нелсон, херојот од Трафалгар, споменикот на Пол де Шомеди де Мазонев, основачот на Монтреал, кој е сместен во познатото “Место на оружјето, тука е сместена најстарата зграда што ја подигнаа свештениците кои во 1657 дојдоа во оваа област, потоа судската зграда подигната во 1856, како и класичната зграда на најстарата банка изградена во 1847, прекрасната градска куќа подигната во 1872 година, хотелот “Нелсон” од пред 200 години итн. Но, да не заборавиме, тука се и футуристичките зданија на казиното или на олимпискиот комплекс, тука е т.н. футуристичкиот хабитат “67 кој има над 100 апартмани во 345 модели, потоа Историскиот и археолошки музеј или комплексот на ИМАКС театарот, исто така со футуристички обележја во изгледот и технолошките можности кои ги нудат.
Но, Монтреал е исто така град кој нуди можност за долги шетања и “шопингувања”, а притоа да не се заморите. Неможе да се замисли шопинг центар или стоковна куќа во која нема место за одмор, да се напиете кафе и да се поприкажете со пријателите.
Ноќите се резервирани за луда забава, за оние помладите или мирна вечера во некој од многуте ресторани. Мене голем впечаток ми остави еден италијански ресторан во кој имаше над 500 вида на вина и девојки облечени на бретели, иако надворешната температуре беше нешто под нулата. Забавата се движи меѓу улицата “Кресен” каде што може да доживеете моден шок, бидејќи тука се сместени најпознатите креатори (Армани, Валентино, Версаче), кафулиња и ресторани чии сопственици се светски ѕвезди. Компарацијата на оваа улица е со онаа на Петтата авенија во Њујорк. Но тука се и посебните квартови каде што им е “дозволен влез” само на помладите, како и улицата Сент Лорен која е идентификација со брзата храна и центар на емигрантите од пониска класа кои нелегално се населиле во оваа држава.. Но, овој град ќе ми остане во сеќавање и по многуте секси-шопови и пин ап клубови кои работат по 24 часа. Монтреал е град кој нуди за сите по нешто!
Неговите жители, пак, велат дека тој е град приспособен за студентите бидејќи тука се наоѓа вториот по големина Универзитетски центар по француски јазик во светот – Мекгил универзитетот. За студентите тука има од сe по нешто, а има и за туристите кои случајно ќе залутаат во срцето на Северна Америка.
Овој прекрасен град отсекогаш успевал да го задоволи вкусот и на познатите личности од американскиот џет-сет, кои често ќе ги сретнете во шопинг по улиците на Монтреал или на кафе на Кресен. Ако толку престижни персони можат да уживаат во Монтреал, верувајте би уживале и вие.