недела, декември 22, 2024
домаНасловнаМошук и Братеску за 58то Охридско лето

Мошук и Братеску за 58то Охридско лето

Со спектакуларен концерт  на големата романска оперска дива Елена Мошук започна 58-то издание на фестивалот „Охридско лето“, која на крајот на концертот ги почести гостите со прекраснаизведба на „Македонско девојче“и ги собра аплаузите од публиката.

Вечерва, со спектакуларен концерт на познатиот светски сопран Елена Мошук, тенорот Калин Братеску и диригентот Николае Молдовеану започна 58то издание на „Охридско лето“.

Двете оперски ѕвезди под диригентската палка на маестро Николае Молдовеану и придружувани од беспрекорниот оркестар на Македонската филхармонија уште еднаш ја потврдија репутацијата на Мошук како еден од најекспресивните сопрани во светот, како и на уметникот Братеску, кој го има епитетот на еден од најбрилјантните тенори на денешницата.  На репертоарот моќеа да се слушнат најпознатите и најпопуларните  оперски арии од Џакомо Пучини, Чарлс Гуно, Пјетро Маскањи,Винченцо Белини и од Џузепе Верди. Како посебно изненадување оперската дива Мошук ја изведе композицијата „Македонско девојче“ со што ги воодушеви посетителите на Антички театар и ги собра аплаузите на публиката.

 

Овогодинешниот фестивал„Охридско лето“, го прогласи за отворен Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов кој патем е и покровител и кој рече дека уметниците коишто ќе настапат на фестивалот, со себе  ќе го донесат светот, а потоа, во светот ќе го понесат Охрид како македонско огледало на европската култура.

На свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“ кој се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура, се обрати и министерот за култура Асаф Адеми  кој кажа дека токму овој фестивал што постои 58 години, зборува на најуниверзалниот и најбожествениот јазик.

Никола Ристановски имаше чест да ја прочита фестивалската уметничка порака кој притоа нагласи дека уметноста нема да се предаде, зашто како што рече, таа е последната палуба каде што луѓето се заедно,а вонвременскиот Охрид  е нејзиното приридно пристаниште.

„Уметноста е последната хумана интернационала. Нејзината палуба е последното место каде навистина сме заедно. На нејзиниот кораб се распнати едрата на убавината, дарбата, прозрачноста, слободата и едноставната верба. Верба на дете што некогаш само за миг ја прекинува својата детска игра за да откине парче леб од ноќите, колку да не заборави на животот. На оној кој навистина се случува…“, рече Ристановски, пренесувајќи ја фестивалската порака.

По грандиозниот концерт на Мошук и Братеску,  следуваше спектакуларен огномет над охридското небо, традиција која беше прекината повеќе години.

Утре на репертоарот е театарската претстава „Стаклена менажерија“ од Тенеси Вилијамс, во режија на Софија Ристевска Петрушева и во изведба на Народниот Театар од Охрид. За овогодишниот фестивал предвидени се 40 фестивалски вечери исполнети со 46 настани на кои ќе настапат над 800 уметници од 27 земји од светот. 

Н. Доковска

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ