Големата светска оперска певица Елена Мошук, една од петте најдобри сопранистки, денеска на прес-конференција во хотелот „Инекс Горица“ во Охрид заедно со своите колеги, уметниците Калин Братеску и Николае Молдовеану, го најави концертот за свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“. Сопранистката Мошук, скромна во своите побарувања околу престојот и настапот во Охрид, сепак не го криеше задоволството што е дел од еден голем културен бренд, фестивалот „Охридско лето“, но и што престојува во, како што рече, во прекрасен град како Охрид.
-Првпат сум во Македонија. Немав многу слушнато за фестивалот „Охридско лето“ но кога прочитав на интернет видов дека е фестивал со огромна традиција на кој настапиле многу светски имиња. Исто така многу ми се допадна и вашата земја. Среќна сум што сум дел од програмата на „Охридско лето“, изјави оперската певица Елена Мошук која пред да пристигне во Македонија, настапила на затворањето на еден романски фестивал, но таму интерпретирала програма со помодерни дела, за разлика од репертоарот за отварањето на „Охридско лето“.
-Одбравме репертоар од најпознати, најпопуларни оперски арии и се надеваме дека ќе уживате во прекрасната вечер на која ќе настапиме заедно со оркестарот на Македонската филхармонија, додаде Мошук.
Романскиот тенор Калин Братеску кој исто така првпат е во Македонија, изјави дека е почестен што е поканет на толку голем и значаен фестивал, како што рече, токму во убавиот град Охрид.
-Со Елена соработуваме долго време. Првпат настапивме со операта „Трубадур“ . Ви ветуваме заедно со маестро Молдовеану и оркестарот на Македонската филхармонија еден прекрасен концерт, најави тенорот Братеску.
Николае Молдовеану под чија диригентска палка ќе настапат оперските уметници и оркестарот на Македонската филхармонија изјави дека е голема честа што заедно со неговите колеги ќе придонесат на уметнички начин во убавината на фестивалот „Охридско лето“.
-Чест ни е што сме поканети на овој фестивал и сме среќни што ќе имаме можност да придонесеме на еден уметнички начин кон убавината на овој фестивал. Јас веќе имав можност да соработувам со Македонската филхармонија, пристигнав вчера и веќе имавме една проба. Концертот ќе го почнеме со една увертира, а потоа продолжуваме со италијански оперски дела, и со неколку француски арии од опери. Би кажал дека ќе стане збор за еден популарен репертоар којшто е познат на сите, бидејќи вакви концерти од отворен тип не се обични културни настани, туку имаат и свое политичко значење затоа што ние уметниците сме еден вид амабасадори на културата кои пробуваме на своевиден начин да помогнеме во зачувувањето на мирот, рече маестро Молдовеану.
Шефот на оркестарот на Македонската филхармонија, Горан Муратовски, изрази задоволство, но додаде дека е и голема чест што Македонската филхармонија е традиционален гостин на фестивалот „Охридско лето“.
-Оваа година ја имаме честа да го отвориме фестивалот. Задоволство е да се соработува со уметници од ваков калибар, со извонредниот диригент маестро Молдовеану, со оперската дива Мошук и тенорот Братеску. На свечното отворање на Антички театар очекуваме голем спектакл, рече Муратовски.
Селекторот на музичката програма на „Охридско лето“ Васо Ристов, на прес-конференцијта им изрази огромна благодарност на големите уметници што прифатиле да бидат главни учесници на спектакуларното отворање на најголемата културна манифестација во Македонија.
-На моја голема чест како музички селектор на свеченото отворање на годинешното 58-мо фестивалско издание на „Охридско лето“, успеавме да донесеме тројца светски уметници, етаблирани, докажани во својата професија, присутни сè повеќе и повеќе на европските и светските оперски сцени. Елена Мошук, една од најдобрите сопрани на денешницата, брилјантниот тенор Калин Братеску и големиот диригент, маестро Николае Молдовеану., подвлечемузичкиот селектор на „Охридско лето“ Васо Ристов.
Градоначалникот на Општина Охрид, Јован Стојаноски, им посака добредојде на уметниците што ќе го отворат„Охридско лето“, и најави дека општината и натаму ќе ја дава безрезервната поддршка на фестивалот како голем македонски и европски културен бренд.
-На сите уметници коишто ќе присуствуваат во Охрид им посакувам топло добредојде, да си поминат убаво во нашиот град, и да придонесат за уште едно успешно издание на фестивалот „Охридско лето“. Како Локална самоуправа отсекогаш сме го поддржувале овој фестивал, а тоа ќе продолжи и понатаму заради тоа што НУ „Охридско лето“ е најпознатиот бренд којшто го претставува и го зацртува Охрид како културна дестинација во светот, рече охридскиот градоначалник Јован Стојаноски.
Најзначајната музичко-сценска манифестација во Македонија, „Охридско лето“, традиционално, ќе започне, на 12.јули, на Античкиот театар во Охрид, со почеток во 21 часот. Големите оперски ѕвезди, сопранистката Елена Мошуц и тенорот Калин Братеску, под диригентската палка на Николае Молдовеану и во придружба на оркестарот на Македонската филхармонија ќе приредат незаборавно доживување за посетителите на Антички театар. За отворен, Фестивалот ќе го прогласи покровителот, Претседателот на државава д-р Ѓорге Иванов, а ќе се обрати и Министерот за култура на Република Македонија, Асаф Адеми. Уметничката порака годинава ќе ја пренесе познатиот македонски актер Никола Ристановски.
Во текот на четириесетте фестивалски вечери, „Охридско лето“ ќе донесе совршен спој на музиката, театрот и воопшто на уметноста. Ќе настапат звучни имиња од светот на музиката, но и најдобрите театарски продукции со извонредни драмски проекти. Предвидени се и три изложби, ликовна, изложба на фотографии и на современ накит. Фестивалот и градот Охрид ќе бидат домаќини на над 800 уметници од 27 држави од Европа и целиот свет.
Како посебни доживувања на 58-то фестивалско издание се очекуваат концертите на пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуозот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот „Д’Квин Сикс“ од Велика Британија, како и неколку концерти што ќе се реализираат во соработка со амбасадите во Македонија. Традиционалната Полска вечер на фестивалот ќе донесе концерт на барокниот ансамбл „Вроцлав“, во рамки на Француската вечер ќе настапат светски познатиот пијанист Мишел Бурдонкле и неговиот син Николас, а во соработка со Амбасадата на Шпанија во Скопје ќе настапи сопранистката Еугенија Боикс и пијанистката Ана Ферер.
Драмската програма започнува еден ден по свеченото отворање, а ќе понуди театарски креации од домашните театарски куќи, како и гостувања на театри од Србија, Хрватска и Словенија.
По традиција, во рамки на „Охридско лето“ ќе настапат и голем број домашни уметници од Македонската филхармонија, Македонската опера и балет и Музичката младина на Македонија.
Според директорката Вренцовска, сите сцени и простори каде што годинава ќе се одржуваат музичко-сценските настани на фестивалот се оспособени за уметниците, како и за посетителите кои секоја година ги има во голем број, а како што најави, од следната година е планирана изградба на монтажно гледалиште кое ќе може да се поставува насекаде, со што ќе можат да се одржуваат настани на секое соодветно место во градот.
Фестивалот „Охридско лето“ се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, а помогнат од Општина Охрид, како и од бројни спонзори.
-Во мигот кога најавуваме незаборавно фестивалско издание дозволете да изразам благодарност пред се до Министерството за култура без чија поддршка не може да се замисли успешната реализација на фестивалот, до нашиот генерален спонзор Македонски телеком, останатите спонзори и помагатели, пријатели на фестивалот, благодарност до Локалната самоуправа, благодарност и до вас медиумите кои придонесувате „Охридско лето“ да биде нашиот најголем бренд по кој не препознаваат и по кој не вреднуваат и надвор од државата, истакна на денешната прес-конференција, директорката на фестивалот „Охридско лето“, Сузана Вренцовска.
По завршувањето на прес-конференцијата, покровителот на фестивалот, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, за звучните имиња од светот на класичната музика што ќе го отворат „Охридско лето“ приреди свечен коктел во Вилата „Билјана“ .