среда, декември 4, 2024
домаКујнаМоже ли комуникацијата да го спаси човештвото

Може ли комуникацијата да го спаси човештвото

Кон „Пристигнување“, режија: Денис Вилнев, сценарио: Ерик Хесерер, улоги: Ејми Адамс, Форест Витакер, Џереми Ренер, фотографија: Бредфорд Јанг, музика: Јохан Јохансон, САД 2016.

„Пристигнување“ е толку едноставен, а извонреден наслов за новиот филм на канадскиот режисер Денис Вилнев („Политехника“, „Запаливо“, „Сикарио“, „Затвореници“). Бидејќи, овој вонсериски автор успева токму на наједноставен начин да проговори за суштината, за сите вечни теми, за сите копнежи, надежи и стравови и тоа низ научнофантастичниот жанр и толку експлоатираното доаѓање на вонземјаните. Но, Денис Вилнев не би бил тоа што е, кога и од една ваква тема не би направил нешто сосем поинакво. Еден вистински и толку невообичаен научнофантастичен (визуелен) есеј, една приказна за безвременоста, за разбирањето, за потребата од комуникација особено во денешно време кога и покрај сите можности за комуникација, всушност, не знаеме да комуницираме. Тоа е филм за времето, за бесконечноста, тоа е филм за (глобалната) паранојата, но и за отвореноста, тоа е филм кој го става на испит нашиот ум и сето она што го знаеме исправајќи не пред непознатото и пред сосем поинакви тези од толку вообичаените. Дали тоа воопшто можеме да го прифатиме?

„Хјуман“ вели Луис Бенкс исправена пред непознатото. Pristignuvanje 2Има некоја извонредна симболика во оваа сцена во филмот, кога светски признаената професорка по лингвистика и преведувачка ќе се обиде да воспостави комуникација со мистериозните дојденци. Се чини Вилнев преку неа како да не враќа на почетоците, на оние почетоци кога човекот соочен со сите непознаници мораше прво да се пронајде себе за да може да го толкува светот. Така е и тука, обидувајќи се да комуницираат со вонземјаните, луѓето се оние кои треба да го најдат патот прво до себе, а потоа и до другите. Човек, што е човекот додека облечен во скафандер се обидува да се заштити и да не ризикува пред непознатото. Како воопшто би можеле со некого да се запознаете, ако првата мисла е одбраната и ставот дека ќе бидеме нападнати. Има некој чуден инстинкт во сето тоа, инстинкт за преживување или инстинкт за криење. Овие вонземјани се поинакви од се што би очекувале, тие се глас, визија, уметност, звук, движење, тие се нешто што е недофатливо, барем не за оние кои немаат отворен ум.

Денис Вилнев, кој овој филм го работи според расказите на Тед Чианг „Приказни од твојот живот“, вонземјаните ги зема како симболи за една поинаква цивилизација со исклучително напредна технологија. Но, она што е интересно, всушност, е дека мистеријата не е во откривањето на таа цивилизација, туку во откривањето на себе за да можеме таа цивилизација да ја разбереме. Сите феномени, како оној на времето (и неговата хронологија) или на јазикот, како оној на релативноста на сеќавањето, на непознатото, на допирот, на стравот, на внатрешниот глас, на имагинарното, сите тие се тука барајќи го одговорот, барајќи го начинот на конверзација, барајќи ја вербата. Денис Вилнев ќе направи дефинитивно еден многу необичен филм релативизирајќи ги работите околу нас, токму за да не натера да ја видиме вистината која е надвор од нас, онаа вистина која може да се види само од дистанца, само неоптоварена со сето она што го знаеме.

Но, за жал оваа и ваква помалку апстрактна, но и многу Pristignuvanje 1конкретна тема ќе загуби доста од формата и од елементите на меинстримот кои веројатно „морале“ да бидат дел од филмската приказна за вонземјаните за да и се приближат на публиката и за да можат на „вистински начин да комуницираат“. Па така, вселенскиот брод со јајцевиден облик нема да биде единствен кој ќе се спушти во Америка, во Монтана, туку ќе се појават 12 на број разместени низ целиот свет. Во сето тоа главно место како и секогаш имаат војската и политиката, кои колку и да ги бараат одговорите од науката, сепак, убедени се дека земјата треба да се брани од „натрапниците“. Заплетот, се разбира, ќе произлезе од нивниот судир, кога научниците или гласот на разумот ќе мора да ризикуваат за да го спасат светот, да го спасат човештвото (за жал, клишето не можело да се избегне).

И, се разбира, сето тоа го предводи Америка (за што некои го прогласија амероцентричен), односно професорката по лингвистика во која се наоѓа „клучот“ за разбирањето. А особено јазикот (преминувајќи на едно друго ниво), бидејќи „разбирањето на јазикот го обликува начинот на нашето мислење“. Како и да е, Вилнев прави особен филм со целата своја оригиналност која само тој умее на една толку шематизирана приказна да и ја даде. Ликот на Луис Бенкс, која со неверојатна внатрешна енергија и емотивност ја носи Ејми Адамс, е замислен и воден одлично, правејќи паралела со нејзиниот внатрешен свет, со нејзината меморија, доживување, чувство, гласови…

Форест Витакер како полковник во американската војска и покрај клишето дава вонредна улога, додека Џереми Ренер како физичар е неправедно запоставен на сметка на Бенкс, па не доаѓа до израз ниту како лик, ниту неговата секогаш многу автентична глума. Целиот фокус е на Луис Бенкс, на времето, на минатото и сегашноста, на нејзиниот внатрешен и надворешен свет, кои ќе се пронајдат токму во релативноста на времето и различната хронологија на настаните. Фотографијата и играта со боите на Бредфорд Јанг, како и музиката на Јохан Јохансон (или би рекле звукот) ја имаат силата на понирање толку длабоко што ве тераат да отпатувате, да ги барате значењата не само на комуникацијата, туку оние внатрешни значења кои најчесто не водат до другите луѓе и до другите светови во толку баналното секојдневно барање на себе.

Сунчица Уневска

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ