„Музика, не мобилни – исклучи го телефонот, вклучи ги сетилата“ е новата кампања на Македонската филхармонија, која што оваа институција ја почнува со првиот симфониски концерт во новата сезона, а кој ќе се одржи в четврток со славниот пијанист Лука Дебарг и маестро Јерухам Шаровски зад диригентскиот пулт.
Кампањата „Музика, не мобилни“ треба да ја зголеми свеста кај посетителите да не користат телефони за време на музичките настани. Употребата на мобилните телефони стана неизоставен сегмент од животот на секој поединец и тие се користат секаде, дури и на концертите на класична музика. Идејата на Македонската филхармонија е посетителите на концертите да уживаат во музиката, наместо да ја „гледаат“, „слушаат“ и „доживуваат“ преку екранот на телефонот.
„Невкусно е кога за време на концертите на клaсична музика, кога имаме мир и благосостојба, кога се одмораме од секојдневието, но и кога сме силно сконцентрирани на она што како естетика, филозофија и музика ни се нуди, тоа да се нарушува со звуците или блицевите на телефонот. Употребата на телефонските апарати им пречи и на оние коишто се на сцената, затоа што постои можност за деконцентрација, одвлекување на вниманието, а со тоа и за несоодветно претставување на делото што го изведуваат. Класичната музика е специфична и бара силна посветеност, огромна жртва и континуирана работа. Сето тоа може да исчезне во само еден миг ако заѕвони нечиј телефон, на пример. И со оваа кампања, покрај, се разбира, програмската политика на куќата, Македонската филхармонија тежнее да биде во чекор со европските стандарди. Сметам дека ќе вроди со плод“, вели директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески.