„Научна фантастика на платно“ е насловот на претстојниот концерт на Македонската филхармонија кој ќе се одржи овој четврток (29 ноември) во 20 часот. Под диригентската палка на маестро Тимоти Редмонд од Велика Британија, оркестарот на Македонската филхармонија ќе изведе теми од едни од најдобрите научнофантастични филмови на сите времиња: „Војна на ѕвездите“, „Ѕвездени патеки“, „Одисеја 2001“, „Алиен“, „Аполо 13“, „Почеток“, „Меѓуѕвезден“…
Научнофантастичните филмови како генерална тематика ги користат фиктивните описи втемелени на науката за феномени кои не се целосно прифатени, пак, во класичната наука. Патувањата низ вселената, генетски мутираните суштества, „Марсовците“, патувањата низ времето… или алегоричното прикажување на политичко-социјални теми се само дел од содржините на СФ филмовите. Неисцрпна инспирација на композиторите, пак, се токму научнофантастичните филмови, затоа што тогаш имаат, едногласни се сите, ретка можност да создадат специфична, уникатна партитура. Волшепствата, вселената, натприродните сили, чудовиштата, предметите од иднината… се доволен мотив музиката да биде креирана на едно поинакво ниво, надвор од клишеата.
Маестро Тимоти Редмонд (1971) е еднакво активен како диригент и на концерти и на опери во Европа и во САД, посветувајќи внимание и на музичките проекти со малку попопуларна конотација, како што е филмската музика, на пример. Тој е професор по диригирање на школата за музика „Гилдхол“, наедно е и шеф-диригент на Филхармонијата на Кембриџ и е редовен гостин-диригент со Лондонската филхармонија. Постојано диригира и со останатите оркестри во Велика Британија, како што се Филхармониските оркестри на Би-Би-Си, симфониските оркестри во Шкотска, Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул, Англискиот камерен оркестар, Бритн синфонија, Градскиот симфониски оркестар на Бирмингем итн. Особено е посветен на современата музика, придавајќи им поголемо значење на модерните оперски продукции. Често соработува со влијателниот британски композитор Томас Адес, чија продукција на современата опера „Напудри го нејзиното лице“ доживеа маестрални изведби за Англиската национална опера, Ирската национална опера, Кралската опера „Ковент гарден“ во Лондон, театарот „Марински“ во Санкт Петербург… Неодамна диригираше и на унгарската премиера на вокално-инструменталното дело „Тотентанц“, на ирската премиера на операта „Живи играчки“ (исто така дела на Адес), а беше и негов асистент за Њујоршката премиера на продукцијата на „Бура“ во „Метрополитен“ наградена со „Греми“. Оперските ангажмани на маестро Редмонд вклучуваат модерни продукции, но и опери од железниот репертоар и во англиската Опера норт, Англиската туринг опера, Операта на Тенерифе, Фестивалот Глајндборн, Операта во Стразбур, Фламанската опера…, во оперските куќи во САД, а ги креираше и оперските серии во „Кембриџ“… Неговото име стои и на голем број снимки издадени за престижни куќи, а неговите неодамнешни настапи вклучуваат дебија со оркестри во Канада, Романија, Србија, Турција, турнеја во Кина… Тимоти Редмонд студирал обоа на Кралскиот северен колеџ за музика, а подоцна се усовршувал на мајсторски курсеви по диригирање со Јан Паскал Тортелије, Иља Мусин, Џорџ Хрст и Пјер Булез.