Фестивалскиот ден на „Браќа Манаки“ започна со претставување на кинематограферот на филмот „Фокстрот“, Ѓора Бејач. Филмот е прикажан во конкуренција за наградата „Златна камера 300“.
-Се обидуваме да имаме различни филмови, со различни естетики и кинематографии. Секогаш размислуваме за целосниот квалитет на филмот. Го гледав „Фокстрот“ на фестивалот во Венеција и немавме можност да го донесеме на фестивалот истата година, но еве го тука, рече селекторот Благоја Куновски-Доре.
Станува збор за одличен филм, а Бејач пред неколку години освои „Бронзена камера 300“ за филмот „Либан“, едно ремек-дело, на ИФФК „Браќа Манаки“.
-Главните предизвици на еден филм се да ја донесеш приказната и ситуацијата, гнев и н ситуација која во Израел ја викаме „тропање на врата“. Главна цел ни беше да ја донесеме на платното со цел да прикажеме како се чувствува ликот и се обидовме камерата да изгледа како да е внатре во ситуацијата, а не да биде набљудувач. Сакавме да покажеме дека неговиот свет се распадна, во моментот кога го губи синот, а кадарот одозгора требаше да го постигне тоа. Инаку, работам со рачна камера „Ари алекса“. Тоа е она што ми се допаѓа, зошто не треба да работам многу во постпродукција. Оваа камера овозможува сликата да не биде премногу остра, ми се допаѓаше тој стил, но сепак тоа е мој вкус, рече Бејач.
Филмот е многу силен, гледачот се чувствува како сродна душа со главниот лик, како да сочувствува со него.
-Филмот веќе е прикажан во Израел и кај филмската критика помина одлично, но министерката за култура не го погледна, таа е против овој филм и покрај тоа што не го гледала. Но, токму затоа што министерката беше против филмот, филмот доби на публицитет и луѓето сакаа да го гледаат. Вообичаено филмовите во Израел ги гледаат 60.000 публика, а сега бележиме околу 130.000 посетители кои го гледале филмот. Се работи за политика, а таа ја уништува филмската индустрија, не само во Израел, туку насекаде, објасни Бејач.
Од програмата „Мак поинт“, селекторката Ана Василевска ги претстави Лидија Мојсовска, режисерка на „Награда“, Загорка Поп-Антовска, продуцент на филмот „Татко“ и се осврнаа на квалитетот на продукацијата на македонските филмови, бидејќи постои податок дека од 307 македонски филмови, на фестивалите не може да се видат ниту десет.
-Некогаш избрзуваме во поглед на продукцијата и какви ни се можностите. Имав доста проблеми. Сметам дека треба да се подобри ситуацијата. Секој млад автор ги искусил продикциските проблеми и ова е добар старт да почнеме да ја подобруваме продукцијата, истакна Мојсовска.
Загорка Поп-Антовска е драматург, но беше во улога на продуцент на филмот „Татко“-дело на Ирма Башеска посветено на нејзиниот татко, Жарко Башески.
-Треба да се истакне дека младите автори се охрабруваат со мали буџети или понекогаш и без буџет да покажат и себе си да си докажат дека знаат што работат. Имаме неколку примери, каде можеби има продукциски проблеми, но заложбата да се направи едно дело од почеток до крај е голема и таа е за почит. Филмот „Татко“ беше снимен со опрема која ја поседува ДАСТА академијата, која е и продуцент на филмот. Работевме со тоа што имавме и јас како драматург можам да кажам дека постојат одлични примери во кои приказната е она што доминантно „ќе го вози“ филмот, особено сега со технологијата која доведува до финален филмски продукт, рече Поп-Антовска.
Заеднички е ставот дека треба да се помагаат и поттикнуваат младите автори, бидејќи кај многумина од нив во нивните биографии до 40 годишна возраст запишани се еден или два филма. И тоа е премалку за да се зборува за сериозно искуство.
Жaрко Иванов е режисер и сценарист на анимираниот филм „Кружно патување на монахот“, а Иван Ивановски на анимираниот филм „Образец Б16“ и тое говореа за традицијата на создавањето на анимираниот филм во земјава.
-Анимираниот филм во Македонија имаше традиција до осумдесеттите години и тоа замре. Пред десеттина години почнавме пак да работиме. Достапноста на технологијата ја зголеми продукцијата на анимираните филмови, вели Иванов.
Според Иван Ивановски, во анимираниот филм се работи со многу помалку пари и поддршка.
-Работиме со малку пари од нашите колеги во странство. Идејата и креативноста ја гледам во македонскиот филм, но сакам да гледам инвентивност. Битно ми е да е храбар. Секогаш мислам дека тоа е голема предност, да работиме искрено и храбро, и тешките услови за продукција не треба да ни биде пречка, смета Ивановски.
Во чест на одбележувањето на 100 години од раѓањето на Ингмар Бергман, шведскиот режисер, вечерва на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе биде прикажан филмот „Персона“ снимен во 1966 година на остров во Балтичкото море каде живееше самиот автор, таму ги снимаше филмовите и таму е погребан. По тој повод Амбасадорот на Шведска, Матс Стафансон и директорот на Кинотека на Македонија, Владимир Ангелов ја претставија програмата за одбележување на јубилејот.
-Почестен сум што сум гостин на овој голем и респектиран фестивал, особено што се одбележува јубилеј од раѓањето на големиот филмски, театарски режисер и сценограф, кој беше многу продуктивен. Филмот „Персона“ е еден од неговите најсложени филмови , но и еден од најкритизираните филмови. Но „Персона“ е психолошка драма која е Монт Еверест во филмската уметност. Филмовите на Бергман се многу длабоки, тој е фантастична личност, а чудно е што не доби „Оскар“, иако имаше 8 до 9 номинации. Но, тој не беше многу загрижен за тоа, рече Амбасадорот на Шведска, Матс Стафансон.
Партнер на фестивалот е Кинотека на Македонија, чиј директор Владимир Ангелов се осврна на подготовката на одбележувањето на 100 години од раѓањето на Ингмар Бергман.
-Би сакал да истакнам дека Бергман е автори и на четири автобиографии, покрај режирањето и пишување сценарија, така што тој беше една комплетна личност. Имав можност да го сретнам во Стокхолм во 2003 година и тоа за мене беше просветлување, тоа беше еден од најважите моменти во мојот живот. Мислам дека ќе имаме добра година на славење на делото на бегман и би сакал да успееме да преведеме и некоја од неговите книги, истакна директорот на Кинотека на Македонија, Владимир Ангелов.
Средба со Доминик Бакс и Саид Оулд Келифа, директори на Фестивалот на медитерански филм во Анаба, Алжир
Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ денес ги претстави Доминик Бакс, уметнички директор, и Саид Оулд Келифа, директор на Фестивалот на медитеранскиот филм во Анаба, Алжир.
Бакс има повеќе од 30 години искуство во експлоатација, дистрибуција и организација на фестивали и едукативни работилници. Таа е директорка на „Magic Cinema“ во Бобињи, во париското предградие кое има програми за едукација и културни и педагошки активности, потоа директорка на фестивалот „Театар и филм“ од 2014 година, и директорка на фестивалот Резонанции и филмски средби со граѓански пристап. Одговорна за издавање на делото Театар и филм во 30 тома. Покрај тоа, таа е и претседателка на Здружението Крстосница на фестивалите (Carrefour des festivals), кој ги опфаќа филмските фестивали во
Франција, и е член на комисијата за помош во сценарио во Националниот центар на кинематографија (CNC).
Саид Оулд Келифа, пак, остварил успешна кариера во новинарство како репортер, шеф на меѓународната рубрика (Алжир, Франција), соработник на дневниот весник The Nation (САД) и на списанието Cinéma Politique (Франција).
Гена Теодосиевска, директорка на фестивалот „Браќа Манаки“, преставувајќи ги гостите истакна дека Бакс и Келифа се личности посветени на филмот веќе 40 години, одлични познавачи на филмските фестивали во светот, но и филмски критичари.
Благоја Куновски-Доре, уметнички директор и селектор на главната натпреварувачка програма на „Браќа Манаки“ ги потсети присутните дека госпоѓата Доминик Бакс била член на жирито на фестивалот во Битола на едно од неговите претходни изданија.
Бакс и Келифа сметаат дека филмските фестивали можат да одредат и нечија човечка судбина, па го споделија нивното заедничко животно искуство
-Присуството на филмовите на фестивалитее можност за запознавање со културата на земјата од каде што потекнуваат, потенцираше Бакс.
Но, таа посочи и дека малите кинематографии имаат проблем со пласман на нивните филмови на водечките филмски фестивали бидејќи истите фестивали, како на пример француските, избираат полесен начин за креирање на нивните програми, па земаат филмкови од дистрибутерите.
-Има малку филмови од Македонија, Србија, Хрватска, словенските земји од Источна Европа, Португалија… на фестивалите во Франција, забележува Бакс.
Келифа, пак, смета дека на фестивалите и во кино-салите има публика која сака да гледа уметнички филмови.
-Тука на „Браќа Манаки“ го видовме „Лето“ на рускиот режисер Кирил Серебреников, кој беше учесник и на Канскиот фестивал, вели Келифа.
Мисијата на Бакс и Келифа како филмски критичари е откривањето на нови автори.
-Во 1994 година бевме на филмскиот фестивал во Венеција, и таму запознав продуцент на еден филм кој ме воодушеви. Му кажав на продуцентот дека ќе биде голема неправда ако неговиот филм не го добие „Златниот лав“. Филмот се викаше „Пред дождот“, режисерот е Милчо Манчевски, а продуцентот Сајмон Пери, Келифа ја претстави неговата мисија како критичар.
Бакс смета дека функцијата на фестивалите е да понудат можност за откривање на нови автори и кинематографии.
-Тука сме затоа што сакаме да ги откриеме македонските филмски автори и да ги претставиме на Медитеранскиот филмски фестивал во Анаба, потенцираа Бакс и Келифа.