понеделник, јануари 20, 2025
домаНасловнаНајгласниот пејач, водител, шоумен, со најдолг стаж на екраните, тивко си замина

Најгласниот пејач, водител, шоумен, со најдолг стаж на екраните, тивко си замина

Пишува: Валентина Ѓоргиевска Парго

“Свирете ја Зајди, зајди” и “Ангели ме носат”, двете епохални песни кои со својата уникатност и убавина го заокружија првиот половина век македонска забавна музика, денеска одекнаа на радио станиците во чест на својот автор Драган Вучиќ, кој ненадејно го напушти овој свет, како последица на вирусот корона. Голем како автор, уште поголем и како водител, шоумен, со најдокажани тв идеи и емисии, продуцент, менаџер, пејач и музичар со поливалентен талент. Телевизиски мајстор, кој ќе остане запаметен и како водителот со најдолг стаж на екраните, присутен на речиси сите наши телевизии, и за чудо, со секој нов тв проект беше се поинтересен и соборуваше рекорди во гледаност. Наградуваше, промовираше, забавуваше, отвораше врати и патишта…

Еден период на гости му доаѓаа најголемите југословенски ѕвезди кои прв почна да ги носи, а меѓу нив беа Владо Калембер, Ален Славица, Неда Украден, бројни други пејачи, за да потоа избира млади македонски пејачи и ѕвезди, да ги открива, издигнува, да им отвора пат. Патуваше и правеше емисии и со планетарно познати турски актерски ѕвезди. Но, и со народ и за народ, од првата емисија “Вашите пет минути” во која пееја весели песнопојци, се до последните кога нагостуваше гости, возејќи се со градски автобуси.

 

За наши услови покажа ненадмината инвентивност во осмислување на телевизиски емисии, такви какви што мнозинството од народот сакаше. Снаодлив човек, кој во ист ден имаше безброј неофицијално-официјални средби, договори и преговори и со луѓе од високата политика, и со најголемите бизнисмени, и со музичари, и со новинари, но и со луѓе од зад камерите и од секојдневниот живот. Воедно и менаџер со константна линија на успеси. Драган Вучиќ го красеа доста позитивни манири и како маж, убавина, шарм, пожелност во секое друштво, искреност и ноншалантност, но во една топла варијанта. Опуштен и природен, во костум и во тренерки, пристапен, комуникативен, но секогаш пристоен и фин. Човек кого постојано го следеа и озборувања, но кој знаеше да се смее слатко на се што слушнал и прочитал за себе. Или, барем беше умешен да ја покаже само својата ведра страна, и да не ѕирнеме во него ако нешто од тоа му оставило и тага или болка. Неговиот муабет и расположение, весело, забавно, коментираше отворено и ако нешто не му се допаѓа, но не навредуваше и омаловажуваше. На Драган Вучиќ специјалност не му беа само тв наградувања, тој своите шоу емисии ги базираше на вредни награди за публика, од кафе до монтажна куќичка, неговата голема специјалност му беа богатите коктели за пријатели и соработници кои ги правеше за одредени поводи.

Од дружибте со Вучиќ и новинарите паметиме доста пријатни моменти. Имав можност да го видам на фестивал, во приватна дружба на промоција, на брод, на патување … Секогаш беше истиот. Кај него немаше глума и секое чувство му се отсликуваше на лице и можеби тоа беше неговиот најголем адут. Се шегуваше и кажуваше доста анегдоти и закачки од својот богат сценски живот, од патувањата и турнеите во Русија со Здравко Чолиќ и други ѕвезди, од турнеите во Канада каде велеше печалел цели брда пари, од часовите кои по музика ги давал во Торонто и Атина, каде патем го научил и одлично грчкиот јазик и грчките песни, од патувањата во цела поранешна Југославија, низ Македонија. Во домашни услови посебно педантен и среден. Со пријателите, секогаш гостопримлив.

Толку умееше да раскажува анегдоти на маса, што просто некои беа неодоливи за објавување. Се сеќавам и на онаа неофицијална кафе средба кога броеше колку луксузни автомобили сменил дотогаш, и стигна до 27. Го биваше и за песна и за бизнис, но и за комотно живеење. Додека во забавната сфера создаде евергрин песни за сите времиња, во народната умееше да биде и понароден. Со групата „Тавче гравче” направи бум, со „Кода” исто така, „Ника Ника мојата Марика” и ден денес пленува со својата мелодичност. Драган Вучиќ се потсетуваше и на татко му Миле, хармоникашот, но од семејна страна со посебна почит говореше за својата сопруга, радио водителката Весна Атанасовска, а она по што сите го препознавме беше искажувањето на огромната татковска љубов и поддршка за својот син единец Мартин Вучиќ.

Со Драган патувавме заедно во неколку поводи, на Евровизија во Киев, на грандиозната промоција на албумот на Мартин во „Хајат” во Белград, по што завршивме на голема фешта во хациенда на Авала, во Охрид на многу поводи, „Охрид фест”, концерт на Мартин на Антички театар, избор на Мис, во Скопје се разбира на дружби и седенки, но се чинам најсреќна слика ми остави на маестралното дипломирање на Мартин на Музичка академија, каде за прв пат како да беше задоволен дека се од негова страна направил целосно исправно и по правила од а до ш. Уште многу ќе се потсетуваме на песните, на зборовите и дружбите со славниот Драган Вучиќ, кој зад себе остави убави впечатоци и песни кои ќе одекнуваат за век и векова. Нека му е се песна и во небеските височини!

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ