сабота, декември 21, 2024
домаНасловнаНаместо заштитени, децата Роми злоставувани во Македонските домови за деца без родители?

Наместо заштитени, децата Роми злоставувани во Македонските домови за деца без родители?

Пишува: Валентина Ѓеоргиевска

Европскиот Центар за Права на Ромите од Будимпешта поднесе тужба за извршена повреда на основните човекови права и правото на еднаквост  врз трите малолетни деца, сите од ромска етничка припадност, затоа што смета дека е сторено нееднакво постапување од страна на социјалните работнички во Домот каде биле сместени трите малолетни девојчиња, кои минатите години биле жрвта на силување и други сексуални напади. Со тужбата се опфатени  Министерството за труд и социјална политика кое  е надлежно за работењето на второ и третотужените, Центарот за социјална работа на Град Скопје се јавува како директен посредник и одговорен орган за извршување на работните задачи на своите вработени (социјалните работници и поставените старатели на лицата згрижени во домовите).

Во првиот случај станува збор за малолетно девојче кое било сместено во Дом со цел згрижување, воспитување и остварување на правата кои му следуваат на едно малолетно лице без родителска грижа, поради тоа што на биолошките родители  им било одземено вршењето на родителското право, кои издржувале казна затвор во времетраење од три (3) години, заради питачење.

Нминатата година  од ЈУ за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми 25 МАЈ, Бутел – Скопје, била исчезната од домот малолетната Рамка,  точно 30 дена, и во тој период ниту еден од надлежните, а ниту поставениот старател на детето – социјален работник при ЈУМ ЦСР (второтужениот), не го пријавиле исчезнувањето во МВР на РМ, и тоа се додека таткото не побарал од надлежните во Домот да оствари редовна средба со своето дете, дури две недели по исчезнувањето на детето. Родителите на малолетното дете воопшто не биле известени за нејзиното исчезнување кое траело точно 30 дена, а овластени службени лица од МВР на РМ ја пронашле малолетната  на улица и ја вратиле назад во домот.

Одговорните лица, како и поставениот привремен старател-социјалниот работник, по враќањето на детето не преземале никакви заштитни мерки, со цел да му помогнат на детето и да му пружат соодветна лекарска помош. Со оглед на долгото отсуство од домот, потребно било да се направат итни медицински прегледи и да се констатира нејзината здравствена состојба, како и да се консултира лекар – психијатар кој стручно ќе поработи со малолетното дете.

Овој случај беше медиумски покриен, со изјава од таткото.

Нешто подоцна,  повторно исчезнала девојката, а надлежните повторно не знаеле да објаснат на биолошките родители каде им се наоѓа детето. Случајот повторно не бил пријавен веднаш при надлежните служби на МВР на РМ.

Според изјава на детето по нејзиното враќање, во разговор со нејзината мајка, таа и се доверила дека била сексуално злоставувана и тоа прв пат уште една година пред тоа кога децата биле водени на летен камп во Претор од страна на непознато возрасно лице, а потоа повторно во време на нејзиното исчезнување. Девојчето пред мајка си кажало дека случајот веднаш го пријавила кај надлежните лица кај тужениот, но од негувателката добила одговор: не ти е ништо, ќе ти помине!. Ниту еден од одговорните лица кај тужените не преземал никакви заштитни мерки со цел да го заштитат детето.

За овој случај надлежните институции молчат, без да преземат било каква одговорност или пак некакво дејствие со кое ќе ја заштитат првотужителката која е жртва на нечовечко, нехумано и во прва линија крајно непрофесионално однесување. Постојат низа сериозно индиции кои укажуваат дека невниманието, негрижата и незаинтересираноста на одговорните лица се токму поради етничката припадност на  девојчето, кое е од Ромска етничка припадност.

*****

Во вториот случај станува збор за две сестри од  на возраст 16 и 13 години, од Ромска етничка припадност, кои 2012 година со судска одлука  биле одземени од кај мајката и требало да бидат сместени и згрижени кај третотужениот.

Во периодот додека  требало да бидат згрижени, чувани, воспитувани и негувани во Дом, но надлежните воопшто не воделе грижа за нив, па децата постојано биле надвор од домот, спиеле по улици препуштени сами на себе и никој не водел контрола за нивното отсуство.

При обидите за остварување на редовни средби со своите деца, мајката на малолетните девојчиња често не можела да ги најде во домот кога ги барала, а никој од надлежните службени лица вработени кај третотужениот не знаеле да и каже каде се наоѓаат нејзините ќерки, ниту пак нивното отсуство го пријавувале кај надлежните служби при МВР на РМ. Девојчињата една ноќ дошле кај својата мајка и се довериле дека биле сексуално злоставувани и малтретирани од возрасен маж во близина на меѓугратската автобуска/ железничка станица во Скопје. Девојчињата кога дошле на себе немале долна облека. Човекот кој ги малтретирал им се претставил како социјален работник од ЦСР и ги однел на за нив непознато место каде ги злоставувал. Мајката веднаш случајот го пријавила во полиција, а тие биле однесени на лекар, каде било констатирано дека не се силувани, но се на друг начин сексуално малтретирани.

***

Децата Роми се си уште најранливата категорија, според Извештајот за остварување на правата на децата во Македонија – МЕЃАШИ. Социо-економската состојба на семејството, неедуцираноста, неодговорноста и неинформираноста на родителите, се само дел од причините зошто децата Роми спаѓаат во оваа најранлива категорија. Сексуалната злоупотреба е особено трауматична за детето и остава далекусежни последици врз севкупниот развој. Затоа потребно е децата да се едуцираат за тоа како да постапат доколку се најдат во опасна ситуација и како да се заштитат од можна злоупотреба. Превенцијата е најефикасниот облик на борба против злоупотреба на децата. Но, таа бара мобилни и посветени родители, граѓански организации, медиуми, државни институции на кои приоритет во работата ќе им биде примената и почитувањето на правата на децата како и основниот принци на Конвецијата за правата на детето, а тоа е најдобриот интерес на детето.

Сенада Сали, правник од ЕРРЦ изјавува: Одземањето на деца од нивните родители поради сиромаштија е проблем кој диспропорционално ја погодува Ромската заедница. Државата има обврска да им овозможи на ваквите деца да растат со своето семејство и да вложи во подобрување на квалитетот на нивниот живот. Наспроти тоа, таа од рана возраст ги оделува од нив и наместо истите да бидат заштитени во државните установи во кои се сместени, овие деца се главен предмет на дискримнација и злоупотреба која во случаите кои се опишани лесно може да резултира и со трговија со деца.

Инаку, според содржината на тужбата  произлегува дека тужените сториле дискриминација по основ на етничка припадност и боја на кожа на тужителите и со своите постапувања им го повредиле правото на еднаков третман пред законот, смета тужителот.

Кон трите малолетни девојчиња кои се јавуваат во својство на тужители, тужените се однесувал крајно неодговорно, со крајно невнимание, па поради тоа повредени се нивните права и сторена е повреда на правото на еднакво постапување (дискриминација) по основ на етничка припадност, а исто така и поради боја на кожа, припадност на маргинализирана група, социјално потекло, и тоа спротивно на член 32 и Член 43 од Законот за спречување и заштита од дискриминација (ЗСЗД). Тужените согласно член 6 став 14 од ЗСЗД сториле директна дискриминација врз тужителите.

Дискриминација претставува секое неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење на разлика или нееднакво постапување, односно пропуштање (исклучување, ограничување или давање првенство) во однос на лица или групи кое се заснова на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа;

Согласно Член 91 од Уставот на РМ сите граѓани на РМ би требало да бидат еднакви во слободите и правата независно од бојата на кожата, националното и социјалното потекло.

Согласно Универзалната декларација за човекови права (УДЧП), Член 7 – Сите луѓе се еднакви пред законот и имаат право без никаква дискриминација, на еднаква заштита со закон. Сите имаат право на еднаква заштита од каква било дискриминација која е во спротивност на оваа Декларација и од какво и да е поттикнување на таква дискриминација.

Согласно член 25 од Конвенција за правата на детето, усвоена на Генералното собрание на ОН, правата на децата се зашитени и загарантирани и предвидено е нивно максимално почитување од страна на државите членки на оваа Конвенција без притоа да се прави било каква дискриминација по некој од основите: раса, боја на кожа, етничка припадност, социјален статус итн. Согласно член 3 од истата Конвенција Во сите активности кои се однесуваат на децата, од примарно значење се интересите на детето, без оглед на тоа дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита… Државите членки се обврзуваат на детето да му обезбедат таква заштита и грижа кои се неопходни за неговота благосостојба, земајќи ги во вид правата и обврските на неговите родители, законските старатели или на други поединци кои се правно одговорни за детето и за таа цел ги правземаат сите потребни законодавни мерки. Државите членки се грижат сите институции, служби и установи кои се одговорни за грижа или за заштита на децата да бидат во согласност со стандардите што ги имаат утврдено надлежните органи, особено во областа на сигурноста и здравјето, бројот и достојноста на персоналот, како и на стручниот надзор.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ