Терминот „junk“ храна се однесува на специфичен вид храна, која инаку е многу популарна во денешно време и главно се консумира вон домот. Таа храна содржи многу шеќер и маснотии и се смета за нездрава . Тука спаѓаат различни слатки, чоколадирани продукти, сладолед, чипс , хамбургери, „хотдогс“, пржени компирчиња и сл. (т.н. брза храна). Доколку ваквата храна се консумира често, за сметка на на другите типови храна, како последица, може да се јави гојазност, витамински и минерален дефицит и други здравствени проблеми.
Зошто „џанк“ храната се смета за нездрава?
Заситени масти – Храната која се нуди во популарните ресторани за брза храна (пржено пилешко, хамбургери и пржени компирчиња), содржи големи количини заситени масти. Овие масти се преферираат во индустријата за производство на храна бидејќи се ефтини и можат да издржат високи температури при готвењето. Само еден оброк на брза храна, содржи повеќе од 50% од вкупните дневни потреби за масти. Според препораките за урамнотежена исхрана, ако дневниот енергетски внес изнесува 2000 килокалории, заситените масти треба да се присутни помалку од 20 гр. Оваа количина (20 гр) на заситени масти е содржана во еден, единствен оброк од следните брзи храни:
• Пржена риба, со помфрит
• Четири парчиња пица
• Хамбургер со помфрит
• Пржено пилешко, со чипс
Мастите имаат висока енеретска вредност- содржат два пати повеќе килоџули на грам (37 кЈ), во споредба со протеините (17 кЈ) или јаглените хидрати (16 кЈ). Ако во организмот редовно се внесуваат повеќе килоџули отколку што му е потребно, ќе дојде до здебелување. Докажано е дека заситените масти доведуваат до поголемо покачување на тежината во спореба со полинезаситените масти, дури и во случај кога содржат еквивалентен број на килоџули. Заситените масти го зголемуваат ризикот за срцева болест, преку покачување на нивото на холестеролот во крвта.
Сол – типично за џанк храната е што е многу солена. Претераното внесување на сол може да доведе до покачување на крвниот притисок, што исто така преставува ризик за срцева болест. Максималната дозволена количина на сол кај возрасните со нормален крвен притисок изнесува 2500 мгр/ден. Македонската кујна, традиционално е солена кујна (се внесуваат до два пати поголеми количества сол). Треба да се знае дека само околу 20% од солта се внесува со „посолување“ на храната – остатокот е скриен, во готовата храна, како што е лебот, цереалиите кои се користат за појадок, различни кифли, гевреци и бисквити, кои се користат за ужинка. Ако сакаме да го намалиме внесот на сол, треба да се прекине со земањето на готова храна.
Шеќер – следните „џанк“ производи содржат многу бел шеќер: бисквити, колачиња, бомбони, сладолед и други слатки. Познато е дека ваквата храна може да доведе до здебелување и до појава на шеќерна болест. Покрај тоа, високиот внес на шеќер е причина за зачестена појава на забен кариес, зголемена тенденција кон тромбоза, го намалува нивото на „добриот“ холестерол, го зголемува нивото на масти кои се поврзуваат со развојот на шеќерната болест и срцевите заболувања, го зголемува ризикот за колоректален канцер.
Адитиви – адитивите кои се додаваат во овој вид на храна имаат задача да ја продолжат трајноста на производите, да ја подобрат бојата, мирисот или вкусот. Некои луѓе покажуваат преосетливост кон адитиви, но ова не е така често како што се мисли. Како резултат на преосетливост може да се јави пролив и кожен раш.
Дали треба „џанк“ храната комплетно да се напушти?
Тешко може генерациите кои практично израснале на „брза храна“ да се убедат дека треба комплетно да ја напуштат. Разумно е, да се биде поумерен во очекувањата – барем да се направи поздрав избор на храната. Можеби наједноставниот начин да уживате во брзата храна, без при тоа да консумирате премногу масти, е да не земете чипс или помфрит. Голема доза на чипс содржи околу 50 гр масти. Ако сакате да ја намалите тежината, не треба да земата повеќе од 40 гр масти/ден. Оние кои се физички активни може да земаат 70 гр масти/ден. Следните оброци на „брза“ храна содржат релативно помалку масти и сол:
• Вегетаријанска пица, пица од морски плодови, пилешко без кожичката.
• Пиле на скара, суфлаки, посно месо, плескавица на скара, риба на скара.
Дури и „џанк“ храната има одредена нутритивна вредност и таа може да се зема повремено. Клучот е во самоконтролата. Генерална препорака е околу 90% од храната да биде свежа и здрава, а т.н. „џанк“ храна да не е застапена повеќе од десет отсто.