Неодамна, по повод празникот Ѓурѓовден, македонското здружение за култура обичаи и традиции „Гороцвет” од Скопје и општината Ранковце во соработка со Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта, организираа несекојдневен настан посветен на пастирот, стадото и шарпланинецот.
Празникот Ѓурѓовден не само што го празнува христијанското, туку и другиот дел од население во нашата земја и овој празник е во чест на пролетта и на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто. На Ѓурѓовден овчарите се обврзуваат, главуваат, да ги чуваат овците во планината до Митровден, календарски од 6 мај до 8 ноември.
По тој повод се одржа овој необичен настан, кај младиот одгледувач на овци Илчо Ивановски во селото Радибуш кој во своето стадо има над 200 овци и пет шарпланинци. Во програмата беа изведени музички нумери и фолклорни танци со содржини и обичаи поврзани со празникот- Ѓурѓовден. Беа изведени музички нумери и се прикажани обичаите поврзани со празникот Ѓурѓовден и се прочитаа песни посветени на овчарот, стадото и кучињата верни чувари на стадото.
Сликарот Цветин им подари свои слики од македонската цветна градина. Учествуваа ученици од ОУ „Христијан Тодоровски Карпош” од Ранковце, предводени од нивната наставничка Светлана Лазаревска, поетот Илко Димитриески, естрадната уметница Вики Среброва, Жарко Костовски гајдаџија, Стојанче Величковски познат хералдичар и фоторепортер, како и сликарот/ хуманист Цветин кој им подари слики- цвеќиња на мирот.
Во името на ЈП за стопанисување со пасишта учесниците на настанот ги поздрави директорот д-р Љуљзим Фејзулаи кој им даде насоки на одгледувачите на овци во користењето на пасиштата и поддршка во одгледуваље на нивните стада и за натамошниот развој на овчарството во регионот.
Во името на општина Ранковци ги поздрави Горан Младеновски, преседател на советот на општината Ранковце кои истакна дека оваа традиционална ѓурѓовденска средба ќе биде подржувана и во иднина од страна на општината.
Инаку, уметникот и нобеловски кандидат Живко Поповски Цветин е иницијатор и организатор за овој настан, а воедно е и претседател на Македонското здружение за култура, обичаи и традиции „Гороцвет” Скопје.