сабота, јули 27, 2024
домаНеподносливото чувство на вина

Неподносливото чувство на вина

Кон „Загубена ќерка“, режија и сценарио: Меги Гиленхал; улоги: Оливија Колман, Џеси Бакли, Дакота Џонсон, Ед Харис, Пол Мескал, Питер Сарсгард; фотографија: Хелен Лувар; САД/В.Британија/Грција 2021

Сунчица Уневска

Како да се насликаат внатрешните чувства? Како да се долови сензибилната состојба на некој кој со своите емоции се бори долго време, на некој кој има чувство на неуспех или вина, на некој кој не може да ги оправда или прифати сопствените постапки, на некој кој самиот постојано се осудува, на некој кој реагира чудно, а и самиот не знае зошто? Како тоа да го прикажете на филм?

Се чини дека младата режисерка Меги Гиленхал во своето деби, „Загубена ќерка“, се зафаќа со голем предизвик, со нешто што е навистина многу тешко да се покаже визуелно, особено ако на сето тоа му приоѓате директно, без разубавување и без никакви индиректни алузии или игри, низ кои донекаде полесно би можела да се долови болката. Но, не, Гиленхал се придржува до романот на италијанската писателка Елена Феранте, инаку насловен „Мрачна ќерка“, токму онака како што е замислен, не одејќи низ филмската, туку многу повеќе низ психолошката игра. Поради тоа филмот може да ве остави и на дистанца, но секако, не губи од својата провокативност и немир, кои се постојано присутни.

Можеби затоа Меги Гиленхал и ја доби наградата на Венецискиот филмски фестивал за најдобро сценарио, бидејќи тоа не е воопшто едноставно. Навистина, овој филм е поинаков, многу повеќе интровертен, некомуникативен, па на моменти дури и нејасен или навидум недовршен, па сепак, успева да ве предизвика и да ве натера на преиспитување, да создаде некое чувство на незадоволство, па дури и револт. Успева авторката таа необична состојба на главниот лик, Леда, да ни ја донесе на доста вознемирувачки начин, терајќи нè постојано да се прашуваме каква е, всушност, Леда. Изборот на Оливија Колман да ја игра Леда е исклучителен, бидејќи таа толку добро ја носи двојноста на ликот, кој во исто време изгледа толку пријатно и толку непријатно. Неверојатно, и сосема се оправдани номинациите што ги понесе и Колман, но и актерката Џеси Бакли, која ја игра Леда како помлада.

Необичен и ефектен е и изборот на романсиерката Феранте, а секако и на Меги Гиленхал, тоа да биде филм и приказна која се одвива на плажа, што на прв поглед делува како нешто што е полесно, забавно, етерично, натопено со убавина и безгрижност, а всушност, е сосем обратно. Впрочем, таквата околина на овој филм му дава уште поголема тежина, бидејќи самиот товар што го носи е некако многу повеќе нагласен кога сте опкружени со таква убавина и леснотија, а кои до вас и не допираат. Токму затоа  Меги Гиленхал и кога ги слика пејзажите е доста воздржана, ние некако и немаме слика за целата таа природа и привлечност на тој прекрасен остров, или дури и кога имаме, не го доживуваме така. Другиот контраст е во семејството кое доаѓа на таа плажа во чиј дотогашен мир и тишина ужива Леда, кое е бројно, бучно, екстровертно, премногу наметливо, сосем поинакво од оној внатрешен свет на Леда, која сепак ќе биде „вовлечена“ во тие случувања што отпрвин ги игнорира, тогаш кога ќе ја здогледа младата мајка Нина и нејзиниот однос со тригодишната ќерка.

Наеднаш, не само што е нарушен нејзиниот мир и желба на овој остров да работи, туку случувањата ќе ја вратат токму на оној потиснат немир во себеси од кој, всушност, и не може да се ослободи. Таа е универзитетска професорка и преведувачка, она што како студентка толку многу сакаше да го работи, но како млада мајка на две ќерки ја доведуваше до невозможна ситуација. Ситуација која ќе ја одведе во такви крајности, кои ќе и го одбележат животот засекогаш. Таа ќе успее да го работи тоа што го сака, но од немирот во себе никогаш нема да може да побегне.

Леда, која името го добила според песната на Јејтс „Леда и лебед“, што тој ја базирал на грчката митологија, а кое сама го открива во филмот, некако се чини во себе ја носи и таа приказна, приказна која има многу верзии, приказна која ја инкорпорира двојноста на различни начини. Онаа нејасна двојност, кога човек мисли поинаку, а се однесува сосем спротивно. И Џеси Бакли е извонредна во филмот, толку сугестивна во изразување на неподносливоста на она што и се случува, таа ги сака своите ќерки, но товарот е преголем, желбата и посакувањата сосем поразлични, судирот со реалноста уште потежок. Леда ќе одлучи да го брка својот сон, но тоа е нешто, што и покрај сиот успех, и покрај сите книги и приказни, не може никако да ѝ го донесе мирот.

Младата Нина и тригодишното дете кое постојано го бара нејзиното внимание, ќе ја потсетат Леда на сето она низ што таа минувала како премлада мајка, која често била сама со нив, а упорно се обидувала да го заврши факултетот. Тој силен порив во неа и прашањата на кои никогаш не им нашла одговор, се нешто што е тука постојано, нешто со кое не може да се носи, нешто за кое сè уште има потреба да зборува, да се преиспитува. И тогаш, како буица надоаѓаат сеќавањата кај Леда, нејзините чувства, нејзиниот напор, нејзината лична борба, нејзините копнежи… Во флешбекови, паралелно ја следиме и нејзината приказна, која ќе ја одведе низ некои мрачни ходници, како што таа самата ги преживува, од кои веројатно и нема да се врати, барем не целосно.

Затоа и оној монолог кога ќе седне на вечера со младиот помошник во летувалиштето, кога почнува неконтролирано да раскажува за себе и за својата мајка, за децата Бјанка и Марта, за тоа колку едната и ја земала сета сила, а другата живеела во свој свет… Затоа и онаа усилена љубезност со хотелскиот домар; затоа и оние нејасни случувања кога шишарка ќе остави белег на нејзиното тело, кога на перницата до себе ќе го види тој необичен штурец; затоа и она неразумно однесување, па дури и бизарно со куклата на малото девојче. Наеднаш Леда како да ја гонат духови, колку што бега, колку што се плаши, толку сè околу неа станува почудно и понејасно, толку некои граници се поместуваат, затоа и не можете да ја разберете, ниту да се поистоветите со нејзината внатрешна бура од емоции. А впрочем, не може ни она.

Да, филмот оди во некоја сосем поинаква насока и гледачот се наоѓа затекнат, бидејќи ова е едно поинакво остварување, ова не е филм кој покажува, туку филм кој истражува, ова не е филм кој раскажува приказна, туку онаа скриена, далечна приказна во него се обидува да го дефинира недефинираното, да ги види и препознае оние контури кои толку многу ја плашат. Умее Леда навистина да изненади со своето однесување, умее да се изненади и самата барајќи го она со кое, всушност, и не може да се соочи. Меги Гиленхал тргнува по една сосем подруга патека и отвора бројни прашања, за мајчинството, за љубовта, за предрасудите, за очекувањата, за односот меѓу луѓето кога ќе се соочите со непознатото, со една енергија која е дотолку попривлечна колку што е понејасна, па дури и одбивна.

Навистина е тешко да се донесе еден таков филм во кој го има и доброто и лошото, и чудното и вообичаеното, и привлечното и бизарното, но не онаму каде што ги очекувате. На моменти филмот е многу добро доловен, ефектно, но на моменти имате чувство дека е промашен и недовршен. Можеби се работи и за искуството на Гиленхал, кое дефинитивно го надоместува феноменалната глума на Колман, но и на Бакли. Не е тоа голем филм, но секако е нешто поразлично, нешто провокативно и недофатливо, во кое може да се пронајде секој и никој. Можеби во тоа и е големината. Како и да е, „Загубена ќерка“ е филм кој ве тера да се преиспитате, не само за истите нешта, туку и за сето она во кое не можете да се препознаете сами себе. Има во него некоја животна мистерија, на моменти поуспешна, на моменти не, но секако вредна да се види, бидејќи сакале или не таа може да биде многу неочекувано дел од сечиј живот.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ