Камерон Дијаз се врати од привремена пензија за да го сними филмот „Back in Action“ со Џејми Фокс, и наводно потпиша договор со Нетфликс за овој и уште еден филм – за што ќе биде платена дури 45 милиони долари.
Многу фанови на Камерон Дијаз се израдуваа кога во 2022 година беше објавено дека актерката ќе се врати на филмот по 10 години пауза. Таа продукција резултираше со Нетфликсовиот филм „Back in Action“ во кој се здружува со Џејми Фокс.
Нетфликсовиот сложен модел на филмска продукција неодамна беше анализиран во опширна статија објавена од Блумберг. Во неа се наведени методите и стратегиите кои ги применил Дан Лин, кој беше именуван за претседател на филмскиот оддел во 2024 година.
Меѓу темите дискутирани во статијата се и обидите на Лин да ги држи трошоците под контрола. Сепак, според извори, тој направил сè што можел за да ја извлече актерката од пензија, бидејќи наводно ѝ биле платени 45 милиони долари за да се појави во два филма.
Иако за многумина ова е голема сума, особено за ѕвезда која не глумела во филм од 2014 година, Камерон Дијаз има низа хит филмови во својата кариера. Затоа, теоретски, може да се разбере зошто стриминг гигантот би сакал да склучи ваков договор.
Со оглед на тоа што филмот „Back in Action“ е најгледан на платформата по само три дена од објавувањето, ова делумно го оправдува вложувањето.
Привремена „пензија“
Камерон Дијаз претходно зборуваше за своето враќање на глумата, но не го спомна финансискиот аспект. Таа откри дека одлучила да замине во привремена пензија бидејќи сакала да биде слободна и да биде само сопруга и мајка.
Дијаз неодамна проговори за тоа што ја поттикнало да се врати и рече дека не можела да ја одбие понудата на добриот пријател Џејми Фокс.
Филмот „Back in Action“ остава отворена можност за продолжение, а со оглед на тоа што ѕвездата на филмот „Bad Teacher“ се согласи да работи и на втор филм, веројатно е дека продолжението би можело да биде во подготовка.
Нетфликс сè уште нема објавено ништо, што и не е изненадувачки со оглед на тоа што филмот дебитираше во петокот.
С.Н.