„Кога денот немаше име“ е трет филм на Теона Стругар Митевска прикажан во програмата „Панорама“ на Берлинскиот филмски фестивал. Но, мора да кажеме дека и покрај тоа што како косценарист се потпишува Елма Татарагиќ, а како директор на фотографија искусната француска снимателка Ањес Годар (на која пред три години во Битола, кога Лабина Митевска беше директорка, и беше врачена почесна „Златна камера 300“), сепак, ова е најслабиот филм на Теона Митевска. А уште полошо е што овој филм прави алузија на случувањата кај Смилковско Езеро и убиените тинејџери, носејќи ги луѓето во заблуда за овој страшен и се уште неразрешен, а поради тоа и многу чувствителен настан за нивните семејства, но и за целата македонска јавност.
Точно е дека уметникот има право да направи своја визија и уметничко дело кое не ги реконструира настаните, како што и пишува на почетокот на филмот, (иако во каталогот пишува дека се базира на вистински настани), па тогаш се прашувате зошто всушност е потребна оваа алузија освен за да се сврти вниманието, со што можеби „индиректно и наивно“, но овој настан погрешно се злоупотребува. Сето тоа привлече внимание кај обичната публика, но не и кај новинарите (за премиерата нема да пишуваме, бидејќи тоа се поканети гости и голем дел од екипата, чија реакција секогаш е еуфорична и нема врска со реалноста). Новинарската проекција не исполни ни третина од салата, а многумина и ја напуштија пред време. И со право. Проекцијата ќе ја напуштеше и вашиот новинар да немаше професионална обврска да го изгледа филмот до крај.
„Кога денот немаше име“ е здодевен филм, без никаква инвентивност и спонтаност, кој се преповторува и во кој дијалозите и сцените се премногу наместени. Тоа е филм кој нема што да каже, освен да ги повторува толку употребуваните фрази (како нема иднина или нема да учам албански) врзани за проблемите и актуелните состојби во Македонија, но не врз основа на филмската игра или издржаната приказна, туку само како истрошени фрази кои треба да ни појаснат што всушност тука се случува. Па, така, имате и графити и „уметнички пози“ (повторно наместени), тотално неадекватни на настаните и дејствието кои дополнуваат нешто што би требало да го сфатиме од филмот, кога тој воопшто би имал идеја, цел и визија.
Однесувањето и дијалозите на момчињата во филмот, кои треба да ја изразат целата безидејност, апсурдност и проблематичност на актуелната стварност во која живеат и која ги демотивира и ги прави бесчувствителни кон другиот, се вештачки, празни, површни и постојано се преповторуваат. Се чувствува дека Митевска се обидува да ги имитира Лери Кларк („Деца“) и Гас Ван Сент („Слон“), но тоа воопшто не успева. Факт е дека не е воопшто лесно да се проговори за „изгубената генерација“ на таков начин, бидејќи како што покажува токму Ван Сент, потребна е зрелост и мајсторство, но и чувство и мерка, за да умеете таа безидејност, тотална празнина и разочараност да ја заокружите и на вистински начин да стигне до гледачите.
Овде драмата односно кулминацијата се случува околу една малолетна проститутка, што за жал потсетува на првиот филм на Митевска кој го одликуваше токму крајниот аматеризам. Ликот на Лабина Митевска, која живее со таткото на едно од момчињата, е тотално безизразен и рецитаторски. Николина Кујача добро ја игра мајката која бега од стварноста, само што е ставена во ситуација да повторува многу наместени и неадекватни реченици. Додека, Ана Костовска како продавачка која повеќе не дава да се купува на вересија, ја носи животноста која инаку на филмот во најголем дел му недостасува. Младите момчиња и девојки, кои се натуршчици, сосем добро се снаоѓаат во она што треба да го одиграат.
Природата низ камерата на Ањес Годар е убаво снимена, тоа е неспорно, но не може да ја надополни празнината и бесмисленоста на овој филм, како и бесцелниот начин на кој е воден. Конфликтот со Албанците, кој исто така нема база во ништо и кој треба да се подразбере, не само што е лошо вметнат во филмот, туку е и погрешен. Не смеат проблемите да се сведуваат на такво ниво, а уште помалку на претпоставки или земање нешто здраво за готово, ниту пак смее младите на таков хировит начин да се злоупотребуваат.
Алузијата пак околу тоа кој може да биде виновникот е тотално непотребна, па и опасна. За жал, еуфоричноста, незрелоста и хировитоста нема да допринесат овој филм да има одѕив на каков што се надеваат авторите, затоа што погрешниот приод, злоупотребата и неиздржаната приказна се очигледни.