Словенечките актери од Градскиот театар Љубљана, вчеравечер ја донесоа на „Охридско лето“ театарската претстава „Нора“ од Хенрик Ибзен а во режија на Нела Витошевиќ, една од најистакнатите претставници на помладата генерација македонски театарски творци.
Претставата, која критички го начнува проблемот на патријархално уредениот модел на граѓанско семејство и го артикулира правото на жената да избере ослободување од подреденоста во бракот е едно од најпознатите и најчесто изведувани дела на норвешкиот драматург Ибзен.
-Мислам дека е многу актуелно да се отвораат овие женски прашања, да се зборува отворено и слободно за нив. Особено имајќи предвид дека Нора е лик којшто го симболизира женскиот отпор и потрагата за индивидуална слобода,вели режисерката Витошевиќ.
Претставата се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ беше предвреме распродадена, а актерите воодушевени во пресрет на настапот на „Охридско лето“.
– Низ работниот процес се обидував да го одржувам срцето отворено и ликот на Нора да не го осудувам на никаков начин. Затоа што најчесто кога жената го напушта сопругот и децата тоа се уште кај нас е голема табу тема,вели словенечката актерка Ајда Смрекар.
Според актерите од Градскиот театар Љубљана, театарската претстава „Нора“ е посетена од многубројна публика а реакциите се секогаш позитивни.
-Реакциите на публиката беа прекрасни. Голем број средношколци ја погледнаа претставата, затоа што текстот Нора им е дел од матурската работа. Дојдоа многу млади луѓе и нивните реакции беа навистина позивни, појаснува актерот Матеј Пуц.
Годинешното 63-тото фестивалско издание на „Охридско лето“ утре на Античкиот театар ќе го затвори Драмскиот театар Белград со театарската претстава „Лагата“ од Флориан Зелер во режија на Никола Љуца.