Ново име за нова надеж

0
211
Пишува: Филип Спировски

Пишува:Филип Спировски

Не ми е јасно како зад секој важен момент за државата, немаме среќа со по некој од политичарите во врвот. Овој пат со опцијата за промена на името на државата Хорхе со лизгачки старт се обиде „да го прекине натпреварот“. Јавно се закопа за секаква меѓународна коегзистенција – НАТО и ЕУ, со исклучок на Орбан и Ердоган (можеби). За разлика од него, лидерот на опозицијата бил ставен пред свршен чин да се изјасни за прашањето за името. Прашањата што му ги поставуваа месеци наназад новинарите ги одговараше со мислата нека се изјаснат преговарачите па потоа и јас.

Овие два водечки политички лика, од опозициска провиниенција, се сликата на Македонија насликана од претходната политичка гарнитура која длабински не позиционира во кал. За жал се уште функционираат веројатно поради инерцијата бидејќи ако јавно прогласиш дека не си за НАТО и ЕУ, а при тоа си Претседател на државата се полеваш со срам пред оние кои те поддржуваат. (Мислам на странците).

Домашните поддржувачи на недоговарањето не се за опсервација. Сепак два моменти не се за прескокнување. Случајните кои не сакаат да се викаат Република Северна Македонија затоа што се погодени длабоко во душата. И друштвата на Македонците во македонската дијаспора кои ќе мора да се подготват за поинакво маскирање за панаѓурите.

Другите партиски поддржувачи од опозицијата како неартикулирана аморфна маса клокоти и негодува. Но од клокотењето  не се разбира кај сакаат да одат, зашто не им е јасно кај тргнале. За забелешка се перјаниците на позицијата од минатиот состав на собранието. Скриени во заветрина чекаат да мине невремето па повторно да можат да газат на подебел лед. Свежи се сеќавањата за нивните заложби за ЕУ и НАТО на секој изборен митинг. Го знаат тие добро и решението и одговорот, ама пусти пари и приливи, не им дозволуваат да ја прифатат широката слика.

Ако овој договор со Грција бил последното нерешено – отворено прашање со соседите ми доаѓа мисла дека имаме шанса да не биде, да се одбиеме од дното и да тргнеме нагоре. Да се оттргнеме од вообичаените турнимедакинисам состојби од политичари со нарушено здравје заплеткани во бизнис – тендерски сплетки, со политики кои ќе го објаснат Тимјаник и милионите евра потрошени од УНДП и УНИЦЕФ токму за лицата, децата со посебни потреби.

Се надевам дека ќе заспијам и ќе се разбудам во моментот кога нема да се сеќавам на името на претседателот на државата, а пасошот ќе ме вклопи во Европското семејство. Колку сме на број, можеби и САД , Австралија и Британија, ќе ја либерализираат визната бариера. Расонет, вклучувам интернет за да гласам на избори во кои се нудат имиња на политичари – лидери, докажани со дела во пошироки рамки од сегашниве седумстоипедесет километарски. Пред ручек, ја проверувам состојбата на банкарската сметка зголемена за илјада евра од месечната плата и купувам билети за попладневниот полуфинален фудбалски натпревар помеѓу Манчестер Ј. и Вардар. Во меѓувреме читам во дневниот весник на 36 А3 страни со два колорни прилози за филм и за мода, дека овој ден пред десет години сме го потпишале договорот со Грција за спорот со името.