Двајца македонски хипхопери, браќата Славчо и Александар Ковиловски, го остваруваат својот сон, и заминуваат на својот хипхоп аџилак во Њујорк, градот од каде потекна овој субкултурен музички жанр. Го преточуваат во интересна 40 минутна репортажа со документарен предзнак, кој скопската премиера ја имаше синоќа, 19 септември, на “Синедејс” во Ибни Пајко.
Хипхоп публиката, претежно млади гледачи, го изгледа интересниот филм, со оригинален наслов NEW YORK: THE PILGRIMAGE, а потоа не ги штедеше аплаузите.
Овој музички документарец, во режија на Славчо Ковиловски, а во продукција на Александар, е своевидно патешествие низ улиците на Њујорк, родното место на хип-хоп културата. Сите тие културни влијанија, расни проблеми и борби за права се прикажани во културна смисла. Главна цел е да се направи паралела помеѓу развојот на хип-хопот во САД и во Европа, поточно во Македонија, каде што хип-хопот се појави на почетокот од 90-тите.
Овој документарец исполнет со музика од златното време на хип-хопот и слики од гетата и местата каде што се развиваше оваа култура, даваат личен приказ за градот што го доживеал авторот на филмот, кој пораснал со хип-хоп културата. Она што е исто така а впечатливо, во неговото видување е што покрај њујоршкиот историјат на хип-хопот, дава и снимки од најубавите и најинтересни места во градот.
На почеток на премиерата авторот се заблагодари за поддршката на луѓето кои логистички го помогнале Алек, Стојан Каевски, “Клан исток”, Деко, Мац, Арена сопругата, фамилијата, Јане Теохаревски, и најави наскоро прикажување на фестивал во Србија. Монтажата е на Гаврило Марјан.
В. Ѓ. ПАРГО