Во Германија од 1 март стапи на сила новиот закон за вселување на професионален кадар, кој се однесува на квалификувани работници од земји кои не се членки на ЕУ, што значи се дигнаа рампите за нашите граѓани. Дали е тоа навистина така?
Според новиот закон, како стручњаци веќе не се сметаат само лицата со факултетска диплома, туку и квалификувани лица чие стручно образование траело најмалку две години и е еквивалентно на германското образование, така што нивните дипломи може да бидат признати во Германија.
Граѓаните кои ќе се обидат да се преселат во Германија ќе треба во период од три месеци по доставувањето на сите потребни документи да успеат да добијат верификација, признавање на дипломите, а процесот на издавање на виза за квалификуваните работници во иднина би требало да трае најмногу од четири до шест недели. Законот важи за секој квалификуван работник надвор од ЕУ кој може да докаже дека има договор за вработување во Германија и соодветни стручни квалификации.
Во оваа група на работници не се опфатени помошните работни места за кои не е потребна стручна квалификација, но работниците кои имаат основни професионални квалификации и договор за вработување или понуда за работа во Германија, можат да се доквалификуваат.
Секој што сака да бара работа во Германија, ќе добие виза за шест месеци, а предуслов е да има пари да ги покрие трошоците за живот во тој период и да зборува германски на ниво Б2.
После четиригодишен престој, квалификуваните работници можат трајно да се населат во Германија, односно стекнуваат право на неограничен престој.
А.Н.