На пленарна седница пратениците со 53 гласа „за“, ниту еден „против“ и 26 „воздржани“, ги усвоија измените на Законот за заштита од заразни болести, со што од утре (четврток) сите граѓани, освен оние кои спортуваат на отворено, децата под 6 години и некои други исклучоци, ќе мора да носат маски и на отворено.
Измените предвидуваат и други обврски – задолжителна е самоизолацијата на оние кои чекаат тест за коронавирус и се забранува групирање на јавен простор (паркови, јавни површини или било која површина на отворено) во одредени периоди од деноноќието. Не треба да се носат маски во кафеани во кои се воспоставени и се почитуваат специфични протоколи за заштита, како растојание и дезинфекција.
За непочитување на новите законски обврски ќе се пишува казна од 20 евра.
Сепак, пратениците од СДСМ и министерот за здравство Венко Филипче се премислија и го повлекоа предлогот кој предвидуваше контрола во домовите на граѓаните и казни доколку има повеќе од четири гости. Со ова повторно се остава на совесноста на граѓаните, бидејќи ако нема ограничување на движењето, односно полициски час, граѓаните ќе може да се собираат по дома и да организираат семејни прослави, а што е извор на ширење на вирусот.
А.Н.