„Ловец на соништа“, е Вашата прва поетска книга, неодамна објавена и промовирана во Куманово. Како настана оваа книга, колку време ја пишувавте?
-Да мојата прва поетска книга објавена на 26 март 2018 година е „Ловец на соништа“. Книгата е пишувана многу време, но се чекаше вистинскиот момент да биде објавена. Бидејќи со тек на времето и моето пишување се менува, пишувам од малечка и сакав да го изнесам најдоброто од мене.
Што се случуваше на самата промоција, кои личности зедоа збор и говореа за истата?
-Промоцијата беше невообичаена, луѓето беа изненадени, можеби затоа што не навикнале на некои работи. Почетокот беше со видео од мои фотографии, од малечка па се до сега. Просторијата затемнета, со рефлектори, пријатен, романтичен амбиент. Мојата промоторка беше Оливера Доцевска, која кажа нешто повеќе за мене и моето дело. Зборуваше и мојата класна Лидија Цветкова, која ја поканив на начин да каже колку изостаноци имам јас. Моја идеја беше да играме виенски валцер со Никола, со кој порано одевме на латино танц. Бидејќи и тоа е дел од мене. Аматерскиот театар Куманово учествуваше во промоцијата. Две девојки рецитираа од публика, потоа момче и девојка си кажуваа стихови, во вид Ромео и Јулија.
Книгата содржи песни на разни теми, но секоја со своја порака, за животот, секојдневието, самодовербата, вербата, љубовта, осаменоста, тешкотиите на реалноста… Генерално, која е главната порака што сакате да ја пренесете?
-Во книгата се е опфатено, дури и онаа детското во мене. Нешто кое би сакала да го пренесам е да веруваме во своите сонови бидејќи ако навистина веруваме и посакуваме да се исполнат, тие ќе се исполнат. Да го негуваме и онаа најмалото парче детското во секој од нас, искрено да сакаме, почитуваме, да се радуваме на својот успех и среќа, но и на туѓа среќа и достигнување.
Како се прифатени песните, што комeнтираат оние кои ги прочитале?
-Сите ги интересира што една млада личност, што велам јас дете има да каже, да напише. Веднаш по промоцијата луѓето почнаа да зборуваат, да се јавуваат. Коментарите се нижеа, и ми беше пријатно да ги слушам. Многумина кажаа дека во моите песни се пронашле себе си, потполна искреност, дека песните се раѓачки на солзи, во нив има чиста љубов, едни теми од секојдневие преточени во песна. Ми кажаа дека јас во животот имам цел, и така е.
Кога го откривте својот талент, но и порив за пишување?
-Прв пат мојот талент го открив во 5-то одделение. Се сеќавам на првата песна „Чуден сон“. Така започна се. Од тогаш до сега имам многу напишано и уште пишувам. А талентот за пишување мислам дека е и наследен од мојот татко.
-57 песни се сместени во поетската збирка „Ловец на соништа“, релативно голема бројка. Дали тоа е засега целото Ваше творештво или имате уште напишани, а необјавени песни и текстови?
-Во „Ловец на соништа“ е сместена капка од моето творештво за овие години. Моето творештво не се само 57 песни, туку многу повеќе. Почнувајќи од пред 7-8 години па до сега. Покрај песни има и текстови, некои беа објавени на техт.мк и за тоа ви благодарам. Имам напишано и комедија на кумановски. А следното дело ќе е комбинација од поезија и проза.
Ловец на соништа! Каков ловец е Ана, што сака да улови во иднина, во својот Живот?
-Ана е ловец на својот сон. И до сега секој мој сон стана реалност затоа што го посакувам со цело срце и душа. Сакам да ги уловам искрените насмевки, детските игри, топлите прегратки. Да го уловам најдоброто, чистото , колку и да мислат дека е невозможно и извалкано. Чесноста. И да го достигнам највисокит врв.