Однесено со ветерот

0
181
Пишува: Филип Спировски

Пишува: Филип Спировски

Далечината на на стоматологот ме одвраќаше од редовна посета. Но, веќе немав каде – се упатив кон населбата Ѓорче Петров. Под Железничката станица чекав да дојде автобусот бр. 5. Местото е добро за чекање: осветлено и задскриено од дожд, а и најблизу е до мојот дом. Низ тунелот пладневната магловина минува небаре ефект од сцена на хорор филм. Возилата под тунелот се движат забавено зашто семафорот едвај се наѕира. Ноемвриските магли се вообичаени за населбата Аеродром која грубо почнува од под Железничка. И близината на Вардар е виновна за овие магли. Некои велат автомобилите биле виновни….

Овој момент од пред 30 години ми се повтори пред неколку дена. Наполнет од неколкуте настани токму овој ноември: Третата министерска средба за животна средина и расправата за чист воздух, Годишниот стратеши митинг на граѓански организации поврзани со животната средина, Неразбирливото мумлање на одговорниот Министер кој не се бавел со граѓани, тужбата во најава против државата (читај непознат сторител) заради нарушеното право на чиста животна средина особено на децата и неподносливата забоболка како онаа од пред триесет години. Загадениот воздух во Скопје и Тетово ги руши рекордите според мерењата во градовите од светот. Градските татковци пак, го кандидираат Скопје за најзелен град според стратегијата за справување со загадувањето. А обврските што ги презела државата да информира за загадувачите, да ги мапира (обележи), да алармира постојано, не се исполнети. Нивната приказна е да се бараат причините за загадениот воздух во граѓаните.

Тие се грееле на дрва! А државната Македонски шуми им испорачува „тазе“ исечени дрва;

Тие возеле автомобили што загадуваат! А државата ги стимулираше да увезуваат ѓубре од Европа;

Тие биле против гасификација! А државата сеуште не може да поврзе гас во РЕК Битола или во УСЈЕ…

Според мене најмногу вина носат пушачите кои понесени од благосостојбата во општеството пушат каде стигнат – од институциите до кафеаните. Никако да се ѕирне во оџаците на Тутунскиот комбинат во центарот на Скопје или во Цементарницата УСЈЕ кои испуштаат што сакаат и кога сакаат. Градежната експанзија на просторите кои порано беа „зелени“ површини, зголемување на катноста според потребите на џебот на корумпирани изгласувачи на квази Дупови и слични небулози од типот на зелено, жолто портокаловите налепници за автомобилите, сигурно се вклопуваат во стратегијата за справување со ПМ10 честиците!

А, барањата на освестените за казнување по „арапски модел“ и брзи и зелени автобуси, за покажување со пример како треба – почнувајќи од себе, сопствената институција, сите вработени таму и така по ред, садењето на дрва и менаџирањето на сечата на шумите, сигурно ќе донесе ефекти во догледна иднина. Оти за оваа тема нема компромис. Не е изговор малиот буџет на одговорното министерство во кое се пуши по канцеларии. Не е изговор ниту неосвестеноста кај граѓаните што несовесно горат се што ќе им дојде под рака. Не е изговор ниту договорното менаџирање со отпадот во кој се давиме. Ниедна стратегија не предвиде „позитивен приод“ со сет од мерки кои како и се во државава, ќе бидат поврзани со одбивање, негирање, инаетење и видливо, транспарентно казнување на ОДГОВОРНИТЕ!

Поздрав, до следниот ветер. Само тој може да не спаси.