Премиерот на РС Македонија, Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција информираа дека започнува да се имплементира проектот „Празнувај одговорно“ и дека се апелира граѓаните да бидат одоговорни во празнување на празниците со цел да се спречи ширењето на корона вирусот.
„Се наоѓаме пред нов предизвик во битката со пандемијата. Соочени со изборот да продолжиме со рестриктивните мерки, кога вакцината е пред испорака или да влеземе во ризик на неодговорно празнување, Владата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести кои се со цел да се избегне зголемувањето на бројот на заразени“, рече премиерот Заев.
Новите мерки предвидуваат ограничување на работата на угостителските објекти до 18 часот, организирање прослави, а препораки за избегнување на празнувања се испратени и до верските заедници да не повикуваат на масовни собирања. Во мерките се вели дека хотелите ќе работат по протоколите како и до сега, а рестораните со цел да може да се организира вечера ќе треба да ги затворат во 21 часот.
Министерот за здравство Венко Филипче објасни дека мерките се однесуваат во насока на спречување на ширење на заразата, со напомена дека и покрај сложената ситуација има околу 150 слободни кревети на цела територија на државата. Тој напомена и дека модуларните болници се во фаза на завршување.
Во однос на вакцината министерот напомена дека логистиката се одвива со одлична динамика, единствено што недостасува се фрижидерите кои ќе работат на -75 степени, но кои се очекува да стасаат во Македонија на почетокот на идната година и тоа како донација.
На прашањето на ТЕХТ.МК дали со вакцината ќе бидат опфатени и децата, Филипче одговори дека не се опфатени ниту децата, ниту граѓаните кои имаат прележано корона, а имаат антитела во организмот.
Н.Доковска