Отворањето на 18-тиот ОФФ-Фест на 3 јуни ќе се случи во МОБ со виртуозниот дует на велшката харфистка Катрин Финч и сенегалскиот кора-мастер Секу Кеита, и концертна премиера на материјалот на Крсте Роџевски, со придружба на неговите најблиски музички соработници од врвот на њујоршката џез сцена.

На 4 јуни во МКЦ е вечер резервирана за музиката од Мали, со прикажување на документарниот филм „Мали Блуз” и концерт на единствениот Басеку Кујате и неговиот бенд „Нгони Ба“, промовирајќи го најновиот одличен албум „Miri”.

МОБ и на 5 јуни ќе го исполнат звуците на Мали на настапот на најголемата ѕвезда на годинешниот ОФФ-Фест, атрактивната африканска дива Фатума Диавара. Импресивната моќ на Сондорго од Унгарија, кои докажаа дека се еден од највозбудливите европски бендови, во комбинација со експлозивната енергија на незапирливите Џамбо Агушеви оркестра, создаваат услови за неминовна „Balkan Fever” журка, која ќе се случи на на 6 јуни во МКЦ.

Заводливата аудио-визуелна покана за патување во светот од другата страна на Медитеранот, зад завесата што води директно до Арапските ноќи и другите слични бајки на либанската група „Лав енд ривенџ“ одлично се вклопува во фасцинантниот електро психоделичен музички огномет на колумбиските тропски велемајстори „Ромперајо“ (7 јуни, МКЦ). Конечно, Деди Џи од „Масив атак“ повикува на танц до доцна во ноќта на 8 јуни, во клубот Епицентар. Неговите диџеј сетови се еклектични, возбудливи и софистицирани.