понеделник, ноември 18, 2024
домаОффест 2019 слави полнолетство со седумдневна музичка гозба

Оффест 2019 слави полнолетство со седумдневна музичка гозба

Осумнаесеттото издание на Оффест почнува денеска, 3 јуни и ќе трае до 8 јуни. Скопје шест дена ќе биде заплиснат од музичка свежина која ќе ја најават вечерва во МОБ два концерти и тоа, од 20 часот извонредното и повеќе пати наградувано виртуозно дуо Катрин Финч и Секу Кеита, по кои следи македонскиот композитор, гитарист и пејач од Њујорк –Крсте Роџевски со прв настап во татковината со својот њујоршки ол-стар бенд.

Извонредниот, од критиката фален и неколку пати наградуван тандем составен од двa авантуристички музички виртуозa – велшката харфистка КАТРИН ФИНЧ и сенегалскиот кора мајстор СЕКУ КЕИТА – гарантира врвно музичко доживување од светски ранг. Црпејќи инспирација од сопствените различни традиции, трансформирани со импресивна синергија, Катрин и Секу стекнаа висок углед со своите брилијантни настапи. Откако постигнаа огромен успех со деби албумот „Clychau Dibon“ (2013), нивниот долгоочекуван втор албум „Soar“ се појави во 2018 година, по што следеа неколку големи турнеи. Албумот патува на крилјата на оспри (орел рибар), прекрасна птица грабливка којашто неодамна се врати во Велс по неколкувековно отсуство, прелетувајќи 3000 милји за една година од западноафриканскиот брег до речните устија на Велс, извишувајќи се, како музиката и сништата, над сите граници што ги поставил човекот. Волшебна, фасцинантна, комплексна и рафинирана, ова е исклучителна музика и возбудливо искуство во живо. Апсолутно хипнотичен и уникатен брак на култури.

 

Македонскиот композитор, гитарист и пејач КРСТЕ РОЏЕВСКИ, кој повеќе од 20 години живее и работи во Њујорк, своите почетоци ги бележи во 90-тите во Битола, заедно со група музичари од која подоцна ќе произлезат Фолтин и Љубојна. Пошироката публика го познава по музиката од филмовите „Сенки“ и „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски, „До Балчак“ на Столе Попов и „Војната заврши“ на Митко Панов, како и по соработката со Дуке Бојаџиев. Во оваа прилика, Роџевски ќе настапи со некои од највозбудливите музичари од првата лига на њујоршката џез-авангарда: Мери Халворсон, Кирк Кнафке, Томика Рид, Мајкл Бланко и Тома Фуџивара. Тоа е практично јадрото на екипата солисти со кои тој изминативе неколку години соработуваше при создавање-то и снимањето на неговата трилогија: „Batania“ (2015), „Bitter Almonds“ (2017) и „The Rabbit And the Fallen Sycamore” (2018), што добија одлични рецензии и пофалби од светската музичка критика, а последниот беше избран за еден од најдобрите албуми во 2018 година според светски реномираните списанија Downbeat и Wire. Оваа ексклузивна македонска концертна премиера на музичкиот материјал на Роџевски, ќе биде сочинета, главно, од композициите од „Batania“.

Следната вечер е резервирана за еден документарец „Mali blues“, по која концерт има еден од протагонистите, амбасадорот на инструментот нгони, Басеку Кујате од Мали, кој се враќа во Скопје со својот бенд Нгони Ба и со новиот, суптилен и носталгичен албум „Miri“. Фатума Диавара ја сметаат за најдобра од новата генерација африкански поетеси-пејачки. Таа со својот несомнен талент и шарм ја освои светската музичка сцена последниве неколку години. Импресивната моќ на „Сондорго“ од Унгарија, кои докажаа дека се еден од највозбудливите европски бендови, во комбинација со експлозивната енергија на незапирливите Џамбо Агушеви Оркестра, создаваат услови за неминовна „Balkan Fever” журка. Заводливата аудио-визуелна покана за патување во светот од другата страна на Медитеранот, зад завесата што води директно до Арапските ноќи и другите слични бајки на либанската група „Лав енд ривенџ“ одлично се вклопува во фасцинантниот електро психоделичен музички огномет на колумбиските тропски велемајстори „Ромперајо“. Конечно, Деди Џи од „Масив Атак“ повикува на танц до доцна во ноќта. Неговите диџеј сетови се еклектични, возбудливи и софистицирани.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ