Со диџеј-сет на Деди Џи од „Масив атак“ кој започнува на полноќ, во клубот „Епицентар“, се затвора 18. издание на „ОФФест“.
Грант Маршал, познат по неговиот уметнички псевдоним Деди Џи, се смета за духовен татко на феноменот што во историјата е познат како „Бристолски звук“. Тоа е оној лабаво-мрачен звук што во себе вдишува даб, реге, фанк, диско и хип-хоп, звук што остави глобална трага во последниве речиси три децении, застапуван од неговите главни протагонисти: „Масив атак“, Трики, „Портисхед“, „Смит и Мајти“… Тој e еден од основачите на „Вајлд банч саунд систем“, од коj произлегоа „Масив атак“. Покрај Mushroom и 3-D, Деди Џи беше еден од клучните членови на групата како и еден од главните вокали. Сепак, далеку пред да формира бенд, Деди Џи беше познат како диџеј. Во 1980 година тој беше еден од најмладите диџеи во Бристол, а неговото име стана синоним за музички еклектицизам. Неговите диџеј сетови беа легендарни не само поради самата селекција и вештини на миксање, туку и по неговата способност да го употреби микрофонот на толку различни начини како што тоа го правеше и со грамофоните. Успехот на „Масив атак“ во 90-тите ја проретчи активноста на Деди Џи како диџеј, но тој никогаш целосно не го напушти овој свој вроден порив. А кога „Масив атак“, се на распуст, Деди Џи продолжува да ги поттикнува луѓето да танцуваат во најдобрите клубови во светот.
Полнолетството „Оффест“ годинава го прослави со со седумдневна музичка гозба која почна на 3 јуни со концертот на извонредното и повеќе пати наградувано виртуозно дуо Катрин Финч и Секу Кеита, по кои следеше македонскиот композитор, гитарист и пејач од Њујорк –Крсте Роџевски со прв настап во татковината со својот њујоршки ол-стар бенд. Го проследивме и документарецот „Mali blues“, концертот на еден од протагонистите во филмот, амбасадорот на инструментот нгони, Басеку Кујате од Мали, а уживавме и во одличната вечер со неприкосновената африканска дива Фатумата Диавара, една од водечките и најекспонираните претставнички на модерната африканска музика, која одлично ја разигра публиката. Забавата во Скопје продолжи и на балканската вечер со бендот „Сондорго“, еден од водечките претставници на тамбурашката музика од Унгарија и нашите „Џамбо Агушеви Оркестар“. Синоќа пак, за добрата забава беа задолжени „арапските Gotan Project”, како што ги нарекуваат „Лав енд ривенџ“ од Либан, и електро-психоделичните звуци на колумбијските херои „Ромперајо“.