понеделник, декември 23, 2024
домаКУЛТУРАMузика, Опера, Балет„Охридско лето“ и македонските уметници одбележаа 65 години од раѓањето на композиторот Коларовски

„Охридско лето“ и македонските уметници одбележаа 65 години од раѓањето на композиторот Коларовски

Фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер одбележа 65 години од раѓањето на македонскиот композитор Гоце Коларовски. На авторскиот концерт насловен како „Вечерен ѕвон“  настапија пијанистките Марија  Вршкова  и Марија Ѓошевска, виолинистот Владимир Костов, сопранот Гонца Богоромова – сопран, флејтистот Страшо Темков. Дел од вечерта беше гудачки квартет составен од виолинистките Ева Богоевска и Ивана Здравкова, виолистката Леона Кондратенко, како и виолончелитката Маја Михајловска.

Празничниот репертоар го отвори реномираната македонска пијанистка, Марија Вршкова, изведувајќи ја композицијата за пијано „Вечерен ѕвон“ од Гоце Коларовски.

-На концертот се претставив со четири дела. На почетокот од  вечерта  ја изведов композицијата „Вечерен ѕвон“, композиција којашто авторот во моето активно време на музицирање на современа композиција  активно работеше со мене на таа композиција и затоа многу емотивно го доживувам овој концерт кој носи наслов како и делотото, вели пијанистката Вршкова.

Гоце Коларовски (5.02.1959, Скопје – 30.11.2006, Скопје) ѝ припаѓа на генерацијата македонски композитори  чиешто творечко формирање се одвиваше во условите на постојан подем на професионалното музичко творештво и зацврстување на позициите на македонската национална композиторска школа. Потекнува од познатото семејство Коларовски од Скопје – Драчево, а неговиот дедо Миле Коларовски беше истакнат изведувач на кавал и гајда, еден од основоположниците и долгогодишен член на државниот ансамбл „Танец“.

Композиторското образование Гоце Коларовски го стекна на Факултетот за музичка уметност – Скопје (класа на академик проф. Властимир Николовски) и на Конзерваториумот „Н. А. Римски-Корсаков“ во Санкт-Петербург (Ленинград, класа на проф. Сергеј М. Слонимски). Подоцна, кај Властимир Николовски ги завршува и постдипломските студии, станувајќи прв магистер по композиција на ФМУ – Скопје.

Творештвото на Гоце Коларовски, цврсто потпрено на националната музичка традиција (македонскиот музички фолклор, старото православно пеење), ги одразува и различните текови на современата западна музика: фолклоризмот на Барток и Стравински, но и авангардните постапки низ призмата на полската школа. Во подоцнежниот период особено значење за него добиваат и Веберн и Ајвз – концентрираноста на изразот и рационалноста кај едниот и обемноста и слоевитоста на содржината кај другиот. Специјалниот интерес на Коларовски е насочен кон истражувањето на звукот врз база на феноменот на ѕвоната – воедно и препознатливиот знак на звучниот амбиент на православната традиција.

Во композиторскиот опус на Гоце Коларовски, иако не обемен, речиси сите дела претставуваат значаjнa појава и се на репертоарот на музичките уметници и ансамбли во Македонија и други земји. Меѓу нив се Симфонијата, Концертот за оркестар, Концертот за пијано и оркестар, делото „Молитвами“ за симфониски оркестар, композициите за гудачки оркестар, различни камерни состави и солистички инструменти. Прераното заминување на композиторот го остави овој опус отворен, своевиден “unanswered question” (насловот на делото на неговиот омилен Ајвз чијашто тема е цитирана во кантатата „Гласови“ на стихови од Т. Елиот). Поголемиот дел од творештвото на Гоце Коларовски е снимен во МРТ и ставен на носачите на звук издадени од Сојузот на композиторите на Македонија. Во СОКОМ се печатени и неколку негови партитури.

Гоце Коларовски остана во историјата на македонската музичка култура како генеричка личност, промотор на нови идеи, сфаќања и стандарди. Како долгогодишен професор по композиција и група теориски предмети на ФМУ –Скопје, а во два мандата и декан на оваа институција, тој ја поттикнуваше креативноста кај младите со кои несебично  ги споделуваше своите знаења и творечка енергија. По негова иницијатива во Македонија се одржаа и првите меѓународни летни школи по композиција. Неговата педагошка дејност се одвиваше на бројни семинари и мастер класи, а беше и поканет професор на Факултетот за уметности при Универзитетот во Ниш. Како научник и публицист, тој ги промовираше новите теориски концепти, разработувајќи ги прашањата на современата музика и музичкото образование и претставувајќи ги на бројни научни собири во земјава и странство. Општествената дејност на Гоце Коларовски се одвиваше во Сојузот на композиторите на Македонија каде што повеќе години беше член на претседателството и селектор на манифестацијата „Денови на македонската музика“, придонесувајќи за нејзиниот меѓународен карактер. Тој е добитник на неколку награди и признанија за придонесот во композиторското творештво. Неговата симфониска музика, камерни дела за различни состави, солистички композиции со успех се изведуваат на концертните и фестивалските подиуми во Македонија и во други земји, секогаш оставајќи траен впечаток со својата длабока мисла, емотивност и композиторско мајсторство.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ