Вакцината од Универзитетот Оксфорд веројатно ќе биде готова до крајот на декември и ќе биде дадена прво на медицинскиот персонал, а ќе биде достапна за населението во Европа во средината на следната година, изјави научникот и микробиолог од Универзитетот Ворвик од Велика Британија и волонтер во програма за развој на новата вакцина Бранко Рихтман, пренесува Н1.
“Истражувањата покажуваат многу добри резултати. Во третата фаза на тестирање, има четири вакцини, и сите даваат многу добри резултати, така што е многу веројатно дека во декември и јануари ќе започнат да се дистрибуираат вакцини на луѓе кои се на првата линија на борбата против ковидот, лекари и медицински персонал. За нас обичните смртници, претпоставувам дека ќе биде достапна во средината на следната година“, изјави Рихтман за ТВЦГ.
Тој смета дека вакцината нема да доцни во земјите од Балканот, бидејќи не е во полза на никого да се вакцинира цела Европа, а не и Балканот.
Рихтман објасни дека третата фаза на тестирање била запрена во два наврати, еднаш во април и еднаш во јули кога еден од учесниците покажал несакани ефекти.
„Тоа се случува со сите испитувања на вакцините, само што сега сите се фокусирани на оваа вакцина“, рече тој, истакнувајќи дека запирањето на испитувањето е знак дека за секој пациент и волонтер се води максимална грижа.
„Студиите покажаа дека овој случај на несакани ефекти нема никаква врска со вакцината“, додаде тој.
Кога станува збор за смртта на еден млад човек за кој се пишувало дека починал од ефектите на вакцината, Рихтман објаснил дека се покажало дека момчето не добило вистинска, туку плацебо вакцина и дека тој починал од последиците на ковид -19.
Тој посочува дека најголем проблем со руската вакцина е тоа што се зборува, а не се презентирани никакви податоци од истражувањето.
Рихтман веќе доброволно прими две дози на експерименталната вакцина.
“Се чувствувам добро, нема никакви промени. Оттогаш добив друга доза бидејќи истражувањата покажаа дека две дози на вакцината се поефикасни од една. Не знам сеуште дали примив две дози од плацебо вакцината или вистинската вакцина, но немав несакани ефекти“, рече Рихтман.
Рихтман верува дека животот по пандемијата ќе биде многу тешко да се врати во нормала, дури и со вакцината. А.Р.