Откако во четвртокот во Словенија беа потврдени два случаи на нова подваријанта на вирусот омикрон, наречена БА.2, од Хрватскиот завод за јавно здравје потврдуваат дека подваријантата е откриена и во Хрватска.
Како што потврди заменик директорот на ХЗЈЗ, Ивана Павиќ-Шиметин за Н1, во Хрватска има еден потврден случај на инфекција со варијанта БА.2.
Споменатата подваријанта е веќе евидентирана во Данска и нејзините карактеристики се уште не се истражени и јасни, но според некои податоци е уште позаразна од претходните соеви, но не предизвикува посилни симптоми, пишуваат словенечките медиуми.
Најмалку 400 луѓе се заразиле со подтипот БA.2 во Велика Британија во првите десет дена од јануари. Постоењето на новиот подвид е веќе докажано во повеќе од 40 земји. Во листата ПАНГО се наведува дека 79 отсто од досега докажаните инфекции со овој сој се потврдени во Данска. Следуваат Велика Британија (6%), Индија (5%), Шведска (2%) и Сингапур (2%).
Брзото ширење на овој подвид сугерира дека тој би можел да биде уште позаразен од првата варијанта на сојот омикрон БA.1. Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија (UKHSA) го класифицираше БA.2 како „вид под опсервација“.
„Во природата на вирусите е да се размножуваат и мутираат“, рече Мера Чанд, директорка на Британската здравствена агенција. „Значи, може да се очекува дека ќе има уште соеви за време на пандемијата“. А.Р.