Општество помеѓу лажни вести и загубени вредности

0
194

Пишува: Наташа Доковска

Во ерата на брзи информации и социјални мрежи, се соочуваме со постојан наплив на информации, но и со растечки проблеми што доаѓаат како темна страна на нашето современо општество. Лажните вести, фемицидот, семејното насилство, политичката неписменост и партизараноста се само дел од аспектите што го обликуваат нашиот денешен свет, а чија игноранција би можела да предизвика драстични последици.

Лажните вести, врзани со политички, економски и социјални аспекти, неминовно влијаат на нашата перцепција на вистината, но и на нашата ментална хигиена. Иако се трудиме да сме информирани, лажните вести шират заблуди, поттикнуваат предрасуди и ги доморализираат сите останати кои гледаат реално и објективно, без филтри на очилата. Затоа, треба да развиваме култура на критичко размислување и анализа пред да ги примиме информациите како вистинити. Но, за жал, се уште останува незнаницата – како?

Фемицидот и семејното насилство постојано се во фокус на вниманието, но во многу случаи остануваат недоволно адресирани. Загубата на животи, особено на жени, поради родов притисок и насилство, дополнително се заголемува со непостојаноста на ефикасни механизми за нивно превенција и казнување. Потребна е неодложна реакција од страна на институциите и заедницата, а со цел подигнување на свеста и промена на нормите што овозможуваат овакви трагични случаи. И колку и да звучи ова „веќе кажано“, сепак треба да се водиме од онаа дека колкупати кажано толкупати треба да биде имеплементирано за барем нешто да се научи…А, кај нас, пак, ни толку!!!

Политичката неписменост и партизираност, како два темелни проблеми, оставаат длабоки рани во ткивото на општеството. Неконтунираноста на објективност и фактолошките податоци во јавниот дијалог доведуваат до поддршка на политички лидери и партии без оглед на нивната ефикасност и чесност. Овој климав фундамент креира поделеност и инерција, што влијае на квалитетот на нашата демократија.

Можеме само да замислиме што на очекува во нaредниве месеци на изборна кампања, кога на врвот на вестите ќе биде т.н. политичка порнографија која ќе се проширува како темна страна на политичката арена, каде што ќе се мешаат лични напади и скандали за целосна манипулација на јавноста.
Оваа пракса го заобикалува духот на демократската дебата и создава околности за раст на цинизмот во изборниот процес.

Нашето општество е пред предизвик за трансформација. Одговорот лежи во образование, подигнување на свеста и почитување на вредностите на еднаквост, хуманизам и различност. Само преку активно вклучување и грижа за секој аспект од нашето општество, можеме да изградиме посветено и одговорно општество за сите. И, не е прашање дали може, прашање е дали сакаме?!