Организаторот на Оскарите во неделата објави на Твитер дека не го одобрува насилството по инцидентот што се случи кога актерот Вил Смит, добитник на Оскар за најдобар актер, му удри шлаканица на водителот Крис Рок на сцената за време на пренос во живо и вербално го навреди.
„Академијата не одобрува насилство во која било форма“, објави Академијата за филмски уметности и науки на Твитер по церемонијата.
„Драго ни е што вечерва го прославивме 94-тото доделување на наградите заедно со победниците кои го заслужуваат овој момент на признание од нивните колеги и љубители на филмот од целиот свет“, стои во соопштението на Академијата.
Вил Смит му удри шлаканица на водителот Крис Рок и вулгарно го навредуваше затоа што се пошегува на сметка на фризурата на неговата сопруга. Ова е моментот кој според американските медиуми ги засени Оскарите.
Околу 45 минути подоцна, добивајќи го својот прв Оскар за најдобар актер за улогата во „Кралот Ричард“, Смит, во говор со солзи, се извини на Академијата за филмски уметности и науки и на своите колеги, но не и на Рок.
Инцидентот го надмина остатокот од церемонијата цели три и пол часа и сигурно ќе остане еден од највпечатливите моменти на 94-тото доделување на Оскарите.
Ваквото однесување на Смит може да ја засени неговата одлична актерска репутација во Холивуд, но не му се заканува кривична пријава, барем засега, бидејќи полицијата во Лос Анџелес објави дека Рок одбил да поднесе пријава во полиција.
Инцидентот започна кога Рок се пошегува на сметка на фризурата на сопругата на Смит, Џејда Пинкет Смит, но не е познато дали тој знаел дека сопругата на Смит се бори со автоимуна болест која предизвикува губење на косата.