сабота, ноември 16, 2024
домаОсмиот Анимакс ќе прикаже 62 анимирани филмови

Осмиот Анимакс ќе прикаже 62 анимирани филмови

На осмото издание на меѓународниот филмски фестивал за анимирани филмови „Анимакс Скопје Фест“ ќе бидат прикажани 62 анимирани филмови во официјалната програма, од кои 12 се наменети за детската публика. Настанот ќе се одржува од 29 ноември до 2 декември во Кинотека на Македонија, под мотото „Не понекогаш. Засекогаш. Анимакс Скопје Фест“.

Во четирите фестивалски денови на „Анимакс Скопје Фест“ ќе бидат прикажани 50 краткометражни филмови и 12 филмови за деца во официјална конкуренција. Тие се избрани од пријавените рекордни 3.234 анимации од 83 земји во светот, меѓу кои најголем број од САД, Англија и Франција, но и од Германија, Индија, Иран, Шпанија, Русија, Бразил и други.

„Некои нешта се случуваат понекогаш, но Анимакс се стреми да го открие она што ќе трае засекогаш“, вели директорот на фестивалот Кузман Кузмановски.

Голем дел од филмовите кои се борат за Златната тула се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А-категорија.

Официјалната програма на фестивалот со прикажување на филмовите ќе почнува во 20 часот, со исклучок на 30.12, кога програмата почнува од 21.30 часот. Билетите за проекциите во 20 часот чинат 50 денари. Проекциите на филмови за деца ќе се одржат на 1 и 2  декември (сабота и недела) со почеток во 12 часот. Публиката ќе има можност да гласа за најдобриот филм за деца и да го одбере победникот. Проекциите за деца се бесплатни.

Во рамки на фестивалот ќе бидат организирани две работилници за анимација наменети за деца. Ментор на првата работилница на тема „Двајца се караат, сите губат„  се Илчо Симовски и м-р Марјана М. Симовска. Бојан Таневски, Стефан Николовски и Барбара Спасовска се ментори на работилницата за развој на карактери „Добар. лош, грд или убав – сè се тоа карактери“.

Анимакс Скопје Фест е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со филмското училиште „Тинтири-Минтири“ од Скопје, со поддршка од Агенција за филм на Република Македонија и Град Скопје, и во соработка со Кинотека на Македонија.

„Анимакс Скопје Фест“ е прв и единствен фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ