вторник, март 11, 2025
домаОтворањето на Берлинале во знакот на Украина

Отворањето на Берлинале во знакот на Украина

Ребека Милер и Ен Хатавеј, кои беа почесни гости со филмот на отворањето, „Таа дојде кај мене“, беа одушевени што нивниот филм бил споен со обраќањето на Володимир Зеленски. Стивен Спилберг, пак, е филмскиот херој на годинешниот фестивал, за чие влијание на глобалната култура зборуваа 13 светски филмаџии

Наш специјален известувач Сунчица Уневска

Годинешното 73. Берлинале започна како и што се очекуваше – целосно во знакот на Украина. Откако организаторите на фестивалот само ден пред отворањето на 16 февруари, објавија дека на свечената церемонија ќе се обрати украинскиот претседател Володимир Зеленски, целото внимание беше насочено кон тоа, а особено изјавите на самите автори на филмот на отворањето, „Таа дојде кај мене“ на Ребека Милер.

Мариза Томеи, Питер Динклиџ, Ен Хатавеј и Ребека Милер на прес-конференцијата
Уште на прес-конференцијата актерката и една од продуцентките на филмот, Ен Хатавеј, го нарече Зеленски „херој на нашето време“. Дури и изрази одушевување што на тој начин била споена нивната романтична комедија сместена во Њујорк со видео-обраќањето на Зеленски. „Сакам да ја искажам својата благодарност до организаторите на фестивалот“, нагласи таа, „што пред самата светска премиера на филмот го вклучија херојот на нашето време и нѝ дадоа можност да ја засилиме пораката за Украина, а тоа е универзалната желба за мир“.

Додека режисерката Ребека Милер рече дека начинот на кој организаторите го искористија фестивалот како платформа за повик на солидарност со Украина, е навистина неверојатен. „Се надевам дека на овој начин нашиот филм станува еден вид амбасадор на добра волја. Понекогаш мислам дека самото снимање филмови претставува патриотски чин, бидејќи ги покажуваме различните аспекти во нашата земја, посебно поради статусот на САД, ги прикажуваме различните лица на нашата култура и начинот на кој размислуваме“, изјави таа на прашањето за тоа на кој начин ја доживува поврзаноста на нејзиниот филм со актуелната состојба во Украина. „За мене е голема чест што неговото обраќање беше пред нашиот филм, бидејќи тоа само уште еднаш потврдува дека би имале помирен свет кога би зборувала уметноста.“

Говорот на Зеленски беше дочекан со стоечки овации
Володимир Зеленски, пак, во своето обраќање ги повика уметниците и културните институции да заземат став, велејќи дека молчењето му помага на злото, додека културата ќе ја одбере страната кога ќе одлучи да зборува против злото. Тој упати апел дека уметноста треба да ја поддржи неговата земја и неговиот народ во борбата против руската агресија, прашувајќи: „Дали е можно уметноста да биде надвор од политиката, дали може филмот да биде надвор од политиката кога постои политика на агресија, кога има тотална војна? А тоа е политиката на денешна Русија!“

Дури Зеленски го употреби како пример класикот на Вим Вендерс, „Небото над Берлин“ од 1987 година, посочувајќи дека „овој филм го урна Берлинскиот ѕид две години пред да падне, бидејќи во него поделениот град е обединет со ангелите што летаат слободно над ѕидот“. „Русија“, рече тој, „сака да изгради ѕид помеѓу Украина и Европа, помеѓу слободата и ропството, помеѓу цивилизацијата и теророт“. Зеленски на крајот порача дека можеби филмот не може да го промени светот, но може да ги инспирира луѓето што можат да го променат светот, додека за цело време добиваше стоечки овации.

А веќе утредента Арон Кауфман и Шон Пен, на уште еден гала-настан, го прикажаа документарниот филм „Супермоќ“, каде се корежисери, а претставува профил на Зеленски и неговото воено водство. Пред проекцијата на бината излезе Шон Пен, кој зборуваше за Зеленски и за тоа како неговите планови за документарецот радикално се промениле откако го запознал по руската инвазија. „Она што на почетокот требаше да биде помалку хировита приказна за еден комичар кој стана претседател, се напиша сосем различно“. Тие одржаа и прес-конференција на која збореа за волјата на украинскиот народ и за начинот на кој овој нивни лидер, всушност, ги инспирира. Инаку, на отворањето на фестивалот буквално беше половината од целиот германски кабинет.

Прекрасната иранска актерка Фарахани потсети на глобалната криза и политичките превирања насекаде во светот
Факт е дека во светот има глобална криза и како што забележа прекрасната иранска актерка, Голшифтех Фарахани („За Ели“), поради толкуте политички превирања во светот, вклучувајќи ги и неколкумесечните масовни демонстрации во нејзината земја, таа се чувствува привилегирана што може да присуствува годинава на фестивалот. „Со Украина, Иран, со потресот во Турција и во Сирија, ми се чини дека целиот свет се распаѓа. Сите сме во момент на транзиција, посебно во Иран, каде што владее диктатура и каде што уметноста не е само интелектуална или филозофска работа, туку таа е важна, таа е како кислород…“ На крајот Фарахани вели дека е среќна што овде можат да го слават филмот, да ја слават слободата, иако сè наоколу како да се урива. И веројатно е добро што можеше да се слушне и ова, бидејќи ја немаа сите можноста која Европа и Америка му ја дадоа на Зеленски, а која тој дефинитивно многу добро ја искористи.

Како што се покажа, Спилберг е херојот на многу генерации филмаџии
Првите денови од фестивалот минуваат во знакот на уште еден херој, само овој пат филмски, Стивен Спилберг. Интересно е дека иако почесната „Златна мечка“ ќе му биде доделена на 21 февруари, сепак, тој е во фокусот, и поради ретроспективата на неговите култни дела, но и поради обемниот потфат на „Скрин интернешенел“ кој им постави прашања на 13 познати и актуелни филмаџии од целиот свет за неговото наследство, за влијанието што неговите филмови го извршиле врз нив и за неговото влијание на глобалната филмска култура.

Шпанскиот режисер Хуан Бајон го нарече Спилберг „синоним за филмот“, бидејќи неговите филмови го дефинираат искуството на генерации и генерации киногледачи. Да потсетиме дека кариерата на 76-годишниот Спилберг трае веќе половина век, од „Двобој“ во 1971, па сè до „Фабелманови“ од 2022, има два 2 „оскара“ за режија, за „Шиндлеровата листа“ и за „Спасувањето на војникот Рајан“, а филмовите што тој ги потпишува досега биле 22 пати номинирани.

Филмот на Спилберг „Е.Т.“ дефинитивно еден од најомилените
За него познатата данска режисерка, Сузан Биер, ќе рече: „Спилберг влијаеше на сè во индустријата, но неговото влијание ја надминува филмската индустрија на многу пошироко културно влијание. Не се сите негови филмови нежни, но нема потреба од агресија, ’кога сте моќен, не морате да врескате’. Тој е веројатно единствениот режисер денеска за кој можете да прашате – кои ви се 10 омилени филмови на Спилберг? Неговата тајна, која го прави еден од најголемите, е што е толку вешт и технички иновативен, а никогаш не ја напушти својата љубопитност и невиност.“ Додека авторот на „Прослава“, Томас Винтерберг ќе истакне дека Џемс Бонд не бил неговиот херој кога растел, туку Спилберг. „Тој беше сè што Холивуд би требало да биде.“

Берлинскиот фестивал после две години се обидува да се врати на старото, но со оглед на тоа што многу кина не работат, самиот Сони центар е целосно затворен, сè е преградено и изменето, ја нема ниту онаа фестивалска атмосфера во хотелот „Хајат“, каде што е фестивалскиот прес-центар, не работат ниту Аркадите (голем трговски центар каде што се нудеа многу специјалитети), секаде огради, сè нешто се гради, дури и блискиот аеродром „Тегел“ е затворен… Не е тоа тоа. Сето она што му го даваше шармот на фестивалот, некако е изгубено. Навистина има добри филмови, барем од она што досега го видовме, но за тоа во следните броеви.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ