Валентина Ѓоргиевска Парго
На годинешното издание на “Битола Шекспир фестивал” гостуваше театарот „Гавела“ од Загреб со кој настапивте во една од најкомплексните и најтешки улоги произлезена од перото на Шекспир, ликот на кралот Ричард Трети од истоимената претстава, или како што го нарекувате Рикард Трети. Колку е тоа благодарна улога, колку самата улога бараше од Вас?
-Пред едно десет години за прв пат се запознав со режисерот на оваа претстава, Александар Поповски и за прв пат работевме заедно. И оттогаш еве направивме шест претстави, од различни автори, а што се однесува на делата од Шекспир играв во „Сонот на летната ноќ“ и „Крал Рикард Трети“. А работев уште и на „Хамлет“ и на други улоги. Но, Шекспир е сам по себе комплексен писател и она што мене ми се допаѓа е што јас сум со половина работно време во мојот матичен театар „ Гавела“, а во другата половина предавам на Академијата сценски говор, и всушност веќе две години го работам Шекспир со студентите. Шекспир е една фантастична подлога за запознавање на „занаетот“, актерскиот занает. И Шекспир е тука со своите зборови кои освојуваат, тие се навистина околу нас и во нас. И, првенствена работа која мислам дека е секогаш некој предизвик е јазикот, говорот. Јас мислам, поточно убеден сум дека Шекспир првенствено треба многу, многу добро да умееш да го изговориш. Затоа што Шекспир е толку комплексен и неговиот стих е толку комплексен, што би бил монотон и без внатрешна содржина доколку не го изговориш како што треба, така дури и самиот Шекспир би се свртел против нас и би станал вистинска досада. Мора многу да дадеш во шекспировите улоги.
Оваа улога бара многу ангажираност на сцена, па навистина изненадува што вие и по три часа глума сте многу свеж, полн со енергија. Како успеавте во тоа?
-Се е тоа прашање на кондиција, но и тоа што пред првата проба го работевме текстот два месеци, како што тоа е обичај, барем кај нас. Едно два месеци потрошив од првата читачка проба до премиерата, но јас и Ацо почнавме да разговараме за тоа парче сигурно едно половина година пред тоа и два месеци работевме на новиот превод. Тоа е овој нов хрватски превод, дело на Енди Јелчиќ, но во него и ние малку учествувавме и ги приспособивме зборовите на актерските потреби, да биде поразбирливо. Два месеци пред тоа всушност имаше толку работа што, барем јас го научив целиот текст. Јас на првата проба дојдов со напамет научен апсолутно цел текст без да знам што Ацо ќе исфрли, зошто вистинската работа почнува кога човек многу добро го познава текстот и тогаш може да почне некоја актерска интеракција и работа на текстот. Затоа имам кондиција за улогата. Премиерата во Хрватска беше во декември, а ова ни беше некаде 29-та изведба. Пред два дена ја одигравме во МНТ во Скопје и сега во Битола. Гостувавме и во Љубљана, сега правиме малку поголема турнеја со претставата.
Каква е Вашата соработката со македонскиот режисер Александар Поповски?
-За мене е апсолутно режисерски фаворит. Се запознавме кога ја правевме „Сон на летната ноќ” и многу се зближивме поради начинот на кој го гледаме театарот. Тој во театарот има многу сништа, тој е еден голем сонувач, Александар има една неверојатна фантазија има нешто што мене многу ми се допаѓа, а тоа се помалку го има сега во театарот кај нас. Не знам каква е кај вас ситуацијата, но кај нас многу влезе во мејнстрим, стана еден театар со политички активизам кој сака да биде модерен, современ, да зборува за проблемите, за политиката денес, и мене тоа, морам да признам, не ме интересира толку, затоа сум убеден дека и Рикард е лишен од тоа. Но, Шекспир не е лишен од актуелноста. Затоа мислам дека треба да му се вдахне живот на Шекспир за да „прозбори“ повторно, за денешниот свет. Александар така го гледа театарот, јас така го гледам театарот, и јас тоа на некој начин го сакам, уживам. Сакам театар кој поставува прашања, не сакам театар кон проповеда и нуди решенија и одговори. Денес мислам театарот малку скршна од патеката. Јас едноставно не се чувствувам како дел од тоа. На крај на краиштата, театарот е да не инспирира.
Значи, ако Шекспир е во фундаментите на театарската уметност, како го гледате целокупното творештво на великанот, кога би требало да го сведете да речеме на една дефиниција. Што ви нуди Шекспир како автор за секогаш да ве провоцира и да ве инспирира?
-Би го свел тоа на неговиот стих „Зборови, зборови, зборови“. Тоа што го пишувал е фасцинантно. Можете да земете еден стих и да го изговарате на разни начини, да му наоѓате разни значења, зад секој стих има една длабочина во која актерот може да нурка. Една драмската подлошка. Тоа е најголем врв на драмската литература. „Зборови, зборови зборови“, кои се сложени на начин на кој никој друг така не ги склопил.
Да направиме една паралела на вашата работа како актер и како предавач. Што ви е поблиско, што повеќе сакате да работите?
-Јас фактички работам една иста работа, само точката на гледање е едноставно поинаква. Јас како актер сум активен учесник на сцена, а како предавач повеќе сум набљудувач, и ги водам оние кои откриваат некакви нови простори во себе и контакт со текстот, со втелотворувањето на текстот. Да зборуваат со целото свое битие, не само со главата, не само да рекламираат, туку да го оживеат тој стих, да биде исполнет со нова содржина. Тешко ми е да кажам во што уживам повеќе. Уживам многу да бидам на сцена, макар што мора да признам дека во екот на тие промени на театарот, ајде да кажам една беневолна критика, тој хрватски мејнстрим, влезе многу силно, што тоа многу не ми се допаѓа. Како педагог во оваа работа можам да кажам дека некои работи недостигаат, кога работиме една претстава потребна е целата посветеност и професионализам. Тоа малку како да се подизгуби во театарот. А за мене театорот на некој начин е како свето место, не во религиска смисла, туку во духовна смисла. Така што, оној дел што се изгуби во театарот го надополнувам со предавањето. Тоа што сум предавач ми дава една нова смисла да си речам „аха, има причина да бидам овде“.
Колку се разви вашата поврзаност со македонската сцена, со автори, сценаристи, актери, со публиката?
-Освен со Ацо работев со Унковски, со Нечак, Горан Стефановски, Никола Ристановски, Дуковски, а минатата година бевме овде на Меѓународниот фестивал на монодрама. Ова е мое четврто професионално доаѓање овде. Всушност, баба ми и дедо ми, во некои времиња, се запознале и се вљубиле овде, во Битола. Таа била учителка, тој војник, па можам да речам дека имам и силна врска со Битола.
Фотографии: Стефан Ѓоргиевски