Додека христијаните ширум светот денес го слават Божиќ, поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск повика на „мир за Ерусалим и целата Света земја“.
“Да се помолиме меѓу страните да преовлада волјата за продолжување на дијалогот со цел конечно низ преговори да се дојде до решение што ќе овозможи мирен соживот за двете држави со взаемно договорени и меѓународно признати граници“, рече папата, пренесе Ројтерс.
„Го гледаме Исус во децата од Блискиот Исток кои сè уште страдаат од растечките тензии меѓу Израелците и Палестинците“, рече папата.
Ројтерс потсетува дека ова е вторпат папата јавно да зборува за Ерусалим, откако американскиот претседател одлучи да го признае градот за израелска престолнина. Папата говорејќи за тензиите и војните на Блискиот Исток, Африка и Корејскиот Полуостров, воените страдања ги опиша низ она што го трпат децата.
Поглаварот на Римокатоличката црква, рече дека „ветриштата на војната дуваат во нашиот свет, и застарениот модел на развој го продолжува човечкото, социјално и еколошко назадување“.
Како што пренесе АП, за време на традиционалната божикна миса, папата рече дека децата на Блискиот Исток „продолжуваат да страдаат поради зголемените тензии меѓу Израелците и Палестинците“, додека Сирија и понатаму е „обележана со војна“ и дека сегашниот конфликт во Јемен е „заборавен“ . Тој после тоа, повика на молитва за „конфликтите на Корејскиот полуостров да може да се надминат“.