Парламентарни избори 2020

0
405
Пишува: Филип Спировски

Пишува: Филип Спировски

Овие парламентарни избори се водат за вонредни, а се одржуваат неколку месеци пред редовниот термин, сепак не им се оспорува вонредноста. Пандемијата и комплексноста во однос на спроведувањето, дезинфекцијата и продолженото време (до 21 часот), како и стравот од КОВИД 19 ги прави многу вонредни. За прв пат во кратката изборна историја на земјава, се формира и првата предизборна македонско-албанска коалиција. Како сигнал кој носи нови ветришта во меѓунационалните односи оваа коалиција предвидува проекција на едно општество за сите и дава надеж за укинување на националните партии како нужна неминовност.

Неисе, излезеноста поголема од 50% (во бројки: 900 и кусур илјади гласови) иако според попис на население направен многу одамна, му дава извесен легитимитет и на референдумот за името (со 600 и кусур илјади гласа).

Значи повторно како кучето што си го брка сопствениот опаш, сликата за избор на политики кои ќе се обидат да не водат во нарадните четири години личи на Пикасо во поодмината фаза помешано со цртежите од пештерите. Да бидам појасен, бљувотините кои се разнесоа особено за време на кампањата, во медиумскиот простор кој како канвас прими и подаде размачкана слика ми дава за право да мислам дека после ЕУ и НАТО понудата е: за фотеља и власт ветувам и не е важно дали исполнувам.

Примерите од последниот парламентарен состав и народните избраници кои не се истакнаа (не врзаа муабет на говорница) и оние кои муабетеа (како баби на чешма од почеток на минатиот век) наспроти неколкумината нормални и артикулирани, го прави критериумот понизок за наредниве и ич не треба да се плашат што ќе биде ако влезат во парламентарна клупа. Од друга страна голем дел од новите ќе скокаат до таван од среќа што и нив секирата им паднала во мед. Од Парламент никој не излегол на свое или посиромав, напротив, позицијата им нуди привилегии за кои парламентарците од многу поразвиени земји сонуваат.

Кога успеавме да се справиме (како-така) со Корона вирусот со Влада комбинирана за предвремени избори, може да се справиме со се, со било каква влада. Е добро би било да можеме навистина да ја прифатиме оваа фантазија. Техничката влада ги покажа сите слабости и сигурно оди во историјата. Институциите водени од победничките партии со мешан национален состав нема да заминат во историјата во догледно време. Примерите со илјадниците рамковни вработувања, префрлувања и земање на плата затоа што сте припадник на партија и на малцинство, никој не најави дека ќе ги укине и ретроактивно ќе ги казни и вработените и партиите.

Она што недостасува во политичката слика на Северна Македонија е критична маса поголема од 10 % која е здрава, едуцирана без диоптрија и предрасуди, со цврста морална вертикала. Распоредена низ институциите рамномерно, надвор од партиските мрежи и независна од олигарсите оваа критична маса може да не извлече не за 2 не за 4 не за 10, но за 20 години – можеби!

За избирачкото право доделено од ДИК и проверено од ентузијасти, треба да се воведе нов закон кој ќе овозможи прочистен список кој содржи прочистени избирачи кои немаат други алтернативи за егзистенција: БГ пасош, работни дозволи во странство, роднини Македонци со дописно физичко присуство и имоти и банкарски сметки во странство. Ако овие ги извадиме од списокот навистина малку ќе ни треба да станеме Лихтенштајн. А и гласањето ќе се олесни!

П.с. Мртва трка на Вмро и СДСМ со блага предност на СДСМ значи победа за нив прв пат по 18 години; ДУИ води 2-3 % повеќе од АА; Левица влегува во парламентот и е светла точка во партиското сивило;

Може да се олабавиме во согласност со правилата препорачани од Светската здравствена организација.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.