Пишува: Валентина Ѓоргиевска Парго
На македонската јавност и делуваше шокантно и неумесно кога по една Евровизија пред нешто повеќе од десеттина години, пејачката претставничка јавно на гледана македонска телевизија изјави дека ќе пеела подобро, ама имала добиено и затоа не успеала. Тоа “добиено”, сите знаеме, се однесува на менсис. Изјавата предизвика неверување, а по малку и озборување и подбивање, зошто можеби беше несреќно избран терминот со кој таа ни соопшти дека нејзиниот тогашен успех можел да биде и поголем, да не бил женскиот циклус во кој се нашла во тој момент. Ова беше кажано со цел да се оправда дека пеела пониско, наводно кога жена има менсис гласот и е за нијанса подебел.
Циклусот е женска појава и се разбира дека многу пејачки пеат кога имаат циклус, многу спортистки се натпреваруваат, пливаат во базен, играат балет, танцуваат и сл. Тоа не ги спречува. Жената кога има уреден циклус си продолжува со секојдневните обврски, најнормално. Сепак, многу жени не сакаат да бидат во циклус додека се на одмор и не сакаат да се бањаат во вода, базен, езеро, море. Најверојатно и заради здравствени причини и заради црвената боја од крвта, која може да се појави како дамка во водата.
Деновиве на фб осамна статус на младата писателка Марија Прличкова Маци која напиша јавно дека во последниот ден од одморот со нејзиното момче и пристигнала “тетката” . Се мисли на менсисот. Но, Марија и во својот роман за нејзината женска хероина Марла во неколку наврати спомнува женски циклус или менструација. Тоа за неа не е страшна тема, ниту тема од која треба да се срамува. Ни ја открива и својата намера: “Ја почнав така книгата, а и неколку пати го споменувам тој момент. Се обидувам да ја отргнам табу темата околу тоа, и дека се случуваат разни ситуации. Дека ПМС-от постои и не е измислен. А, инаку, моментот со деновите за одмор се вид на апел дека жената заслужува да биде дома кога има добиено”, ни рече Марија. Во светот за жал, особено во поруралните места, менсисот е строго забранета тема. Како да не постои. И се доживува како голем срам. Деновиве во Кенија деветгодишно девојче си го одзело животот, остало учителот ја опомена зошто на кецелата и се направило дамка од менсисот. Запаметете, зборот менструација, не е срамен збор. Како ни самата појава. Валентина Ѓоргиевска Парго