четврток, декември 26, 2024
домаНасловнаПендаровски: Нема потреба од воведување поригорозни мерки за движењето

Пендаровски: Нема потреба од воведување поригорозни мерки за движењето

Не се разгледува опцијата за воведување 24-часовен полициски час изјави претседателот Стево Пендаровски по завршување на Советот за безбедност доцна попладнево.

-Не разгледувавме 24-часовен полициски час. Во овој момент нема никаква потреба за воведување на поригорозни мерки во однос на ограничување на движењето. Нашата земја во однос на сите индикатори – тестираните, заразени и починати не е под нивото на земји членки на ЕУ, па дури е и понапред во позитивна смисла – рече претседателот Пендаровски.

Во Кабинетот на Претседателот попладнево се одржа седница на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, на која едногласно било заклучено дека, досега има адекватна поставеност на државата и ефективна соработка меѓу сите надлежни служби, стриктно спроведување на препораките на Светската здравствена организација и со мали исклучоци, има навистина одговорно однесување на нашите граѓани.

-Советот заклучи дека ситуацијата останува сложена, а сите сценарија за идниот развој на настаните се оптоварени од главната непозната, а, таа е: колку долго ќе трае пандемијата – рече претседателот Пендаровски, по завршување на седницата.

Претседателот го нагласи и консензуалниот заклучок на присутните на седницата дека треба да им се оддаде признание на сите служби кои деноноќно работат на спречување на ширењето и справувањето со епидемијата.

-Потребниот здравствен кадар, сили на полицијата и на армијата се мобилизирани, постои дневна координација и на централно и на локално ниво и сите расположиви ресурси и напори, во овој момент, се насочени кон справување со кризата – истакна претседателот Пендаровски.

На седницата на Советот, рече Претседателот, беа разгледувани различни аспекти и консеквенци од епидемијата. За здравствените аспекти информираше министерот за здравство, за безбедносните, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи и директорите на соодветните служби. За ангажманот на армијата во поддршка на полицијата реферираа министерката за одбрана и началникот на генералштабот. Министерот за надворешни работи информираше за враќањето на нашите државјани кои беа затекнати во други земји по затворањето на границите, а гувернерката на Народната Банка, за примената на Уредбата за олеснување на финансискиот товар на граѓаните и фирмите при плаќањето на кредитите, за финансиската стабилност на банките, за девизниот курс и состојбата со девизните резерви. Претставниците на економско-финансискиот тим на Владата и премиерот информираа за актуелната состојба со буџетот, сценаријата со различни проекции за следните квартали, како и за економскиот сет на мерки со кои се поддржува македонската економија.

Претседателот потенцираше дека со спроведување на мерките за ограничено движење и затворање на границите директно страда економијата, со ваквиот крупен предизвик во овој сегмент се соочуваат и најразвиените земји.

-Во оваа смисла ни претстои тежок период во кој ќе бидат потребни серија на мерки и одговорни одлуки со цел да се намалат, колку што може, штетите по националната економија. За таа цел, потребна е мобилизација на сите економски капацитети во државата и прибегнување кон најрадикални мерки само во крајна нужда и со определен временски рок – рече претседателот Пендаровски.

Тој нагласи дека Советот за безбедност ќе продолжи да ја следи состојбата и работата на сите институции ангажирани во овој период, а до  истекот на вонредната состојба ќе свика најмалку уште една седница на Советот за пред нејзиното евентуалното продолжување да биде презентирана целокупната ситуација со сите витални параметри неопходни за носење на одлука.

Претседателот Пендаровски повика на почитување на препораките, на солидарност, смиреност, рационалност и одговорност на граѓаните, притоа изрази увереност дека со заеднички напори ќе ја победиме епидемијата.

На седницата, покрај постојаните членови на Советот, на покана на претседателот Пендаровски, присуствуваа и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за здравство, Венко Филипче, министерката за финансии, Нина Ангеловска и министерот за економија, Крешник Бектеши. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ