Рок бендот „Пласибо“ доаѓа на возобновениот рок настан „СКОПЈЕ ГОРИ ФЕСТИВАЛ 20.20“ со ексклузивно шоу во регионот, најави денеска „Авалон Продукција“.
-Ретки се бендовите кои успеале да станат големи, а истовремено да останат авангардни, бескомпромисни и суперквалитетни во тој процес. А PLACEBO се дефиниција за тоа – посочува организаторот.
Како во моментов звучи во живо еден од најмоќните светски рок бендови, публиката од Македонија и од регионот ќе може да види и да слушне на 25-ти јуни на стадионот на АРМ во Скопје. Дека е задоволството големо што Скопје и Македонија ги има „Пласибо“, не треба ни да се спомене, само треба да се види листата на големи фестивали каде ќе настапат ова лето: „Rock Werchter“ во Белгија, „BBK“ и „Madcool“ во Шпанија, „Park Live“ во Русија итн…
Со повеќе од 12 милиони албуми продадени во светот досега, „Пласибо“ е основан во 1994 година. Со специфичниот звук кој претставува фузија на глам-рок и готик-поп жанровите, како и по уникатниот имиџ на пејачот Брајан Молко, „Пласибо“ доби статус на апсолутен миленик на алтернативната рок популација, а меѓу бројните обожаватели се вбројуваше и легендарниот Дејвид Боуви.
„Пласибо“ досега има објавено вкупно девет албуми, од кои седум се студиски и два во живо. Не треба да се заборави дека покрај носачите на звук, „Пласибо“ има серија од исклучително успешни синглови и видео спотови со впечатлив стајлинг, со што дефинитивно се профилира како современ арт-рок состав и тоа на најдобар можен начин.
Влезниците за веројатно најголемиот рок концерт ова лето во Македонија ќе бидат пуштени во продажба во петок во 09 часот наутро и истите ќе може да ги набавите исклучиво во Avalon music & ticket store во ГТЦ, продажните места во мрежата на Авалон низ земјава и онлајн на avalon.mk, по следниве цени и категории: ПАРТЕР – 1.500 денари, ФАН ПИТ – 1.990 денари (само 1000 влезници во продажба). Продажба на влезници ќе врши и тикет сервисот Евентим -Бугарија, со оглед на тоа дека „Пласибо“ нема да настапува во соседна Бугарија. АРМ стадионот ќе биде адаптиран на капацитет од 6000 посетители, а специјалните гости на „Пласибо“ ќе бидат дополнително објавени.