Пластичниот отпад под трговска контрола

Расте поддршката за контрола на пластичниот отпад во Меѓународниот трговски договор, а предложено е и Глобално партнерство за акција против пластичниот отпад.

0
339
Деца собираат пластични шишиња за вода меѓу ѓубрето исфрлено на брегот на Манила на Филипините. Copyright AFP.

Единаесеттиот состанок на Отворената работна група на Базелската конвенција, единствениот светски меѓународен договор за контрола на отпадот, кој се одржа на 6 септември во Женева, Швајцарија, заврши со широко распространета и растечка поддршка за предлогот на Норвешка за додавање на пластичниот отпад на листата на отпад што е предмет на трговските контроли според конвенцијата. Предлогот се смета за клучен механизам за запирање на плимата од морски остатоци и пластичен отпад. Пластичниот отпад ќе се додаде во Анекс II, список на отпадоци за „посебно разгледување“ според Конвенцијата, за што се бара известување од земјите извознички и согласност од земјите увознички пред извозот.

Како резултат на растечкиот обем на пластичен отпад кој сега се произведува и новата забрана за увоз на пластичен отпад во Кина, пластичниот отпад, главно од Европа, Јапонија и Северна Америка, сега се префрла на глобалниот пазар и пристигнува во пристаништата на земји, како што се Тајланд, Малезија, Виетнам и Индонезија, во алармантни количини. Пластичниот отпад често се контаминира и меша на начин што го прави тешко или невозможно рециклирањето и на тој начин завршува на депонии или се пали на отворено во земјите-приматели, создавајќи токсични емисии и загадување на копно и на море. До јуни Тајланд веќе заплени 30.000 контејнери со пластичен отпад во нивните пристаништа оваа година и беше принуден да наметне итна забрана за увоз.

„Југоисточна Азија е веќе погодена од цунами од пластичен отпад“, рече Вон Хернандез, глобален координатор на Движењето „Да се ослободиме од пластиката“(Break Free from Plastic). „Норвешкиот предлог за ставање на пластичниот отпад под Базелска контрола ќе претставува значаен прв чекор за заштита на Југоисточна Азија и земјите во развој насекаде да станат канти за отпад на развиениот свет“.

Многу земји изразија поддршка за норвешкиот предлог на состанокот, вклучувајќи ги: Кина, Конго, Демократска Република Конго, Ел Салвадор, Гана, Индонезија, Кенија, Либија, Малдиви, Малезија, Намибија, Нигер, Нигерија, Панама, Сенегал, Јужна Африка, Палестина, Швајцарија, Того, Тунис и Уругвај.

Иако имаше широка поддршка за предлогот, некои актери, вклучувајќи ги ЕУ, Канада, Јапонија и Австралија, сакаат да го блокираат, одложат или разводнат предлогот.

„Сериозноста на проблемот со пластичното загадување и неговото влијание врз човековото здравје и животната средина се непобитни и бараат итна акција. Не можеме да дозволиме неколку земји или индустриски сектори да ја спречат многу потребната и всушност задоцнета акција од глобалната заедница“, вели Дејвид Азулеј, виш адвокат на Центарот за меѓународно право за животна средина (CIEL).

Од средбата, исто така, се препорачува создавање на глобално партнерство со повеќе чинители за минимизирање на пластичниот отпад. Двата предлози (партнерство и трговска контрола) ќе бидат доставени до 14-тата конференција на страните на Базелската конвенција за одлука во април 2019 година.

„Базелската конвенција е уникатно позиционирана да преземе водечка улога во задушувањето на напливот на пластичен отпад кој сега ја зафаќа целата планета“, рече Џим Пукет, директор на Базелската акциска мрежа (BAN). „Тие можат да го направат тоа не само со контролирање на несаканата трговија, туку со промовирање чекори за минимизирање на производството за еднократна употреба и други неодржливи пластични производи. Ние сме воодушевени што оваа недела на состанокот јасно се сигнализираше вртење на плимата“.