Забрана за употреба на пластично пакување за еднократна употреба во заштитените подрачја ќе стапи на сила од први декември, а надоместок од 15 денари за биоразградливи кеси ќе мора да биде евидентиран и пренесен во посебен фонд на Министерството за животната средина и просторно планирање. Ова беа дел од новите закони за управување со отпад кои денеска на заедничка прес-конференција ги презентираа премиерот Зоран Заев и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Законите се целосно усогласени со пропишаните стандарди на Европската Унија и со нивна примена не само што ќе се подобри заштитата на животна средина и здравјето на луѓето, туку ќе се имплементираат и принципите на циркуларната економија. Законската рамка и Националниот план за управување со отпад 2021-2031 детално го уредуваат собирањето, транспортот, селектирањето, рециклирањето на отпадот, како и неговиот третман и искористување, но и одговорностите на сите чинители вклучувајќи ги и единиците на локална самоуправа.
„Должни сме и кон идните генерации, да го решиме овој горлив проблем кој се таложел со декади, и да го прекинеме синџирот на лошо управување со отпад. Така ќе постигнеме дома да ни биде чисто, а на идните генерации да им оставиме здрава животна средина“, порача премиерот Зоран Заев.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини истакна дека покрај регулативата, мора да се создаде и регионалниот систем со базична инфраструктура доколку сакаме конечно разрешување на ова прашање.
„Како Министерство и Влада, скроивме план како да го поддржиме обезбедувањето на таа инфраструктура. Ние напорно работиме на инвестициите во остварување на функционалноста на регионалниот систем за управување со отпадот преку центрите за развој, обезбедување на собирни места и места за селекција, изградба на стандардизирана инфраструктура со трансфер станици и регионални депонии, како и чистење и затворање на сите нестандардизирани односно диви депонии. Ова е нашиот пат за современо и европско управување со отпадот и здрава животна средина, и го поканувам приватниот сектор и граѓаните, да бидат наши партнери во остварувањето на оваа заедничка цел“, порача министерот Нуредини.
Тој подвлече дека во однос на посебните фракции на отпадот, односно за справување со она со што граѓаните се соочуваат најмногу – пластичното пакување, предвидена е забрана за нивна употреба која ќе стапи на сила од први декември, а надоместок од 15 денари за биоразградливи кеси ќе мора да биде евидентиран и пренесен во посебен фонд на Министерството за животната средина и просторно планирање. Исто така од први декември за првпат се воведува и забрана за употреба на пластично пакување за еднократна употреба во заштитените подрачја.
Министерот Нуредини ги посочи проектот на Макстил и ГИМ за употреба на троската како секундарна суровина во градежништвото и формирањето на социјални претпријатија на секундарни собирачи на отпад РЕДИ Рециклажа, како исклучително добри примери. Праксата покажа дека зацртаните политики се применливи, дека овозможуваат иновации, технолошки и индустриски развој и дека со промена на третманот на отпадот можеме да добиеме корисна секундарна суровина, да го намaлиме притисокот врз животната средина и да обезбедиме економски бенефит. А.Р.