И додека сите очи се вперени во претстојниот Самит за пластика, а кој за неколку недели почнува во Бусан, Јужна Кореја, а каде се очекува усвојување на Меѓународен договор за (не)употреба на пластиката или нејзина контролирана употреба, темите за штетноста од отпадот од пластика не престануваат да не бомбардираат.
Се проценува дека денес на пазарот постојат околу 350.000 различни хемиски производи, а големи количества од нив завршуваат во животната средина, надминувајќи ги границите на безбедност за човештвото и планетата. Ова укажува на итна потреба за воведување строги ограничувања во нивното производство, заклучуваат научниците.
Според последната студија објавена од истражувачите од Стокхолмскиот центар за отпорност, пластичниот и хемискиот отпад достигнал критични нивоа и почнал да влијае на основните функции на планетата и нејзините системи. Ова истражување беше објавено пред една година, во пресрет на конференцијата на ОН во Најроби, на која се дискутираше за борбата против загадувањето со пластика „од изворот до морето“.
Пластиката и хемикалиите имаат штетно влијание врз биолошката разновидност, предизвикувајќи дополнителен стрес на веќе загрозените екосистеми. Пестицидите, на пример, убиваат организми ненационално, додека пластиката завршува во телата на живите суштества. Одредени хемикалии го нарушуваат хормоналниот систем, растот, метаболизмот и репродукцијата на дивите животни, вели научничката Бетани Карни Алмрот од Универзитетот Гетеборг.
И покрај напорите за намалување на испуштањето штетни супстанци, научниците сега повикуваат на радикални мерки, како што се воведување фиксни ограничувања во производството. Моментално се рециклира помалку од 10 проценти од светската пластика, иако од 2000 година производството се удвои на 367 милиони тони.
Студиите покажуваат дека тежината на пластиката на Земјата е четири пати поголема од биомасата на сите живи цицачи. „Време е да кажеме: ‘Доста е, премногу е премногу’“, предупредуваат шведските истражувачи. Тие сугерираат дека е неопходно да се воведат фиксни ограничувања во производството за да се спречи натамошно загадување.
Новите ентитети, како што се пластиката, антибиотиците, пестицидите и металите, се закана за животната средина. Овие вештачки хемиски производи не се природни, а нивните долгорочни последици се уште не се целосно разбрани.
Научниците повикуваат на итни и амбициозни меѓународни акции за намалување на производството и подобрување на управувањето со отпадот, со цел заштита на Земјиниот екосистем и одржување на планетарната стабилност.
Н.Доковска